(продолжува од претходниот ден) За миг целиот собор занемел од изненадување. При својот прв одговор пред соборот Лутер зборувал тивко, смирено и речиси со покорен глас. Римокатолиците тоа го сметале како доказ дека неговата храброст почнала да се колеба. Неговата молба за одлагање на расправата ја сметале како предзнак за негово откажување. Посматрајќи ја наведената става на Лутера, неговото понизно држење и неговата едноставна облека, царот рекол полугласно и со презир: „Тој калуѓер никогаш нема да ме стори еретик.“ Но Лутеровата храброст и решителност, како и силата и јасноста на неговото докажување, предизвикале восхит кај сите партии. Царот одушевено извикнал: „Овој калуѓер зборува со бестрашно срце и со непоколеблива храброст.“ Многу германски кнезови се гордееле и со задоволство го гледале тој претставник на нивниот народ.

Пријателите на Рим биле поразени; нивното дело се нашло во мошне неповолна светлина. Тие настојувале да ја задржат својата власт не со докази од Светото писмо, туку со закани, со тие вообичаени аргументи на Рим. Говорникот на државниот собор рекол: „Ако не се откажете, царот и државата ќе видат што треба да сторат со тврдоглавиот еретик.“

Лутеровите пријатели, кои со голема радост ја слушале неговата благородна одбрана, се стресле кога ги слушнале овие зборови; но реформаторот мирно кажал: „Бог нека ми биде помошник, зашто јас не можам да се откажам од ништо“ (Исто, c. 7, ch. 8).

Наредено му е да излезе од соборот додека кнезовите решаваат. Се чувствувало дека настапил решавачкиот миг. Упорното одбивање на Лутера од ништо да не се откаже би можело да влијае врз токот на црковната историја низ сите идни векови. Затоа решиле да му дадат уште една можност да се откаже. Последен пат бил доведен пред соборот. Пак му е поставено прашањето дали сака да се откаже од својата наука. Тој одговорил: „Немам ништо друго да одговорам освен она што го одговорив.“ Било јасно дека ниту со ветувања ниту со закани не би успеале да го наведат да ги прифати барањата на своите противници.

Папските следбеници се лутеле кога виделе како еден обичен калуѓер ја презира власта пред која се треселе кралевите и кнезовите. Биле нестрпливи и сакале тој со смртни маки да го почувствува нивниот гнев. Но Лутер, иако свесен за опасноста што му се заканувала, на сите им зборувал мирно и достоинствено, како што му прилега на еден христијанин. Во неговите зборови немало ниту горделивост, ниту срдба, ниту извртување. Наполно се загубил од вид себеси, заборавил на големите личности што го опкружувале, чувствувајќи само едно: дека се наоѓа во присуство на Оној кој е повисок од папата, од кардиналите и од кралевите. Христос зборувал преку устата на својот слуга со сила и со возвишеност која на моменти ги исполнувала како пријателите така и непријателите со страхопочит и со восхит. Божјиот Дух, присутен на овој собор, делувал врз срцата на државните водачи. Многу кнезови смело ја признале праведноста на Лутеровото дело. Голем број меѓу нив биле осведочени во вистината, но кај некои впечатоците не биле трајни. Имало и такви кои не го изразиле веднаш своето мислење, меѓутоа, подоцна, откако сами го проучиле Светото писмо, станале бестрашни помагачи на реформацијата.

Изборниот кнез, Фридрих, бил мошне загрижен кога Лутер дошол пред државниот собор и со длабока возбуда го слушал неговиот говор. Со радост и со задоволство ја посматрал неговата храброст, решителност и воздржаност и решил да го брани со уште поголема енергија. Споредувајќи ги соперничките табори, видел дека мудроста на папите, на кралевите и кардиналите била посрамена со силата на вистината. Папството доживеало пораз чиишто последици ќе се чувствуваат во сите идни векови.

Кога легатот на папата видел каков впечаток оставила Лутеровата одбрана, се уплашил како никогаш порано за сигурноста на римската власт и решил да ги употреби сите средства што му стоеле на располагање да го уништи реформаторот. Со сета речитост и дипломатска вештина со која се одликувал, се обидел да му прикаже на младиот цар колку глупаво и опасно би било ако пријателството и моќта на римската столица би ги жртвувал за делото на еден незначителен калуѓер.

Неговите зборови не останале без дејство. Утредента, по Лутеровиот одговор, царот Карло на соборот објавил дека ќе ја продолжи политиката на своите претходници и дека ќе ја помага и ќе ја штити римската вера. Бидејќи Лутер одбил да се откаже од своите заблуди, против него и против неговото еретичко учење ќе се применат најостри мерки. „Еден калуѓер, заведен од својата лудост, станал против верата на целото христијанство. Јас ќе ги жртвувам моите кралства, моето богатство, моите пријатели, моето тело, мојата крв, мојата душа и мојот живот да ја запрам таа безбожност. Јас августинецот Лутер ќе го пратам дома и ќе му забранам секакво дејствување меѓу народот; потоа ќе станам против него и против неговите следбеници со исклучување, со проклетство и со сите можни средства да го уништам. Ги повикувам сите следбеници на моите земји да се однесуваат како вистински христијани“ (Исто, b. 7, ch. 9).

Pin It on Pinterest