(продолува од претходниот ден) Трудот бил успешен. Кога Госен им се обраќал на децата, доаѓале и постари луѓе да го слушаат. Галериите на неговата црква биле полни со внимателни слушатели. Меѓу нив имало и учени и угледни, како и странци кои ја посетувале Женева; преку нив веста е однесена во други краишта.

Охрабрен со овој успех, Госен ги печател своите поуки со надеж дека во црковните окрузи, каде што се зборува француски, ќе поттикне проучување на пророчките книги. Тој кажува: „Со објавувањето на поуките што им се даваат на децата ние им кажуваме на возрасните, кои ги занемаруваат тие книги под лажен изговор дека се неразбирливи: Како можат да бидат неразбирливи, кога ги разбираат вашите деца?„ “Имам голема желба“, додава тој, „познавањето на пророштвата, по можност, да го сторам општа појава во нашите црковни заедници. Ми се чини дека нема проучување што подобро би одговарало на потребите на нашето време. Со него мораме да се приготвиме за претстојната неволја и да го чекаме Исуса Христа.“

Иако Госен бил еден од најистакнатите и најомилените проповедници на француски јазик, сепак, по извесно време тој е разрешен од својата должност, а како причина е наведено тоа што при своето поучување на младите ја употребувал Библијата наместо црковниот катихизис, една здодевна и рационалистичка книга, која е речиси без никаква позитивна вера. Подоцна станал професор во едно теолошко училиште, додека по неделите продолжил да работи со децата, поучувајќи ги од Светото писмо. Неговите дела за пророштвата разбудиле голем интерес. Преку својата катедра како наставник, со печатената реч и со своето најомилено занимање како учител на децата со години вршел силно влијание и бил орудие со кое вниманието на многу луѓе било свртено кон проучување на пророштвата што покажувале дека Господовото доаѓање е близу.

И во Скандинавија била проповедана веста за второто Христово доаѓање и разбудила голем интерес. Мнозина биле поткренати од својата небрежна сигурност да ги признаат своите гревови и да ги напуштат и во Христово име да бараат проштавање. Но свештенството на државната црква му се противставило на движењето и со нивно настојување некои што ја проповедале веста биле затворени. Во многу места, каде што проповедниците на скорашното Христово доаѓање на овој начин биле замолкнати, Бог решил веста да ја објави на еден необичен начин – преку децата. Бидејќи биле уште малолетни, државните закони не можеле да ги ограничуваат и тие можеле непречено да зборуваат.

Движењето се ширело особено меѓу пониските сталежи. Во скромните станови на работниците се собирал народ да ги слушне опомените. И мнозинството деца-проповедници биле жители на сиромашни куќички. Некои од нив не биле постари од шест до осум години, и додека нивниот живот покажувал дека го љубат Спасителот и дека сакаат да бидат послушни на светите Божји прописи, нивниот општ изглед покажувал само обичен разум на деца од нивна возраст и ништо повеќе од обични детски способности. Но кога стоеле пред луѓето, било очигледно дека биле водени од влијание што ги надминувало нивните природни способности. Нивниот глас и целото нивно битие би се измениле, и со свечена сила ја објавувале веста за судот, служејќи се притоа точно со зборовите на Светото писмо: „Бојте се од Бога и подајте му слава зашто дојде часот на неговиот суд.“ Ги укорувале гревовите на народот осудувајќи го не само развратот и пороците, туку и неверството и желбата за световен живот, повикувајќи ги своите слушатели да се покаат за да го избегнат идниот гнев.

Народот ги слушал тресејќи се. На нивните срца им зборувал Божјиот Дух. Мнозина биле побудени со нова и подлабока ревност да го проучуваат Светото писмо. Неумерените и неморалните почнале нов живот; други се откажале од своите нечесни навики и извршено е толку необично дело, што и проповедниците на државната црква морале да признаат дека ова движење го води Божјата рака.

Божја волја била гласот за доаѓањето на Спасителот да се рашири низ скандинавските земји, а кога неговите слуги биле замолкнати, Бог го излеал својот Дух врз децата за да го завршат тоа дело. Кога Исус се приближувал кон Ерусалим, придружуван од народот кој со радосни извици и мафтајќи со палмови гранки триумфирал и го поздравувал како Давидов син, зависливите фарисеи барале од него да му заповеда на народот да молчи. Но Исус им одговорил дека со тоа се исполнува пророштвото, и ако замолкнат тие, ќе проговорат камењата. Народот, заплашен со заканите на свештениците и старешините, престанал да ја искажува својата радост кога поминувал низ портите на Ерусалим, но децата во предворјето на храмот продолжиле да се радуваат и да пеат мафтајќи со палмови гранки: „Осана на синот Давидов!“ (продолжува)

Pin It on Pinterest