(продолжува од претходниот ден) Еден ден, кога Лутер ги прегледувал книгите на универзитетот во универзитетската библиотека, пронашол една латинска Библија. Никогаш порано не видел таква книга; дури не знаел дека таа постои. Пред тоа слушал делови од евангелијата и посланијата што му се читале на народот на јавното богослужение и мислел дека тоа е целата содржина на Божјата реч. Сега првпат видел цела Библија. Со страв и со чудење ги прелистувал нејзините свети страници; со забрзан здив и со треперливо срце сам ги читал зборовите на животот, прекинувајќи го на мигови читањето со извикот: „О кога Бог би ми дал една ваква книга!“ (Исто, b. 2, ch. 2).

Небесните ангели биле крај него и зраците на светлината од Божјиот престол му го откривале на неговиот ум богатството на вистината. Секогаш се плашел дека ќе го ожалости Бога, а сега, како никогаш порано, го обзело длабоко сознание за неговата лична грешност.

Искрената желба да се ослободи од гревот и да се помири со Бога го натерала да стапи во манастир и да му се посвети на калуѓерскиот живот. Овде од него се барало да извршува најниски и најтешки работи и да пита од куќ а до куќа. Бил во години кога човек најмногу сака да биде почитуван и ценет, и овие ниски работи длабоко ги навредувале неговите вродени чувства, но стрпливо го поднесувал понижувањето, верувајќи дека тоа е потребно заради неговите гревови.

Лутер користел за учење секој миг што можел да го издели од своите вообичаени секојдневни работи; откинувал време од спиењето, па дури и време од скромните оброци. Повеќе од сè се радувал кога ја проучувал Божјата реч. Нашол една Библија што била врзана со синџири за манастирскиот ѕид и често доаѓал кај неа. Колку повеќе се вознемирувал поради своите гревови, сè повеќе настојувал да добие проштавање и мир со свои сопствени дела. Водел најстрог живот, настојувајќи со пост, со неспиење и со камшикување себеси да ги победи лошите нагони на својата природа од кои не можел да го ослободи калуѓерскиот живот. Не се откажувал од никаква жртва само да постигне чистота на срцето што би го оспособила да му стане угоден на Бога. Подоцна го напишал следното: „Јас навистина бев побожен калуѓер; ги исполнував сите правила на мојот ред со толкава строгост, што можам да кажам: ако некогаш некој калуѓер можел да го добие небото со калуѓерски дела, тогаш сигурно јас би имал право на тоа… Да продолжев малку подолго, моите мачења би ме одвеле во смрт“ (Исто, b. 2, ch. 3). Последица на неговото испосништво и измачување ­ ја загубил силата и се разболел од грчеви, од кои никогаш веќе не закрепнал потполно. Наспроти сите негови напори, неговата измачена душа не нашла олеснение. Конечно паднал во очај.

Кога на Лутера му се чинело дека загубил сè, Бог му подарил еден пријател и помошник. Побожниот Штаупиц го расветлил Лутеровиот ум со Божјата реч и му советувал да го одврати својот поглед од самиот себе, да прекине да размислува за бесконечната казна поради газењето на Божјиот закон и да гледа на Исуса, на својот Спасител, кој ги проштава гревовите. „Наместо да се мачиш себеси поради своите гревови, фрли се во прегратките на Спасителот. Надевај се во него, во неговата праведност и во откупот со неговата смрт… Слушај го Божјиот Син. Тој станал човек за да те увери во божествената милост. Љуби го Оној кој прв тебе те љубел!“ (Исто, b. 2, ch. 4). Така зборувал овој весник на милоста. Неговите зборови врз Лутера оставиле длабок впечаток. По долгите борби против вкоренетите заблуди, најпосле созреал да ја разбере вистината и во неговата вознемирена душа завладеал мир.

Лутер бил посветен за свештеник и повикан од манастирот да заземе катедра на професор на Витенбершкиот универзитет. Тука се посветил на проучување на Светото писмо на изворните јазици. Почнал да држи предавања за Библијата и на одушевените слушатели им ги толкувал псалмите, евангелијата и посланијата. Неговиот пријател и старешина на манастирот, Штаупиц, му советувал да стапи на проповедална и да ја проповеда Божјата реч. Лутер се колебал, сметајќи се за недостоен да ја проповеда Божјата реч во Христово име. Дури по подолго опирање попуштил пред молбите на својот пријател и се согласил со тоа. Тој веќе бил вешт во познавањето на Писмото, и врз него почивала Божја милост. Неговата речитост ги одушевувала слушателите; јасноста и моќта со која ја изнесувал вистината го уверувала нивниот ум, а неговата побожност ги освојувала нивните срца.

Лутер сè уште бил предан син на папската црква и не помислувал дека некогаш ќе биде нешто друго. Божјето провидение му дало можност да го посети Рим. Патувал пеш, а на патот ноќевал по манастирите. Пристигнувајќи во еден италијански манастир, се зачудил на богатството, на сјајот и раскошот што ги видел таму. Снабдени со кнежевски приходи, калуѓерите живееле во сјајни станови, се облекувале во најскапи и најраскошни облеки, а се хранеле со најизобилна трпеза. Лутер со болна загриженост ги споредувал овие сцени со својот живот на самооткажување и напорен труд. Тоа што го видел го збунило. (продолжува)

Pin It on Pinterest