(продолжува од претходниот ден) Најголема сатанска измама ги поттикнува човечките умови да истражуваат и да создаваат претпоставки во врска со она што Бог не го открил и што немал намера да ни го објасни. На тој начин Луцифер го загубил своето место на небото. Тој бил незадоволен што не му биле доверени сите тајни на Божјите планови, а ниту малку не му било грижа за она што му било откриено за него лично на неговата висока положба. Предизвикувајќи исто незадоволство во срцето на ангелите што му биле подредени, тој помогнал тие да паднат. Сега се обидува луѓето да ги вдахне со истиот дух и исто така да ги наведе да ги презрат јасните Божји заповеди.

Оние што не се подготвени да ги прифатат јасните и очигледни вистини на Светото писмо, секогаш бараат угодни прикаски што ја смируваат нивната совест. Ако науките што се проповедаат се помалку духовни и бараат помалку само откажување и скромност, се прифаќаат со поголема ревност. Тие луѓе ги понижуваат своите умни способности и им робуваат на своите телесни желби. Премногу мудри во своите очи за да го истражуваат Светото писмо со понизно срце и со сериозна молитва за божествено водство, тие немаат никаква заштита што би ги засолнила од заблудите. Сатаната е подготвен да го задоволи стремежот на нивното срце и вистината да ја замени со своите измами. На овој начин папството задобило моќ над луѓето, а протестантите, отфрлајќи ја вистината, зашто таа во себе содржи и крст, одат по ист пат. Сите што ја занемаруваат Божјата реч и се стремат кон световна удобност за да не се разликуваат од светот, наместо вистината ќе прифатат кривоверство достојно за осуда. Оние што намерно ја отфрлаат вистината, ќе прифатат секаква заблуда што воопшто може да се замисли. Макар некој со ужас да гледа на една измама, со задоволство ќе прифати друга. Апостол Павле ни зборува за оние луѓе кои „не ја примија љубовта на вистината за да се спасат“. Тој кажува за нив: „И затоа Бог им праќа заблуда да дејствува меѓу нив за да ѝ веруваат на лагата, та да бидат осудени сите кои не ѝ поверуваа на вистината, а имаа задоволство во неправедноста“ (2. Солуњаните 2,11.12). Бидејќи ни се дадени такви опомени, треба да бидеме претпазливи какви науки примаме.

Најуспешни орудија на големиот измамник се лажните науки и лажните чуда на спиритизмот. Престорен во светлосен ангел, сатаната ги поставува своите мрежи таму каде што најмалку се очекува. Кога луѓето би ја проучувале Божјата книга со сериозна молитва за да ја сфатат нејзината наука, не би останале во темнина и не би примиле лажни науки. Но, бидејќи ја отфрлаат вистината, тие стануваат плен на измамата.

Друга опасна заблуда е науката што го побива Христовото божество и тврди дека Христос не постоел пред своето доаѓање на оваа Земја. Голем број луѓе, кои тврдат дека веруваат во Библијата, благонаклоно ја примаат оваа теорија, иако таа непосредно се противи на најјасните изјави на нашиот Спасител за неговиот однос со Отецот, за неговиот божествен карактер и за неговото прапостоење. Оние што ја поддржуваат оваа наука го извртуваат Светото писмо на најнеправеден начин. Таа не само што ги урива сфаќањата на човекот за планот на спасението, туку ја поткопува и верата во Библијата како Божје откровение. Таа е поопасна тогаш кога е потешко да се негира. Ако луѓето го отфрлаат сведоштвото на Светото писмо за Христовото божество, напразно ќе биде да се расправа со нив за тоа, зашто ниеден доказ, колку и да е уверлив, не ќе може да ги осведочи. „Телесниот човек не го прима она што е од Божјиот Дух, зашто тоа е безумство за него, и не може да го разбере, зашто за тоа треба да се расудува на духовен начин“ (1. Коринќаните 2,14). Никој што верува во оваа заблуда не може вистински да го сфати Христовиот карактер и неговото дело, ниту пак големиот план на спасението.

Една уште полукава и поштетна заблуда е верувањето што бргу се шири, а тоа е дека сатаната воопшто не постои како личност и дека тоа име во Библијата се употребува само затоа да ги претстави човечките лоши мисли и желби.

Друго погрешно учење што толку често се слуша од проповедалните тврди дека повторното Христово доаѓање всушност е Христова средба со секој поединец за време на неговата смрт; тоа учење е само средство мислите на луѓето да се одвратат од неговото вистинско доаѓање на небесните облаци. Сатаната со години зборува на тој начин: „Ене го во тајни соби!“ (Матеј 24,23­ 26), и многу души се загубени зашто ја прифатиле оваа измама.

Понатаму, световната мудрост учи дека молитвата нема суштинско значење. Луѓето од наука тврдат дека тоа би значело повреда на природните закони, чудо, а чуда не постојат. Со вселената, велат тие, управуваат непроменливи закони, а Бог не прави ништо што е споротивно на законите. На тој начин тие Бога го претставуваат како суштество што е врзано со своите сопствени закони, како дејствувањето на божествените за кони да ја исклучува божествената слобода. Ваквото учење му се противи на сведоштвото на Светото писмо. Зар Христос и неговите апостоли не правеле чуда? Истиот милостив Спасител живее и денеска. Тој и сега во иста мера е подготвен да ги прими молитвите проникнати со вера како и некогаш кога одел видливо меѓу луѓето. Природното соработува со натприродното. Според Божјиот план, како одговор на нашата молитва со вера, Бог ќе ни го даде она што не би ни го дал кога за тоа не би го молеле. (продолжува)

Pin It on Pinterest