(продолжува од претходниот ден) Безбројни се лажните науки и фантастичните сфаќања што постојат во христијанските цркви. Не е можно да се оценат лошите последици од отстранувањето макар на само еден граничен камен поставен со Божјата реч. Малцина се оние што се осмелиле да го сторат тоа а се запираат при отфрлувањето на само една вистина. Повеќето продолжуваат последователно да ги отфрлаат начелата на вистината додека не станат сосем неверни.

Заблудите на општо прифатената теологија многу луѓе фрлиле во прегратките на сомневањето, кои инаку би можеле да веруваат во Светото писмо. Ним не им е можно да прифатат науки што го навредуваат нивното сфаќање за праведноста, за милоста и добротата, а бидејќи истите се дел на библиското учење, тие се противат да ги признаат како Божја реч.

Токму тоа е целта што сака да ја постигне сатаната. Тој ништо не сака во толкава мера колку што сака да ја уништи сигурноста во Бога и во неговата Реч. Сатаната стои на чело на голема војска такви што се сомневаат и со сите сили настојува душите да ги привлече во своите редови. Сомневањето почнува да станува мода. Една голема група луѓе гледа со недоверба на Божјата реч од истата причина како и на нејзиниот Автор затоа што таа го осудува и го казнува гревот. Оние што не се подготвени да ги исполнуваат нејзините барања, настојуваат да го отфрлат нејзиниот авторитет. Тие ја читаат Библијата или ги слушаат нејзините науки кога се изнесуваат од проповедална само за да пронајдат некоја грешка во Светото писмо и во проповедта. Мнозина стануваат неверни за да се оправдаат или да се изговорат поради занемарувањето на своите должности. Други пак, се сомневаат од гордост и мрзливост. Премногу наклонети кон удобен живот за да извршат нешто достојно за почит или пак нешто што би барало напор и самооткажување, тие настојуваат да се истакнат како помудри со тоа што ја критикуваат Библијата. А бидејќи во неа има многу работи што разумот, непросветлен со божествената мудрост, не може да ги сфати, тие наоѓаат повод да критикуваат. Се чини дека мнозина мислат оти е доблест да стојат на страна на неверството и сомневањето. Но ќе се покаже дека тие луѓе, навидум искрени, всушност се проникнати со самоувереност и горделивост. Мнозина уживаат кога во Светото писмо ќе пронајдат нешто што другите ги доведува во забуна. Некои критикуваат и застануваат на страна на неправдата од желба за препирање. Тие не забележуваат дека на тој начин самите се заплеткуваат во стапицата на птичарот. Но, бидејќи отворено го покажале своето неверство, тие мислат дека сега мора да го бранат своето гледиште. Така се соединуваат со безбожниците и самите себеси си ја затвораат вратата на рајот.

Бог во својата Реч дал доволно докази за нејзиниот божествен карактер. Големите вистини што се однесуваат на нашето спасение се јасно изнесени. Со помош на Светиот Дух, кој им е ветен на сите што искрено го бараат, секој може сам да ги разбере тие вистини. Бог на тие луѓе им дал цврст темел на кој можат да ја градат својата вера.

Но ограничениот човечки ум не може наполно да ги сфати плановите и целите на бесконечниот Бог. Бога не можеме никогаш да го досегнеме со истражување. Не смееме со нашата дрска рака да го тргнеме превезот со кој Тој го обвил своето величество. Апостолот извикнува: „Колку се недостапни неговите судови и неиспитливи неговите патишта!“ (Римјаните 11,33). Ние можеме да го сфатиме неговото постапување со нас и побудите што го раководат во толкава мера за да можеме да ја видиме неговата бесконечна љубов и милост, соединети со неговата бесконечна сила. Она што го кажува нашиот небесен Отец е сè мудро и праведно и ние не смееме да бидеме незадоволни и недоверливи, туку треба да му се поклонуваме и да му се потчинуваме со стравопочит. Тој ќе ни открие толку од своите намери колку што е потребно за наше добро, а за другото треба да ѝ се довериме на раката што е семожна и на срцето што е полно со љубов.

Бог дава доволно докази во прилог на верата, но Тој никогаш не го отстранува сè она што би можело да послужи како изговор за неверување. Оние што бараат докази за сомневање, ќе ги најдат. А оние што одбиваат да ја прифатат Божјата реч и да ја исполнуваат додека не биде отстранета и најмалечката забелешка за да нема повеќе причина за сомневање, никогаш нема да ја примат светлината.

Недовербата кон Бога е природна појава на непрероденото срце кое е во непријателство со Бога. Но верата ја дава Светиот Дух и таа ќе се развива само тогаш кога се негува. Никој не може да биде силен во верата ако не вложи решителни напори за тоа. Неверувањето се зголемува ако го негуваме. Ако луѓето, наместо да се занимаваат со доказите што им ги дал Бог за утврдување на нивната вера, дозволат да се сомневаат и да критикуваат, ќе наоѓаат сè повеќе докази за своето сомневање.

Но, оние што се сомневаат во Божјите ветувања и што немаат доверба во Божјата милост, му ја одземаат честа на Бога, а нивното влијание, наместо другите да ги привлекува кон Христа, уште повеќе ги оддалечува од него. Тие се неродни дрвја што ги пружаат своите суви гранки надалеку и нашироко и со тоа им ја одземаат сончевата светлина на другите билки, та тие венеат и гинат во студената сенка. Животот и работата на овие луѓе е постојано сведоштво против нив. Тие сеат семе на сомневање и неверство што неминовно ќе донесе своја жетва. (продолжува)

Pin It on Pinterest