(продолжува од претходниот ден) Бог во својата Реч дал јасни докази дека ќе ги казни престапниците на својот Закон. Оние што се тешат со мислата дека Бог е премногу милостив за да ја изврши својата правда над грешниците, треба само да погледнат на крстот на Голгота. Смртта на безгрешниот Божји Син сведочи дека „плата за гревот е смрт“, и дека секој престап на Божјиот закон мора да го стигне праведна казна. Христос, кој немал грев, ги зел нашите гревови на себе. Тој ја поднел кривицата на престапот и бил лишен од присуството на лицето на Отецот додека неговото срце не се скршило и неговиот живот не згаснал. Целата оваа жртва е принесена за грешникот да може да биде откупен. На ниту еден друг начин човекот не можел да биде ослободен од казната за гревот. Секоја душа што одбива да има удел во толку скапо платеното помирување мора сама лично да ја сноси кривицата и казната за својот престап.

Да видиме што нè учи Библијата понатаму за грешниците и за непокајаните кои овој универзалист ги преместува на небото како свети и среќни ангели.

„Јас ќе му дадам на жедниот, дарум, од изворот на водата на животот“ (Откровение 21,6). Ова ветување важи само за оние што се жедни. Само оние што чувствуваат потреба од водата на животот и што ја бараат по секоја цена, ќе ја добијат. „Кој победува ќе го наследи ова, и јас ќе му бидам Бог, а тој ќе ми биде син“ (Откровение 21,7). И овде исто така се поставени услови. За да наследиме сè, мораме да му се противиме на гревот и да го победиме.

Господ кажува преку пророкот Исаија: „Кажете: ‘Блазе на праведникот, ќе се храни со плодот на своите дела. Тешко на беззаконикот, зло ќе му биде, врз него ќе се урнат делата на неговите раце’“ (Исаија 3,10.11). „Но дури и ако грешникот, кој извршил стотици злодела поживее долго, јас знам дека сепак им е подобро на богобојазливите луѓе на оние кои го почитуваат Бога. А злосторниците нема да минат добро“ (Проповедник 8,12.13). А Павле сведочи дека грешникот самиот себеси си собира „гнев врз себе за денот на гневот кога ќе се открие Божјиот праведен суд, којшто ќе му даде секому според неговите дела… а на оние кои мислат само на себе и не ѝ се покоруваат на вистината, туку ѝ се покоруваат на неправедноста гнев и јарост“ (Римјаните 2,5.6.8).

„Знајте го ова: ниеден блудник, нечист, ниеден алчник кој е идолопоклоник нема наследство во царството на Христа и Бога“ (Ефесците 5,5). „Стремете се кон мир со сите, и кон светост, без која никој не може да го види Господа“ (Евреите 12,14). „Блажени се оние кои ги перат своите облеки за да имаат право на дрвото на животот и за да можат да влезат во градот низ портите. Надвор се кучињата, гатачите, блудниците, убијците, идолопоклониците и секој кој ја сака лагата и кој лаже“ (Откровение 22,14.15).

Бог им го објавил на луѓето својот карактер и постапката со гревот: „Господ, Господ, Бог штедар и милостив, долготрпелив, богат со љубов и со верност, им укажува милост на илјадници, ја поднесува опачноста, гревот и престапот, но виновникот не го остава неказнет“ (2. Мојсеева 34,5.6). „А Господ сите злосторници ќе ги истреби.“ „А грешниците сите ќе бидат искоренети, ќе се истреби семето злосторничко“ (Псалм 145,20; 37,38). Власта и авторитетот на божественото владеење ќе бидат употребени да го задушат бунтот, но сепак, сите судови на правдата ќе бидат во потполна хармонија со карактерот на Бога кој е милостив, полн со трпение и доброта.

Бог не присилува ничија волја или сфаќање. Тој не сака ропска послушност. Тој сака созданијата на неговите раце да го љубат, зашто е достоен за љубов. Тој сака да го слушаат затоа што ја ценат неговата мудрост, праведност и великодушност. И сите што правилно ги сфаќаат неговите особини ќе го сакаат затоа што биле привлечени кон него со убавината на неговиот карактер.

Начелата на љубезноста, на милоста и љубовта, како што ги учел и ги покажал нашиот Спасител во својот живот, се слика на Божјата волја и на неговиот карактер. Христос рекол дека Тој не проповеда ништо друго освен она што го примил од својот Отец. Начелата на божественото владеење се во потполна хармонија со налогот на Спасителот: „Љубете ги своите непријатели.“ Бог ја извршува својата казна над грешните за добро на вселената, па дури и за добро на оние над кои се извршуваат неговите судови. Тој радо би ги усреќил кога би можел да го стори тоа во согласност со законите на своето владеење и со правдата на својот карактер. Тој ги опкружува со зраците на својата љубов. Ги запознава со својот Закон и ги придружува со понудите на својата милост. Но тие ја презираат неговата љубов, го газат неговиот Закон и ја отфрлаат неговата милост. Постојано ги уживаат неговите дарови, но го срамат својот Дарител. Го мразат Бога зашто знаат дека Тој се гнаси над нивните гревови. Господ долго ја трпи нивната изопаченост, но еднаш сигурно ќе дојде часот кога мора да се реши нивната судбина. Дали тогаш Тој ќе ги приврзе овие бунтовници за себе? Дали ќе ги присили да ја извршуваат неговата волја?

Оние што го избрале сатаната за свој водач и дозволиле тој да ги совлада, не се подготвени да се најдат во Божје присуство. Во нивниот карактер се вкорениле горделивост, измама, разврат и свирепост. Зар тие можат да влезат во небото вечно да живеат со оние што ги мразеле и ги презирале на земјата? Вистината никогаш нема да му биде угодна на измамникот; кротоста никогаш нема да ги задоволи надуените и гордите; чистотата не му годи на блудникот, а несебичната љубов не е привлечна за себичниот. Каква радост би можело да им даде небото на оние што целосно се проникнати со земни и себични побуди? (продолжува)

Pin It on Pinterest