(продолжува од претходниот ден) Следните векови сведочеле за постојано зголемување на заблудите што ги ширел Рим. Уште пред да се издигне папството, науката на незнабожечките филозофи била ценета и имала влијание врз црквата. Мнозина, привидно преобратени, сè уште се придржувале кон начелата на незнабожечката филозофија и не само што продолжиле да ја проучуваат, туку и им ја наметнувале на другите како средство за ширење на нејзиното влијание меѓу незнабошците. Во христијанската вера се вовлекле сериозни заблуди. Една од главните заблуди е верувањето во човекова вродена бесмртност и во негова свесна состојба по смртта. Ова учење е темел на кој Рим го издигнал култот на светците и обожавањето на дева Марија. Оттаму произлегло лажното учење за вечни маки на непокајаните, кое рано се вовлекло во папското верување.

Со ова бил приготвен патот за воведување на уште една незнабожечка измислица што Рим ја нарекол чистилиште и ја употребувал да го заплашува лековерното и суеверно мноштво. Ова лажно учење тврди дека постои едно место на маки каде што се мачат душите на оние што не заслужиле вечна пропаст, каде што треба да претрпат казна за своите гревови, и од кое, кога ќе се исчистат од својата порочност, ќе бидат примени на небото.

На Рим му била потребна уште една измислица за да се користи со стравот и со гревовите на своите следбеници. Тоа е науката за проштавање на гревовите со помош на прошталници (опросници). Целосно проштавање на минатите, на сегашните и на идните гревови и ослободување од сите маки и заслужени казни им е ветено на оние што ќе учествуваат во војните на врховниот свештеник за да се прошири неговата власт, во казнувањето на неговите непријатели и во истребувањето на сите што би се осмелиле да ја негираат неговата духовна превласт. Луѓето биле поучувани дека можат да бидат ослободени од гревовите со давање пари на црквата, а на ист начин можат да се ослободат душите на умрените пријатели што се мачат во огнот на чистилиштето. Така Рим ги полнел своите каси и ги зголемувал раскошот, сјајот и порокот на таканаречените претставници на Оној кој немал каде да ја засолни главата (види: Додаток).

Библиската уредба за Вечерата Господова е заменета со идолопоклоничката жртва ­ миса. Папските свештеници изјавувале дека со своето неразбирливо мрморење, обичниот леб и вино ги претвораат во вистинско „Христово тело и крв“ (Cardinal Wiseman, The Real Presence of the Body and Blood of Our Lord Jesus Christ in the Blessed Eucharist, Proved From Scripture, lecture 8, sec. 3, par. 26). Со богохулна дрскост тврделе дека можат „да го создадат“ Бога, семожниот Творец. Од христијаните се барало, под закана на смртна казна, да веруваат во ова страшно кривоверство, што е хула против Бога. Мнозина што го отфрлиле тоа биле осудени на смрт на ломача.

Во тринаесеттиот век е воведена таканаречената инквизиција, едно од најужасните папски орудија. Тука кнезот на темнината работел заедно со водачите на папската хиерархија. На нивните тајни седници сатаната и неговите ангели управувале со умовите на овие зли луѓе, додека среде нив стоел невидлив Божји ангел, кој ги бележел ужасните заклучоци и нивните безбожни одлуки и ја пишувал историјата на делата што биле премногу страшни за да можат да се изнесат пред човечките очи. „Големиот Вавилон се опивал со крвта на светите.“ Масакрираните тела и крвта на овие маченици пекале пред Бога за одмазда над оваа отпадничка сила.

Папството станало светски тиран. Кралевите и царевите се клањале пред одлуките на римскиот епископ. Сегашната и вечната судбина на луѓето се чинело како да е во негова власт. Стотици години учењето на Рим било безусловно и општо прифатено, неговите обреди извршувани со почит, а празниците насекаде празнувани. Неговото свештенство е почитувано и великодушно потпирано. Никогаш подоцна Римската црква не постигнала поголема чест, сјај и моќ .

Но „зенитот на папството бил полноќ за светот“ (J. A. Wylie, The Histors of Protenstantisam, b. 1, cx. 4). Светото писмо му било непознато не само на народот, туку и на свештениците. Слично на некогашните фарисеи, папските водачи ја мразеле светлината што би ги открила нивните гревови. Бидејќи го отстраниле Божјиот закон, мерилото на правдата, си присвоиле неограничена моќ и се оддавале на незауздан разврат. Насекаде преовладувале измама, лакомство и порок. Луѓето не се воздржувале од никакво злосторство само ако со негова помош би можеле да се доберат до богатство и положба. Палатите на папите и епископите биле место на најлош разврат. Некои папи се оддале на толку ниски злосторства, што световните владетели се обиделе да ги соборат овие црковни великодостојници како страшни чудовишта што не можат да се поднесуваат. Со векови Европа не постигнала никаков напредок во науката, во уметноста и цивилизацијата. Христијанството било погодено со морална и интелектуална парализа.

Положбата во светот под римската власт претставувала страшна и поразна потврда на зборовите на пророкот Осија: „Мојот народ гине: нема знаење; бидејќи ти го отфрли знаењето, и јас те отфрлам тебе од моето свештенство; го заборави законот на својот Бог, и јас ќе ги заборавам твоите синови.“ „Нема веќе верност, нема љубов, нема Божје знаење во земјата, туку клетва и лага, убивање и кражби, прељуба и насилство, една крв следи друга“ (Осија 4,6.1.2). Такви биле последиците од отфрлањето на Божјата реч.

 

Pin It on Pinterest