(продолжува од претходниот ден) Мнозинството чекатели на Христово доаѓање ги отфрлија вистините за Светилиштето и за Божјиот закон, а мнозина ја загубија довербата во движењето и прифатија погрешни и противречни мислења за пророштвата што се однесуваат на ова дело. Некои паднаа во заблуда и повторно го утврдуваа времето на второто Христово доаѓање. Светлината што го осветлуваше сега прашањето на Светилиштето можеше да им покаже дека ниедно пророчко време не допира до второто Христово доаѓање и дека не е преткажано точното време на овој настан. Но, отфрлајќи ја таа светлина, продолжија и понатаму да го утврдуваат времето на Господовото доаѓање и секојпат се разочаруваа.

Кога црквата во Солун прифатила погрешни мислења за повторното Христово доаѓање, апостол Павле им советувал своите надежи и очекувања внимателно да ги испитаат со Божјата реч. Ги упатил на пророштвата за настаните што треба да се исполнат пред Христовото доаѓање и им покажал дека немаат причина да го очекуваат Спасителот во свое време. „Никој да не ве измами на никаков начин!“ (2. Солуњаните 2,3), гласела неговата опомена. Ако негуваат очекувања што немаат библиски темел, тоа би ги одвело на погрешен пат. Разочарувањето би ги изложило на подбив од страна на неверните; би се изложиле на опасност да се обесхрабрат и да паднат во искушение да се посомневаат во основните вистини што се однесуваат на нивното спасение. Опомената на апостолот до Солуњаните содржи важна поука за оние што живеат во последните денови. Многу чекатели на Христовото доаѓање веруваа дека не можат да бидат трудољубиви и ревносни во подготовката ако својата вера не ја насочат кон одредено време на повторното Христово доаѓање. Но бидејќи нивните надежи постојано се возбудуваа само затоа за повторно да бидат уништени, нивната вера со тоа претрпуваше таков удар што речиси беше неможно врз нив да влијаат големите вистини на пророштвата.

Проповедањето на определено време за судот во времето на првата ангелска вест беше по Божја наредба. Неспорно останува сметањето на пророчкото време што беше темел на оваа вест, а што го одредува крајот на пророчките 2300 дни есента 1844 година. Постојаниот обид да се пронајдат нови датуми за почетокот и за крајот на пророчкото време, како и неоснованите тврдења што беа потребни за да се докаже ваквиот став, не само што ги пренасочуваа мислите од сегашната вистина, туку и го изложуваа на подбив секој обид да се објаснат пророштвата. Колку почесто се одредува датумот за повторното доаѓање и на колку поширок круг им се проповеда таквата наука, толку подобро им одговара тоа на целите на сатаната. Зашто, кога ќе помине времето, тој ги изложува на потсмев и презир приврзаниците на тоа доаѓање и така му нанесува срам на големото движење од 1843 и 1844 година. Оние што остануваат упорни во овие заблуди, најпосле ќе го утврдат датумот на Христовото доаѓање кој ќе биде премногу далеку во иднина. На тој начин ќе бидат заведени да прифатат лажна сигурност и мнозина дури тогаш ќе увидат дека се во заблуда, но премногу доцна.

Историјата на стариот Израел е најдобра илустрација за искуствата низ кои поминаа чекателите на Христовото доаѓање. Бог ги водеше своите следбеници во тоа движење како што ги водел и Израелците од Египет. За време на големото разочарување беше проверена нивната вера како што била проверена верата на Евреите пред Црвеното Море. Кога и понатаму би се држеле за раката што ги водеше во нивните поранешни искуства, би го виделе Божјето спасение. Кога сите тие што заеднички работеа во движењето во 1844 година би ја прифатиле третата ангелска вест и би ја објавувале со силата на Светиот Дух, Господ силно би дејствувал преку нив, и светот би го осветлила светлината. Жителите на земјата би биле предупредени уште пред многу години, делото би било довршено и Христос веќе би дошол да го избави својот народ.

Божја волја не била Израел да талка четириесет години во пустина; Тој сакал директно да го одведе во Хананската земја и таму да го настани како свој свет и среќен народ. Но ние гледаме „дека не можеа да влезат поради своето неверство“ (Евреите 3,19). Поради своето неверство и постојаниот отпад изгинале во пустината, а други биле подигнати да влезат во ветената земја. Исто така не е Божја волја повторното Христово доаѓање толку да се одолжува и неговиот народ толку долго да остане на овој свет полн со грев и неволји. Но неверството ги оддели од Бога. Кога одбија да ја извршат задачата што им беше доверена, други беа повикани да ја проповедаат оваа вест. Од милост кон светот Христос го одложува своето доаѓање за грешниците да имаат можност да ја слушнат опомената и во него да најдат прибежиште пред да се излее Божјиот гнев. (продолжува)

Pin It on Pinterest