Мартин Лутер стоел на чело на големите луѓе кои биле повикани да ја изведат црквата од темнината на папството и да ја поведат кон светлината на чистата вера. Ревносен, одушевен и побожен, боејќи се само од Бога, признавајќи го како темел на верата само Светото писмо, Лутер се појавил во времето определено од Бога да ја реформира црквата и да го осветли светот.

Како и првите весници на евангелието, Лутер се родил во сиромаштво. Своите први години ги поминал во скромниот дом на еден германски селанец. Татко му, како рудар, со секојдневен тежок труд ги заработувал средствата за неговото образование. Тој сакал неговиот син да биде правник, но Бог решил да биде градител на големиот храм што полека се подигнувал во текот на вековите. Тешкиот живот, откажувањето и строгата дисциплина биле школа низ која бесконечната Мудрост го приготвувала Лутера за важното дело на неговиот живот.

Татко му на Лутера бил човек со силна и активна интелигенција и со силен карактер, чесен, решителен и искрен. Бил секогаш верен кон своето чувство на должноста, не плашејќи се од последиците. Неговиот здрав ум со недоверба гледал на калуѓерскиот живот. Затоа бил мошне огорчен кога неговиот син стапил во манастир без негово одобрение; две години поминале додека таткото се помирил со својот син, па дури и тогаш останал при своето уверување.

Родителите на Лутера големо внимание обрнувале на воспитувањето и образованието на своите деца. Се труделе да ги научат да го познаваат Бога и да ги извршуваат христијанските должности. Момчето често го слушало татка си како во молитва бара неговиот син да си спомнува за Божјето име и еден ден да работи на унапредување на вистината. Неговите родители користеле секоја можност што им се укажувала во нивниот напорен живот за морално и интелектуално издигнување. Со сериозни и постојани напори ги приготвиле своите деца за побожен и корисен живот. Во својата решителност и цврстина на карактерот понекогаш покажувале преголема строгост, но реформаторот, иако бил свесен дека тие во тоа понекогаш грешат, повеќе ја одобрувал нивната дисциплина отколку што ја осудувал.

Во училиштето, што почнал да го посетува мошне рано, со Лутера се постапувало мошне грубо, речиси сурово. Сиромаштвото на неговите родители било толку големо што, оставајќи го родителскиот дом за да посетува училиште во друг град, бил присилен со пеење од врата до врата да заработува малку храна, но сепак, често останувал гладен. Мрачните и празноверни сфаќања за верата што преовладувале тогаш го исполнувале со страв. Навечер легнувал со тажно срце, гледајќи со страв во темната иднина и тресејќи се при помислата на Бога, кого повеќе го познавал како строг и безмилосен судија и како свиреп тиран, отколку како добар небесен татко.

Но, наспроти безбројните и големи обесхрабрувања, Лутер сепак решително се стремел кон повисок и подуховен идеал што толку многу го привлекувал. Бил жеден за знаење и неговиот сериозен и практичен дух го барал повеќе она што е трајно и корисно отколку она што е привидно и површно.

Во својата осумнаесетта година, кога стапил на универзитетот во Ерфурд, неговата положба била поповолна и изгледите за иднината посветли од оние во поранешните години. Бидејќи неговите родители со труд и со штедливост си ги обезбедиле себеси потребните средства за живот, сега можеле и нему да му дадат сè што му било неопходно потребно; влијанието на разумните пријатели донекаде го ублажило мрачниот впечаток на неговото поранешно воспитување. Сега Лутер почнал ревносно да ги проучува добрите писатели, го збогатувал својот ум со нивните најдобри мисли и ја прифаќал мудроста на мудреците. Уште додека бил под строги стеги на своите поранешни учители, покажувал надеж дека еднаш ќе се истакне; а сега, под поволни околности, неговиот ум бргу се развивал. Доброто паметење, бујната мечта, здравото расудување и неуморниот труд, набргу го издигнале во прв ред меѓу неговите другари. Школата му помогнала интелектуално да созрее и разбудила кај него духовна активност и остроумност, што го приготвило за подоцнежната борба во неговиот живот.

Срцето на Лутера го исполнувал Господен страв. Тој го оспособувал да ја сочува цврстината на своите намери и го водел во длабока понизност пред Бога. Постојано чувствувал зависност од Божјата помош и секој ден го почнувал со молитва, барајќи од Господа водство и помош. Имал обичај да каже: „Ако се молиш сесрдно, тоа е повеќе отколку половина проучување“ (D’Aubigne, b. 2, ch. 2). (продолжува)

Pin It on Pinterest