(продолжува од претходниот ден) Постои само еден пат за оние што сакаат да се ослободат од сомневањето: наместо да се сомневаат и да го критикуваат она што не го разбираат, треба да внимаваат на светлината што веќе ги осветлува и тогаш ќе добијат поголема светлина. Нека исполнуваат секоја должност што добро ја сфатиле и ќе бидат оспособени да ги сфатат и исполнат и оние должности во кои уште се сомневаат.

Сатаната може да подметне нешто што е слично на вистината за да ги прелаже оние кои дозволуваат да бидат прелагани и кои сакаат да го избегнат самооткажувањто и жртвата што ја бара вистината, но тој не може да ја држи под своја власт душата која искрено сака по секоја цена да ја запознае вистината. Христос е вистина и „вистинската Светлина, која го осветлува секој човек, дојде на светот“ (Јован 1,9). Духот на вистината е пратен луѓето да ги упатува во секоја вистина. А по налог на Божјиот Син е напишано: „Барајте и ќе најдете.“ „Ако некој сака да ја исполнува неговата волја, ќе знае дали ова учење е од Бога“ (Матеј 7,7; Јован 7,1).

Христовите следбеници малку знаат за заговорите што ги коват сатаната и неговата војска против нив. Но Оној што живее на небесата ќе ги пренасочи сите тие планови кон исполнување на своите длабоки намери. Господ дозволува неговиот народ да помине низ печка на неволји не затоа што наоѓа задоволство во неговите маки и страдања, туку затоа што тоа искуство е неопходно потребно за неговата конечна победа. Неговата сопствена слава не дозволува да ги заштити од сите искушенија, зашто целта на искушенијата е токму таа да ги приготви да им се противстават на сите сатански заведувања.

Ниту безбожните луѓе ниту ѓаволот не можат да го спречат Божјето дело ниту да го отстранат Божјето присуство од неговиот народ ако тој со понизно и скршено срце ги признае своите гревови и ако ги остави, и ако со вера ги прифати неговите ветувања. Тие можат успешно да му се противстават на секое искушение и на секое непријателско влијание, било јавно или тајно, „не со сила ниту со мишка, туку со мојот Дух, вели Господ севишниот“ (Захарија 4,6).

„Господовите очи бдеат над праведниците и неговите уши ја слушаат нивната молитва… И кој ќе ви напакости ако покажувате ревност за доброто?“ (1. Петрово 3,12.13). Валам, примамен со ветувањето за богата награда, кога се послужил со гатање против Израел и кога му принел жртва на Господа обидувајќи се да навлече проклетство врз Божјиот народ, Божјиот Дух го отстранил злото што требало да го изговори, и тој бил принуден да извикне: „Како можам да го проколнувам оној кого Бог не го проколнува? Како да се удира со гром оној кого Бог не го удира?“ „О кога би умрел со праведничка смрт! О кога мојот крај би бил како неговиот?“ Кога повторно принел жртва, безбожниот пророк рекол: „Ете, примив од Бога за да благословам, ќе благословам и благословот нема да го повлечам. Во Јакова не забележав несреќа, ниту видов неволја во Израел. Неговиот Господ Бог е со него, Израел го слави како свој цар.“ „Нема гатање против Јакова ниту вражање против Израел. И ќе му речат на Јакова и ќе му кажат на Израел: ‘Големи дела Бог прави’“ (4. Мојсеева 23,8.10.20.21.23).

Сепак, по третпат е подигнат олтар и Валам пак се обидел да изговори проклетство. Но, од усните на пророкот, и против негова волја, Божјиот Дух го објавил напредокот на своите избраници и ја казнил лудоста и злобата на нивните непријатели. „Благословен да биде оној кој те благословува и проклет оној што те проколнува“ (4. Мојсеева 24,9).

Во тоа време Израел му бил верен на Бога. Додека бил послушен кон неговиот Закон, него не можела да го победи ниту една земна ниту пеколна сила. Но, сепак, Валам најпосле успеал врз Израелците да го навлече проклетството што не смеел да го изрече против нив така што ги навел на грев. Кога Израелците ги престапиле Божјите заповеди, се одвоиле од Бога и биле оставени да ја почувствуваат уривачката власт на непријателот.

Сатаната добро знае дека и најслабата душа која е во Христа може да им се противстави на сите сили на темнината и дека тој, ако и јавно работи против неа, не може да извојува победа, туку ќе биде победен. Затоа тој се обидува борците на крстот да ги измами од нивната сигурна тврдина, додека со своите борбени сили демне во заседа, готов да ги уништи сите што би се осмелиле да стапат на неговото подрачје. Ние можеме да бидеме сигурни само ако понизно се надеваме во Бога и ако сме послушни на сите негови заповеди.

Никој не е сигурен ниту еден ден, па ниту еден час без молитва. Особено треба да го молиме Господа за мудрост за да ја разбереме неговата Реч. Во Божјата реч се откриваат стапиците на сатаната како и средствата со кои можеме успешно да ги избегнеме. Сатаната вешто наведува текстови од Библијата кои ги толкува на свој начин за да н нè обори. Ние треба да ја проучуваме Библијата со понизно срце и никогаш не смееме да ја загубиме од вид нашата зависност од Бога. Секогаш треба да бидеме претпазливи пред стапиците на сатаната и постојано треба да се молиме со вера: „Не воведувај нè во искушение.“

Pin It on Pinterest