Во своето второ послание до Солуњаните апостол Павле преткажал голем отпад од верата што ќе доведе до воспоставување на папска власт. Тој рекол дека Христос нема да дојде „додека прво не настане отпад и не се појави човек на беззаконието, син на пропаста, кој се противи и се воздига над сè што се нарекува Бог или светиња, така што ќе седне во Божјиот храм и ќе се претставува себеси дека тој е Бог.“ Понатаму апостолот ги предупредува своите браќа дека „тајната на беззаконието веќе ја покажува својата сила“ (2. Солуњаните 2,3.4.7). Уште во тоа време апостолот видел како во црквата се вовлекува заблуда што ќе го подготви патот за развиток на папството.

Тајната на беззаконието се развивала малку по малку, прво крадешкум и тивко, а кога се засилила и задобила власт над човечките умови, сè поотворено го покажувала своето лажно и богохулно дело. Во црквата речиси неусетно се вовлекле незнабожечките обичаи. Големите прогонства што ги поднесувала црквата од страна на незнабоштвото помогнале извесно време да се потисне духот на компромис со светот и да се запре приближувањето кон него. Но, кога гонењето престанало и христијанството влегло во царските дворови и палати, тогаш тоа својата скромна Христова и апостолска едноставност ја заменило со сјајот и со гордоста на незнабожечките свештеници и владетели. На местото на Божјите барања тоа вовело човечки теории и традиции. Привидното преобрќање на Константина, во почетокот на 4 век, предизвикало голема радост; но со тоа светот влегол во црквата прикриен под плаштот на праведноста. Расипаноста бргу напредувала. Незнабоштвото, навидум победено, всушност станало победник. Неговиот дух завладеал со црквата. Неговата наука, церемониите и суеверието се вовлекле во верата и во богослужението на оние што тврделе дека се Христови следбеници.

Како последица на овој компромис меѓу незнабоштвото и христијанството се појавил „човек на беззаконието“, кој во пророштвото е преткажан како оној што ќе се противи и ќе се издигнува над Бога. Овој огромен систем на лажна религија е ремек ­дело на сатанската сила,­ споменик на неговите настојувања да седне на престолот и да управува со земјата по своја волја.

Сатаната еднаш се обидел да направи компромис со Христа. Му пристапил на Божјиот Син во пустината на искушението и, покажувајќи му ги сите светски царства и нивната слава, предложил сето тоа да му го даде нему ако Христос му признае врховна власт нему, ­на кнезот на темнината. Христос го укорил дрскиот искушувач и го присилил да се оддалечи. Но сатаната имал поголем успех кога со истото искушение му пристапил на човекот. За да си обезбеди себеси световни богатства и почести, црквата почнала да бара наклоност и поддршка од земните авторитети, со што го отфрлила Христа и му ветила покорност на претставникот на сатаната­ на римскиот епископ.

Едно од главните учења на Римската црква ­- папата е видлива глава на сеопштата Христова црква, и тој има врховна власт над епископите и свештениците на сите делови на светот. Уште повеќе, на папата му се припишани и божествени титули! Наречен е „Господ Бог Папа“, и прогласен е за непогрешлив. Тој бара да му се клањаат сите луѓе. Истото барање што го изнел сатаната во пустината на искушението, продолжува да го изнесува преку Римската црква, и голем број луѓе се готови да му се поклонат.

Но, оние што се бојат од Бога и го почитуваат, ќе го отфрлат овој дрзок предлог со истите зборови со кои Христос го одбил обидот на подмолниот непријател: „Поклонувај му се на својот Господ Бог и само нему служи му“ (Лука 4,8).

Бог никаде во својата Реч не напомнал дека кој и да е човек ќе го постави за глава на својата црква. Науката за папска превласт е спротивна на науката на Светото писмо. Папата не може да има власт во Христовата црква, освен ако ја присвои противзаконито.

Римската црква упорно ги обвинува протестантите поради „кривоверство“, и им префрла дека намерно се одвоиле од вистинската црква. Но ова обвинување прво може да се примени на самата Римска црква. Таа го обесчестила Христовото знаме и отстапила од вистинската вера „која еднаш засекогаш им е предадена на светите“ (Јуда 3).

Сатаната добро знаел дека Светото писмо ќе им овозможи на луѓето да ги запознаат неговите измами и да ѝ се противстават на неговата сила. Лично Спасителот на светот им се противставил на сатанските напади со помош на Светото писмо. Секој напад Христос го пречекал со штитот на вечната вистина, велејќи: „Пишано е!“ На секое наговарање на непријателот му ги противставил мудроста и силата на Божјата реч. (продолжува)

Pin It on Pinterest