(продолжува од претходниот ден) Грешниците, кои својот живот го поминале во бунт против Бога, кога одненадеж би биле пренесени на небото да го посматраат вечното совршенство што владее таму; кога би виделе дека секоја душа е исполнета со љубов… и секое лице оддава радост; дека во чест на Бога и на Јагнето се издигнува прекрасна музика со мелодични звуци, а од лицето на Оној што седи на престолот постојано излегува и се излева река светлина врз откупените зар тие, чиишто срца се исполнети со омраза кон Бога, кон вистината и светоста, би можеле да се измешаат со небесните чети и да се придружат кон нивниот славопој? Зар би можеле да ја поднесат славата Божја и на Јагнето? ­ Не, не! Им биле подарени години на милост да развијат карактер, доблести за небото, но тие никогаш не се потрудиле да ја засакаат чистотата. Никогаш не го учеле небесниот јазик а сега е предоцна. Бунтовниот живот кон Бога ги онеспособил за небото. Неговата чистота, светост и мир, за нив би биле само мака, а Божјата слава оган кој уништува. Тие би сакале да побегнат од ова свето место. Радо би прифатиле уништување само да можат да се скријат од лицето на Оној кој умрел да ги спаси. Судбината на грешниците е запечатена со нивниот личен избор. Нивното исклучување од небото е нивна самоволна одлука, а од страна на Бога праведна и милосрдна.

Како некогаш водите на потопот, така огнот на големиот ден ја објавува Божјата пресуда дека грешниците се непоправливи. Тие не сакаат да го прифатат божествениот авторитет. Нивната волја се навикнала на противење, и кога нивниот живот е при крај, премногу е доцна токот на нивните мисли да се пренасочи во спротивна насока, премногу доцна да се свртат од престапот кон послушност и од омразата кон љубов.

Со тоа што му го поштедил животот на Каина како убиец, Бог на светот му дал пример што ќе се случува ако на грешникот му дозволи да оди по својот пат на незауздана расипаност. Под влијание на Каиновата наука и на неговиот пример, илјадници негови потомци биле наведени на грев: „Зашто расипаноста на човекот на земјата е голема и секоја помисла во неговиот ум постојано само злосторство.“ „Земјата се расипа пред Бога, се наполни со неправда“ (1. Мојсеева 6,5.11).

Од милост кон светот, Бог во времето на Ное ги уништил неговите расипани жители. Од милост ги уништил грешните жители на Содом. Со измамничката моќ на сатаната престапниците уживаат сочувство и восхит и така постојано ги наведуваат другите на бунт. Така било во деновите на Каина и Ное, како и во времето на Аврама и Лота. Така е и во нашите денови. Само од милост кон вселената на крај Бог ќе ги уништи оние што ја отфрлаат неговата милост.

„Зашто плата за гревот е смрт, а дарот Божји е живот вечен во нашиот Господ Исус Христос“ (Римјаните 6,23). Додека вечниот живот е наследство на праведниците, смртта е плата за грешниците. Мојсеј му рекол на Израел: „Еве, денеска пред тебе ставам живот и благослов, смрт и проклетство“ (5. Мојсеева 30,15). Смртта, спомената во овој стих, не е онаа смрт што е изречена над Адама, што ја поднесуваат сите луѓе како казна изречена над неговиот престап, туку тоа е „втора смрт“, која се истакнува како спротивност на вечниот живот.

Како последица на Адамовиот грев, смртта преминала врз целиот човечки род. Сите, без разлика, одат во гроб. А благодарение на планот на спасението, сите ќе излезат од своите гробови. Зашто „ќе има воскресение на праведниците и на грешниците“ (Дела 24,15). „Бидејќи, како што сите умираат по Адама, така и во Христа сите ќе оживеат“ (1. Коринќаните 15,22). Но меѓу двете класи воскреснати постои вид лива разлика. „Иде часот во кој сите што се во гробовите ќе го чујат неговиот глас и ќе излезат од нив: оние што правеле добро, ќе воскреснат за живот, а оние што правеле зло ќе воскреснат за осуда“ (Јован 5,28.29). Тие што ќе бидат достојни за воскресение за живот, ќе бидат „блажени и свети“. „Над нив втората смрт нема власт“ (Откровение 20,6). Но тие што не примиле проштавање со покајание и со вера, мора да примат казна за престапот, „плата за гревот“. Тие ќе поднесуваат казна, различна по траење и по јачина, „според своите дела“, која конечно ќе заврши во втората смрт. Бидејќи Бог, сообразно со неговата правда и милост, не може да го спаси грешникот со неговите гревови, Тој го лишува од животот што го загубил поради својот престап и за кој се покажал недостоен. Еден вдахнат писател кажува: „Уште малку, и грешникот ќе го нема; ќе го побараш неговото место и нема да го најдеш“ (Псалм 37,10). А друг пак кажува: „И ќе биде како никогаш да не постоеле“ (Авдија 16). Покриени со срам, тие ќе потонат без надеж во вечен заборав.

Така гревот конечно ќе биде уништен со сите страдања и стравотии што ги предизвикал. Псалмистот кажува: „Ги сотре безбожниците: им го избриша името за веки веков! … ­ Ни спомен од нив не остави“ (Псалм 9,5.6). Гледајќи ја блажената вечност, Јован во Откровението го слуша сеопштиот славопој кој не е нарушен со никаква нехармонија. Сите созданија на небото и земјата го слават Бога (Откровение 5,13). Нема да има загубени души што би го хулеле Бога превиткувајќи се во вечни маки, ниту бедни созданија во пекол кои своите болни извици би ги помешале со песните на спасените. (продолжува)

Pin It on Pinterest