Иако Израел им се подбивал на Божјите весници, ги презирал неговите зборови и ги исмевал неговите пророци (2. Дневникот 36,16), Бог и понатаму им се откривал ним како „Господ, Господ, Бог милосрден и милостив, бавен на гнев, богат со љубов и со верност“ (2. Мојсеева 34,6). Наспроти нивното често одбивање, Божјата милост и понатаму ги повикувала. Полн со љубов, понежна од онаа што ја покажува таткото кон синот што го сака, Бог постојано им праќал весници со опомени, зашто сакал да го поштеди својот народ и своето живеалиште (2. Дневникот 36,15). Кога не помогнале повиците, молбите и укорите, им го пратил нај скапоцениот небесен дар! Во тој еден дар им го подарил целото небо.

Дошол лично Божјиот Син да се заземе за непокајаниот град. Христос бил Оној што го пресадил израелскиот народ како добра лоза од Египет во Хананската земја (Псалм 80,8). Неговата рака ги истерала незнабошците пред нив. Тој го посадил тоа лозје на плодна падинка (Исаија 5,1­4). Му направил ограда. Ги пратил своите слуги да го негуваат. „Што можев уште да сторам за моето лозје“, извикнал Тој, „а не сторив?“ Кога требало да роди грозје, родило јагурида. Со надеж дека, сепак, еднаш ќе донесе плод, Тој лично дошол во своето лозје за да го спаси од уништување. Го ископал, го окроил и го негувал. Неуморно се трудел да го спаси лозјето што самиот го посадил.

Три години Бог на светлината и славата живеел среде својот народ. „Помина правејќи добро и исцелувајќи ги сите што беше ги совладал ѓаволот“; ги лекувал оние чиешто срце било скршено, ги ослободувал заробените, им давал вид на слепите, здравје на куците и слух на глувите; воскреснувал мртви и на сиромасите им го проповедал евангелието (Дела 10,38; Лука 4,18; Матеј 11,5). На сите, без разлика, им го упатувал милостивиот повик: “Дојдете кај мене сите кои сте уморни и оптоварени и јас ќе ве одморам” (Матеј 11,28).

Иако му возвраќале зло за доброто, омраза за љубовта, сепак, Тој непоколебливо ја продолжувал својата мисија на милоста (Псалм 109,5). Никогаш не ги одбивал оние што барале од него милост. Иако самиот бил патник без дом, и неговиот секојдневен живот беда и скудност, Тој живеел за да прави добро, да им ја олесни бедата на бедните, молејќи ги луѓето да го примат дарот на неговиот живот. Брановите на милоста што се одбивале од упорните срца се враќале во вид на посилна, посочувствителна и уште поголема љубов. Но Израел се одвратил од својот најдобар Пријател и единствен Помошник. Ги презирал повиците на неговата љубов, ги одбивал неговите совети и ги исмевал неговите опомени. Часот на времето на милоста и проштавањето се ближел кон крај; чашата на Божјиот гнев, толку долго задржуван, била речиси полна. Мрачните облаци што ги напластувале вековите на отпадот и бунтовите, сега морничаво се заканувале и секој час можеле да се урнат како порој над еден непослушен народ; а Оној што можел да ги избави од претстојната несреќа тие го презреле, го навредиле, го отфрлиле и се подготвувале да го распнат. Кога Исус ќе биде распнат на крст на Голгота, тогаш ќе поминат деновите на овој народ кој Бог го благословувал и кој му бил мил. Загубата на само една душа е несреќа што ја надминува добивката и богатството на цел свет. Но, во овој миг, кога Исус го гледал Ерусалим, пред неговите очи лежела несреќата на еден цел град, на цел еден народ ­ на тој град, на тој народ кој некогаш Бог го избавил и кој бил посебно Божје богатство.

Пророците плачеле над отпадот на Израел и над ужасните пустења што се виореле над нив поради нивниот грев. Еремија сакал неговите очи да бидат извор на солзи за да може да плаче ден и ноќ за погубените ќерки на својот народ, за Божјето стадо што било отерано во ропство (Еремија 9,1; 13,17). Тогаш колкава била жалоста на Оној чијшто проро чки поглед ги опфаќ ал не само годините, туку и вековите! Тој го гледал ангелот на смртта со подигнат меч над градот што толку долго бил престојувалиште на Јахве. Од врвот на Маслинската гора, од она место што подоцна го зазел Тит со својата војска, преку рамнината го гледал светиот храм и предворјето со столбовите, и со очи матни од солзи посматрал ужасна слика: градските ѕидови опколени со непријателска војска. Го слушнал одот на војската што настапувала; ги слушнал пискотите на мајките и воплите на децата за леб во опседнатиот град. Во пламен го видел светиот и прекрасен храм, неговите палати и кули, а потоа ги видел претворени во урнатини што чурат.

Гледајќи ги вековите однапред, го видел заветниот народ расеан низ сите земји како останки на брод на пуст брег. Во оваа казна што требало наскоро да се излее врз децата Израелови, ги видел првите капки на чашата на гневот што во последниот суд ќе се излее до дно. Божественото сочувство бликнало во следните зборови полни со болка: “Ерусалиме, Ерусалиме, што ги убиваш пророците и ги каменуваш оние што ти се пратени! Колку пати сакав да ги соберам твоите деца како квачката што ги собира своите пилиња под крилјата, но вие не сакавте” (Матеј 23,27; Лука 19,41­44). О ти, народе, кој имаше повеќе предимства од сите други народи, да внимаваше и да го препознаеше своето време и она што ти носи мир! Јас го задржував ангелот на одмаздата; јас те повикував на покајание, но напразно. Ти ги одби и ги отфрли не само моите слуги, пратениците и пророците, туку дури и Светецот Израелов, твојот Спасител! Кога ќе бидеш разурнат, самиот ќе бидеш виновен за тоа. “Но вие не сакате да дојдете кај мене да добиете живот” (Јован 5,40).

Pin It on Pinterest