(продолжува од претходниот ден) Најпосле во далечината го забележал градот на седум ритчиња. Длабоко трогнат, се фрлил на земја и извикнал: „Те поздравувам, свети Риме!“ (Исто, b. 2, ch. 6). Влегол во градот, ги посетувал црквите, слушал чудни прикаски што ги повторувале свештениците и калуѓерите и ги извршувал сите пропишани обреди. Насекаде неговите очи забележувале сцени што го исполнувале со чудење и со ужас. Видел дека во сите редови на свештенството владее беззаконие. Слушал непристојни шеги од вишите свештеници и се згрозувал на нивната страшна безбожност што ја покажувале дури и за време на мисата. Кога се помешал меѓу свештениците и граѓаните, насекаде сретнувал расипаност и разврат. Каде и да се свртел, насекаде наидувал на безбожност наместо на светост. Подоцна пишувал: „Никој не може и да замисли какви гревови и какви безбожни дела се прават во Рим; човек треба тоа да го види и да го слушне за да може да поверува. Затоа со право некои велат: ‘Ако постои пекол, тогаш врз него е изграден Рим; тоа е бездна од каде што излегуваат сите гревови’“ (Исто, b. 2, ch. 6).
Еден нов декрет на папата им ветил проштавање на сите кои на колена ќе се искачат на врвот на „Пилатовата скала“, за која се тврди дека по неа слегувал нашиот Спасител кога ја напуштил римската судница и која на чуден начин е пренесена од Ерусалим во Рим. Еден ден Лутер побожно се качувал по таа скала, кога одненадеж слушнал глас, сличен на грмотевица, кој му рекол: „Праведникот ќе живее од верата“ (Римјаните 1,17). Скокнал на нозе и се оддалечил од тоа место усрамен и вчудовиден. Тие зборови никогаш не го загубиле влијанието врз неговата душа. Од тој миг, појасно од кога и да е порано, сфатил колкава е заблудата ако се потпира врз човечките дела за да добие спасение и ја увидел потребата од непоколеблива вера во Христовите заслуги. Неговите очи се отвориле и никогаш повеќе не се затвориле пред заблудите на папството. Свртувајќи го своето лице од Рим, го свртил од него и своето срце, и од тоа време одделувањето од Рим станувало сè посилно, додека најпосле не прекинал секаква врска со папството.
По своето враќање од Рим, Лутер добил од универзитетот во Витенберг диплома на доктор по теологија. Сега можел, како никогаш порано, да се посвети на проучување на Писмото, кое толку многу го сакал. Дал свечен завет дека во сите денови на својот живот внимателно ќе ја проучува и верно ќе ја проповеда Божјата реч, а не прикаски и папска наука. Лутер не бил повеќе обичен калуѓер и професор, туку ополномоштен весник на Библијата. Бил повикан како пастир да го храни Божјето стадо кое било гладно и жедно за вистината. Решително изјавувал дека христијаните не треба да примаат други науки, туку само оние што се темелат на авторитетот на Светото писмо. Со овие зборови удрил во темелот на папската власт. Тие ги содржеле главните начела на реформацијата.
Лутер видел колку е опасно да се издигнуваат човечките теории над Божјата реч. Храбро ја нападнал вешто бранетата неверност на учените и им се противставил на филозофијата и теологијата што толку долго имале доминантно влијание врз народот. Таквите проучувања ги прогласил не само за бесполезни, туку и за штетни, и настојувал мислите на своите слушатели да ги одврати од лажните заклучоци на филозофите и теолозите и да ги насочи кон вечните вистини што ги изнесуваат пророците и апостолите.
Драгоцена била веста што им ја носел на жедните души. Никогаш порано не допрела до нивните уши таква наука. Радосната вест за љубовта на Спасителот и сигурноста на проштавањето и мирот преку неговата пролеана крв ги израдувале нивните срца и кај нив разбудиле бесмртна надеж. Во Витенберг се запалила светлина чиишто зраци допреле до најоддалечените краишта на земјата и чијшто сјај ќе се зголемува до крајот на светот.
Но светлината и темнината не можат да одат заедно. Меѓу вистината и заблудата постои непомирлив судир. Да се чува и да се брани едното, значи да се отфрли и да се уништи другото. Нашиот Спасител рекол: „Не дојдов да донесам мир, туку меч“ (Матеј 10,34). Неколку години откако почнала реформацијата, Лутер рекол: „Бог не само што ме води, туку ме гони напред. Тој ме носи; јас не сум свој господар. Јас би сакал да живеам во мир, но сум фрлен среде буни и револуции“ (D’Aubigne, b. 5, ch. 2). Токму требало да биде повикан во битка.
Римската црква тргувала со Божјата милост. Покрај олтарите биле поставени маси на менувачи и низ воздухот се разнесувале викотниците на купувачите и продавачите. Под изговор дека се собираат прилози за градење на црквата Свети Петар во Рим, по налог на папата, јавно се продавале прошталници за гревовите. Со цената на злосторствата се подигал храм на Бога, чијшто темелен камен почивал врз беззаконие! Токму средствата со кои се служел Рим за да се издигне себеси, им задале смртен удар на неговата сила и големина. Токму оваа трговија со прошталници подигнала еден од најрешителните и најуспешни непријатели на папството; тоа ја предизвикало битката што го потресла папскиот престол и ја разнишала трикратната круна на главата на понтифексот.
Калуѓерот, по име Тецел, одреден да продава прошталници во Германија, бил обвинет за најподли злосторства против општеството и против Божјиот закон; но, избегнувајќи ја заслужената казна за своите злосторства, поставен е да ги застапува папските користољубиви и несовесни планови. Со голема дрскост повторувал очигледни лаги и чудни приказни со кои го заведувал неукиот, лековерен и суеверен народ. Кога би имале Божја реч, не би биле толку лесно измамени. Но Светото писмо било забрането за народот за да остане под контрола на папството и со тоа да ја зголеми силата и богатството на честољубивите водачи (види: John C. L. Gieseler, A Compendium of Ecclesiastical History, per. 4, sec. 1, par. 5). (продолжува)