(продолжува од претходниот ден) Кога фарисеите со гнев му рекле: „Слушаш ли што зборуваат овие?“, Исус одговорил: „Да, зар никогаш не сте прочитале: ‘Од устата на децата и доенчињата си приготви пофалба?’“ (Матеј 21,8­16). Како што сторил Бог со децата во времето на првото Христово доаѓање, така и сега со нив се послужил да ја објави веста за второто Христово доаѓање. Божјата реч, дека веста за доаѓањето на Спасителот ќе им биде објавена на сите народи, племињаи јазици, се исполнила.

На Вилијама Милера и на неговите соработници им беше доверена задача веста, опомената, да ја објават во Америка. Оваа земја стана средиште на големото адвентно движење. Овде директно се исполни пророштвото на првата ангелска вест. Милеровите списи и списите на неговите другари беа однесени во најоддалечените земји. Каде и да пристигнаа мисионери, беше објавена и радосната вест за скорашното Христово доаѓање. На сите страни се ширеше веста на вечното евангелие: „Бојте се од Бога и подајте му слава, зашто дојде часот на неговиот суд.“

Сведоштвото на пророштвото што упатуваше, како што се чинеше тогаш, на второто Христово доаѓање на пролетта 1844 година, остави длабок впечаток врз современиците. Како веста се ширеше од држава во држава, насекаде настануваше големо будење. Мнозина беа осведочени дека доказите, засновани на пророчкото сметање на времето, се исправни и, напуштајќи ги своите лични мислења, со радост ја прифаќаа вистината. Некои проповедници ги отфрлија своите тесногради погледи и чувства, се откажаа од своите плати и од своите цркви и се соединија во објавувањето на повторното Исусово доаѓање. Но сразмерно малку беа проповедниците што ја прифатија оваа вест; затоа таа во поголема мера им беше доверена на понизните лаици. Земјоделците ги напуштаа своите полиња, занаетчиите своите работилници, трговците својата стока, службениците своите положби; сепак, бројот на работниците беше недоволен во однос на делото што требаше да се изврши. Состојбата во која се наоѓаше безбожната црква и светот потонат во зло ги тиштеа душите на верните стражари и тие доброволно поднесуваа неволји, страдања и скудност за да можат да ги повикаат луѓето на покајание и спасение. Иако сатаната им се противеше, делото сепак постојано напредуваше, а вистината за повторното Христово доаѓање ја прифатија многу илјадници.

Насекаде се објавуваше сериозна вест што ги предупредуваше грешниците, световните луѓе и членовите на разни цркви да го избегнат идниот гнев. Како Христовиот преттеча, Јован Крстителот, проповедниците ја полагаа секирата на коренот на дрвото, барајќи од сите да донесат вистински плодови на покајание. Нивните трогателни повици беа видна спротивност на уверувањата за мир и сигурност што се слушаа од проповедалните на званичните цркви. Каде и да се проповедаше веста, народот беше поткренат. Едноставното и непосредно сведоштво на Светото писмо, придружувано со сила на Светиот Дух, беше толку силно што ретко кој можеше да му се противстави. Христијаните по име беа изместени од својата лажна сигурност. Го увидоа својот отпад од верата, својата љубов кон светот и неверството, својата гордост и себичност. Мнозина го бараа Господа со покајание и понизност. Склоноста што ја покажуваа кон земните работи сега ја насочија кон небото. Врз нив почиваше Божјиот Дух и со скршено и понизно срце се соединија во извикот: „Бојте се од Бога и подајте му слава, зашто дојде часот на неговиот суд!“

Грешниците плачејќи се прашуваа: „Што треба да правам за да се спасам?“ Оние, чијшто живот не беше чесен, настојуваа да ја поправат својата неправда. Сите што најдоа мир во Христа, копнееја своите благослови да ги поделат со другите. Срцата на родителите се обраќаа кон нивните деца, а срцата на децата кон родителите. Оградите на гордоста и непристапноста беа отстранети. Се слушаа искрени признавања, а членовите на семејствата се трудеа околу спасението на оние што им беа најблиски и најмили. Често се слушаа сериозни молитви за други. Секаде душите во голем страв се бореа со Бога. Мнозина се молеа цели ноќ и за доказ дека гревовите им се простени или за преобраќање на своите роднини и соседи.

Луѓе од сите слоеви брзаа на предавањата што ги одржуваа чекателите на Христовото доаѓање. Богати и сиромаси, големи и мали, од различни причини сакаа да ја слушнат науката за Христовото доаѓање. Господ го задржуваше духот на отпорот кога неговите слуги ги изнесуваа основите на својата вера. Често орудието беше слабо, но Божјиот Дух на вистината ѝ даваше сила. На овие собири се чувствуваше присуство на светите ангели и секој ден мноштво се придружуваше кон верните. Кога беа повторувани доказите за скорашното Христово доаѓање, големо мноштво, мирно и без здив, ги слушаше тие свечени зборови. Се чинеше дека небото и земјата меѓусебно се приближија. Божјата моќ ја чувствуваа и младите и старите, и оние од средни години. Луѓето се враќаа дома со фалбоспев на усните и низ тивкиот ноќен воздух се разлеваше радосен глас. Никој од оние што присуствуваа на овие собири не можеше да ги заборави оние толку значајни сцени. (продолжува)

Pin It on Pinterest