„Да беше узнал барем во овој ден за оние нешта кои носат мир! Но сега се скриени од твоите очи. Зашто ќе дојдат денови за тебе кога твоите непријатели ќе те опкружат со ровови, ќе те опколат и ќе те притеснат од сите страни. И ќе те срамнат со земјата тебе и твоите деца во тебе; и не ќе остане во тебе ни камен на камен, зашто не го препозна времето во кое беше посетен“ (Лука 19,42­44).

Од врвот на Маслинската гора Исус го посматрал Ерусалим. Пред него се простирала глетка што пленела со својата убавина и мир. Токму тогаш во тек бил празникот Пасха. Од сите страни се собрале децата на Јахве да го прослават големиот народен празник. Среде градините, лозјата и зелените падинки, постелени со шатори на поклониците, се издигнувале скалестите брекчиња, красните палати и масивните тврдини на израелската престолнина. Се чинело дека сионската ќерка гордо зборува: „Седам како царица и никогаш нема да вкусам жалост“. Била толку убава и сигурна во небесната наклоност, како во времето кога пеел царскиот поет: „Прекрасна е висината, утеха на сета земја гората Сион… град на великиот Цар“ (Псалм 48,2). Величествените згради на храмот создавале величествена глетка. Сончевите зраци на залез ги осветлувале снежно белите мермерни ѕидови и се одблеснувале од златните порти и кули. Во совршена убавина стоел храмот ­ гордоста на еврејскиот народ. Кој Израелец би можел да ја гледа оваа сцена а да не почувствува длабока радост и восхит! Но Исуса го обземале сосем други мисли. „Кога се приближи и го виде градот, заплака за него“ (Лука 19,41). Среде сеопштата радост што ја предизвикало неговото триумфално влегување, кога сите околу него мафтале со палмови гранчиња, кога од ритчињата се одгласувало радосното „осана“ и кога илјадници гласови Исуса го прогласувале за цар, Спасителот на светот одненадеж бил обземен со таинствена тага. Тој, Божји Син, надеж на Израел, чијашто сила ја победувала смртта и ги изведувала нејзините заробеници од гробовите, плачел, но не од обична болка, туку од големи неискажливи душевни маки.

Тој не леел солзи заради себе, иако добро знаел каде го води неговиот пат. Пред него се простирала Гетсиманија, местото каде што набргу ќе страда. Се гледала и Овчката врата, низ која со векови се воделе жртвите за колење, а која требало да се отвори за него, кога ќе биде „воден како јагне на колење“ (Исаија 53,7). Недалеку била Голгота, место то каде што ќе биде распнат. На патот по кој Христос морал наскоро да помине за да ја даде својата душа како жртва за гревот се спуштал ужасен густ мрак. Но во овие мигови на сеопшта радост не го растажило размислувањето за овие сцени, ниту неговиот несебичен дух го разжалиле претчувствата за неговата натчовечка мака. Тој плачел над мноштвото Ерусалимци, над слепилото и непокајаноста на оние што дошол да ги благослови и да ги спаси.

Пред Исусовите очи поминувале сцените на историјата од над илјадагодишната Божја посебна милост и татковска грижа за избраниот народ. Тука била гората Морија на која младиот Исак, синот на ветувањето, доброволната жртва, бил врзан на олтар ­симболот на жртвата на Божјиот Син. Тука исто така му било потврдено на таткото на верните славното ветување за доаѓањето на Месија (1. Мојсеева 22,16­18). Тука чадот на жртвата што ја принел Давид на гумното на Орнана го одвратил мечот на ангелот што убивал (1. Дневникот 21) ­ што е симбол на Христовата жртва и на неговото посредување за грешните луѓе. Бог го ценел Еруса­лим повеќе од сета земја. Господ „го избра Сион“, и „му стана мило да живее во него“ (Псалм 132,13). Тука светите пророци во текот на вековите ги објавувале своите опомени. Тука свештениците каделе со своите кадилници и кон Бога се издигнувал облак од темјан со молитвите на верните. Тука секој ден се принесувала крв од јагнињата, што го претставувале Божјето Јагне. Тука Јахве го откривал своето присуство во вид на слава над светињата на светињите. Најпосле, тука било подножјето на таинствената скала што ја поврзувала земјата со небото онаа скала по која слегувале и се качувале Божјите ангели и која на луѓето им го покажувала патот кон небесната светиња над светињите. Кога Израел би му останал верен на својот Бог, Ерусалим засекогаш би останал како Божји избраник (Еремија 17,21­25). Но истори јата на овој повластен народ е извештај за постојани одмети и буни. Тие ѝ се опирале на Божјата милост, ги злоупотребувале сите свои повластици и ги презирале своите предимства.

Pin It on Pinterest