(продолжува од претходниот ден) Иако завладеал порок дури и меѓу водачите на Римската црква, сепак, нејзиното влијание сè повеќе растело. При крајот на осмиот век следбениците на папата тврделе дека римските епископи во првите векови имале иста духовна власт што сега си ја присвоиле себеси папите. За да му дадат на ова тврдење изглед на вистина, морале да најдат средства со кои ќе го постигнат тоа; таткото на лагата се погрижил за тоа. Калуѓерите измислиле лажни стари ракописи. Откриени се до тогаш непознати декрети на црковните собори кои ја докажувале светската врховна власт на папата уште од најраните времиња. А црквата, која што ја отфрлила вистината, одушевено ја прифатила оваа лага.

Малечкиот број верници, кои својата вера ја ѕидале врз вистинскиот темел, биле збунети и несигурни, зашто ѓубриштето на лажното учење го пречело нивното дело. Слично на градителите на ерусалимските ѕидови во времето на Немија, некои биле готови да кажат: „Се намали силата на носачите, а земја од урнатото има многу; не можеме да го градиме ѕидот“ (Немија 4,10). Уморни од постојаните борби поврзани со гонењето, измамите, неправдите и со сите други пречки што ги измислил сатаната за да го запре нивниот напредок, некои од верните градители се обесхрабриле; за љубов на мирот и сигурноста на својот живот и на својот имот, тие го напуштале вистинскиот темел. Други пак, смели пред поплавите на непријателот, храбро говореле: „Не плашете се од нив; помнете го великиот и страшен Господ“, и ја продолжиле работата, секој опашан со својот меч (Немија 4,14; Ефесците 6,17).

Истиот дух на омраза и противење кон вистината во секое време ги инспирирал Божјите непријатели, а од неговите следбеници се барала иста будност и верност. Христовите зборови, упатени на апостолите, важат и за неговите следбеници во последно време: „А она што ви го зборувам вам, на сите им го зборувам: бдејте!“ (Марко 13,37).

Се чинело дека темнината станува сè погуста. Обожавањето на слики станало нешто вообичаено. Пред сликите се палеле свеќи и ним им се упатувале молитви. Преовладувале најнеразумни и најсуеверни обичаи. Човечките мисли во толкава мера биле проникнати со суеверие и со празноверие, што изгледало дека и разумот ја загубил својата моќ . Бидејќи свештениците и епископите се оддале на уживања и биле похотни и расипани, зар можело да се очекува нешто друго освен и самиот народ, што го воделе тие, да падне длабоко во незнаење и порок.

Друг чекор на папската честољубивост е направен во единаесеттиот век кога папата Гргур VII прогласил непогрешност, совршенство на Римската црква. Меѓу другото, изјавил дека, според Светото писмо, црквата никогаш не згрешила ниту ќе згреши. Но ова тврдење не било поткрепено со докази од Светото писмо. Горделивиот понтифекс исто така објавил дека има власт да ги соборува царевите, дека ниедна пресуда што ќе ја донесе тој никој не може да ја поништи, а дека тој има право да ги поништи пресудите на сите други.

Бележит пример на тиранскиот карактер на овој застапник на непогрешност е неговата постапка со германскиот цар Хенрик IV. Бидејќи се осмелил да не го почитува папскиот авторитет, овој владетел е исклучен од црквата и лишен од престолот. Уплашен од однесувањето и од заканите на своите кнезови, што ги охрабрил папата да се побунат против својот господар, царот увидел дека мора да се помири со Рим. Среде зима ги преминал Алпите во придружба на својата сопруга и на еден верен слуга за да се понизи пред папата. Кога дошол до дворецот во кој се наоѓал папата, го вовеле без неговата придружба во едно надворешно двориште, и таму, изложен на силен студ, гологлав и бос, облечен во скудна облека, очекувал дозвола од папата да излезе пред него. Дури по три дена пост и каење папата се согласил да му прости. Па и тоа го сторил под услов царот да чека посебно папско одобрение пред да се украси со одличијата на царското достоинство и да почне да ја врши царската власт. Надуен со својот успех, Гргур се фалел дека негова должност е да ја понижува гордоста на царевите.

Колкава бележита разлика меѓу дрската горделивост на овој надуен понтифекс и кроткиот и благ Христос, кој се прикажал себеси како стои пред вратата на срцето и моли да влезе, да донесе проштавање и мир и кој ги учел своите ученици: „Кој сака да биде прв меѓу вас, нека ви биде слуга“ (Матеј 20,27). (продолжува)

Pin It on Pinterest