(продолжува од претходниот ден) Со тоа што црквата се прилагодува кон световните обичаи, сè повеќе станува слична на светот; на тој начин светот никогаш нема да се обрати кон Христа. Пријателството со гревот неминовно ќе стори гревот да изгледа помалку одвратен. Оној што се поврзува со слугите на сатаната, набргу ќе престане да се плаши од нивниот господар. Кога се наоѓаме на должност и ќе се најдеме во искушение, како Даниел на царскиот двор, можеме да бидеме сигурни дека Бог ќе нè штити. Но ако сами се ставиме под силата на искушението, тогаш, порано или подоцна, сигурно ќе паднеме.

Искушувачот мошне често работи успешно преку оние во кои најмалку се сомневаме дека се наоѓаат под негова власт. Луѓето што се надарени и воспитани се почитуваат и ценат така како овие особини да можат да го заменат Божјиот страв или на човекот да му дадат право на Божјата милост. Дарбите и воспитувањето сами по себе се Божји дарови, но кога тие се ставаат на местото на побожноста, кога наместо душата да ја водат сè поблизу до Бога уште повеќе ја оддалечуваат од него, тогаш тие стануваат зло и стапица. Мнозина мислат дека сè што личи на учтивост и отменост во извесна смисла мора да е од Христа. Никогаш не постоела поголема заблуда. Овие особини би требало да го красат карактерот на секој христијанин, зашто тие вршат силно влијание во полза на вистинската религија; но тие мора да му бидат посветени на Бога, инаку ќе бидат сила што води во зло. Многу образовани луѓе со елегантно однесување, кои не би се понизиле да го сторат она што во јавноста се смета за неморално, се само отмени орудија во раката на сатаната. Подмолниот и измамнички карактер на нивното влијание и на нивниот пример ги прави поопасен непријател на Христовото дело од оние што немаат знаење и образование.

Со сериозна молитва и со доверба во Бога Соломон постигнал мудрост што го зачудила и го восхитила цел свет. Но кога се одвоил од Изворот на својата сила и се потпрел на самиот себе, станал плен на искушението. Прекрасните особини дадени на овој цар, најмудар од сите, го сториле успешно орудие во рацете на непријателот на душите.

Сатаната постојано настојува верните да ги заслепи во врска со овој факт и затоа христијаните никогаш не би смееле да заборават дека тие не се борат против тело и крв, туку „против управителите, против властите, против световните мрачни сили на овој свет, против духовните сили на злото под небесата“ (Ефесците 6,12). Веќе со векови Божјиот Дух предупредува: „Бидете трезвени, бидете будни, зашто вашиот противник, ѓаволот, обиколува како лав што рика и бара некого да го проголта“ (2. Петрово 5,8). „Облечете се во сето Божје оружје за да можете да устоите на лукавствата на ѓаволот“ (Ефесците 6,11).

Од Адамовите денови, сè до денеска, нашиот голем непријател ја покажувал својата моќ на угнетување и уривање. Сега тој се приготвува за последната голема битка против вистинската црква. Сите што сакаат да го следат Христа, ќе дојдат во судир со овој упорен непријател. Колку повеќе христијаните настојуваат да го следат божествениот Пример, толку посигурно ќе бидат цел на сатанските напади. Сите што се вработени во Божјето дело и се трудат да ги откријат сатанските измами и луѓето да ги запознаат со Христа, ќе можат да кажат со апостол Павле дека му служеле на Господа „со сета понизност, со солзи и со искушенија“ (Дела 20,19).

Сатаната го напаѓал Христа со најостри и најподмолни искушенија, но во секој судир бил одбиен. Овие битки се водени заради нас; овие победи ни овозможуваат нам и ние да победиме. Христос сака да им даде сила на сите што ја бараат. Ниеден човек не може да биде совладан од сатаната без своја сопствена согласност. Искушувачот нема власт над човечката волја ниту може душата да ја присили на грев. Тој може да ја мачи, но не може да ја извалка. Тој може да предизвика душевен страв, но не може да опогани. Фактот дека Христос го победил треба да ги охрабри Христовите следбеници машки да се борат во борбата против гревот и сатаната.

Pin It on Pinterest