(продолжува од претходниот ден) Тој си спомнува за татковината на својата невиност и чистота, за мирот и задоволството што ги имал додека не почнал да мрмори против Бога и да му завидува на Христа. Неговите обвинувања, неговиот бунт и неговите измами за да добие сочувство и поддршкаод ангелите, неговата упорна тврдоглавост да преземе нешто за да ја поправи грешката кога Бог сакал да му прости сето тоа живо излегува пред него. Тој ги гледа наназад своите активности меѓу луѓето и неговите последици: непријателството на човекот кон својот ближен, страшното уништување на животите, подемот и пропаѓањето на царствата, уривањето на престолите, безбројните востанија, борби и револуции. Си спомнува за своите постојани напори да му се противстави на Христовото дело и светот сè подлабоко да го струполува во грев. Увидува дека неговите пеколни напади да ги уништи оние што му се предале на Христа биле безуспешни. Додека го посматра подрачјето на своето царство и плодовите на својот труд, гледа само неуспех и пропаст. Тој го завел ова мноштво да верува дека Божјиот град лесно ќе се освои, но знае дека тоа не е вистина. Постојано и секогаш во текот на големата борба бил победуван и присилуван на повлекување. Тој премногу добро ја познава моќта и величеството на Вечниот.

Големиот бунтовник секогаш се трудел самиот да се оправда и да докаже дека божествената управа го предизвикала бунтот. За таа цел ги употребил сите сили на својот силен ум. Работел промислено, систематски и со голем успех, заведувајќи големи маси да го прифатат неговото објаснување за големата борба што траела толку долго. Илјадници години овој водач на заговорот подметнувал заблуда на местото на вистината. Но сега дошло времето бунтот конечно да се скрши, а историјата и карактерот на сатаната да се откријат. Во својот последен голем напор да го собори Христа од престолот, да го уништи неговиот народ и да го заземе Божјиот град, големиот измамник е наполно разобличен. Оние што се здружиле со него го увидуваат целосниот неуспех на неговиот потфат. Христовите следбеници и верните ангели ја сфаќаат вистинската смисла на неговите лукави подметнувања против Божјето владеење, и тој сега е предмет на општ презир.

Сатаната увидува дека неговиот самоволен бунт го онеспособил за небото. Тој ги вежбал своите сили за војна против Бога. Небесната чистота, мир и единство сега за него би биле најголемо мачење. Неговите обвинувања против Божјата милост и праведност сега се замолкнати. Срамот што се обидел да го префрли врз Господа во целост паднал врз него. Затоа ја признава својата осуда.

„Кој не ќе се бои од тебе, Господе, и не ќе го прослави твоето име? Зашто само ти си свет; сите народи ќе дојдат и ќе се поклонат пред тебе, зашто се покажаа твоите праведни судови“ (Откровение 15,4). Сега е разјаснето секое прашање за вистината и заблудата што биле предмет на толку долгата борба. Последиците на бунтот, плодовите на престапувањето на божествените прописи, сега се изнесени на показ пред сите создадени суштества. Влијанието на власта на сатаната, кој му се противел на Божјето владеење, е прикажано пред целата вселена. Сатаната го осудиле неговите сопствени дела. Божјата мудрост, неговата праведност и добрина, сега се наполно оправдани. Сега јасно се гледа дека сите негови потфати во големата борба биле сторени во интерес на вечно добро на неговиот народ и на сите светови што ги создал. „Ќе те слават, Господе, сите твои дела, ќе те возвишуваат сите твои свети“ (Псалм 145,10). Историјата на гревот низ сета вечност ќе стои како сведок дека среќата на сите Божји созданија е врзана за постоењето на Божјиот закон. Имајќи ги пред очи сите факти на големата борба, целата вселена како оние што му останале верни, така и оние што паднале едногласно извикнува: „Праведни и вистинити се твоите патишта, Цару на народите“ (Откровение 15,3).

На целиот универзум јасно ќе му биде прикажана големата жртва што ја принеле Отецот и Синот заради човекот. Настапил часот Христос да го зазема своето вистинско место и да биде прославен повеќе од секое поглаварство и власт и од секое друго име. Тој издржал крст и поднел срам само заради радоста што му била ветена дека многу синови ќе доведе во славата. Иако болката и срамот биле несфатливо големи, сепак, радоста и славата биле уште поголеми. Тој ги посматра откупените кои се обновени, слични на него, чиишто срца носат совршен отпечаток на божественото, и секое лице го одразува ликот на својот Цар. Тој во нив го гледа плодот на трудот на својата душа и е задоволен. Тогаш, со глас што го слушаат сите праведници и огромната маса безбожници, објавува: „Еве го откупот на мојата крв! За нив платив, за нив умрев за тие да можат вечно да живеат во моја близина.“ И од грлата на мноштвото во бела облека околу престолот се издигнува похвална песна: „Достојно е Јагнето кое беше заклано да прими моќ , богатство, мудрост, сила, чест, слава и благослов“ (Откровение 5,12).

Pin It on Pinterest