(продолжува од претходниот ден) Ваквата служба била „слика и сенка на небесните стварности“. А она во службата на земното Светилиште што е извршено „во слика“, всушност се случува во службата на небесното Светилиште. По своето вознесување, нашиот Спасител ја почнал својата служба како наш Поглавар свештенички. Апостолот вели: „Христос не влезе во ракотворено Светилиште, кое е само копија на вистинското, туку во самото небо за да се јави сега пред Божјето лице за нас“ (Евреите 9,24).

Службата на свештеникот во текот на целата година во првото одделение на Светилиштето, во внатрешноста „зад завесата“, што служела како врата и го делела Светилиштето од тремот, го претставувала делото што го почнал Христос по своето вознесување. Задача на свештеникот за време на секојдневната служба била да му принесува на Бога крв од жртвите за грев и темјан чијшто дим се издигнувал со молитвите на Израелците. Така Христос ги изнесува пред Отецот заслугите на својата крв за спасение на грешниците и со скапоцениот темјан на својата сопствена праведност му ги принесува молитвите на покајаните верни. Тоа била служба што се одвивала во првото одделение на небесното Светилиште.

Таму верата на Христовите ученици го следела својот Спасител кога се вознел на небото од пред нивниот поглед. Овде се наоѓал темелот на нивната надеж, како што кажува Павле, „којашто ја имаме како сигурна и цврста котва на душата која навлегува и зад завесата каде што Исус влезе за нас како претходник откако стана вечен првосвештеник.“ „Ниту со крв јарешка и јунешка, туку со својата крв влезе еднаш за секогаш во Светилиштето и ни прибави вечен откуп“ (Евреите 6,19.20; 9,12).

Осумнаесет векови е вршена оваа служба во првото одделение на Светилиштето. Христовата крв ги застапувала покајаните грешници, прибавувајќи им проштавање и примање кај Отецот, но нивните гревови сè уште останале запишани во небесните книги. Во рамките на земната служба на крајот од годината било извршено чистење така, пред Христос да го заврши откупот, треба исто да се изврши чистење, да се отстранат гревовите од Светилиштето. Тоа е онаа служба што почна кога истекоа предвидените 2300 денови и ноќи. Како што преткажал пророк Даниел, во тоа време нашиот Поглавар свештенички влегол во светињата над светињите да го изврши последниот дел од својата свештеничка служба да го исчисти Светилиштето.

Во старо време гревовите на народот со вера биле пренесувани прво врз жртвата за грев, а потоа со нејзината крв, симболички, во земното Светилиште; така и во новиот завет гревовите на оние што се каат, со вера се пренесени врз Христа и со него, вистински, во небесното Светилиште. Во земното Светилиште е извршено отстранување на гревовите што го сквернавеле него; сега на ист начин мора да биде извршено и вистинско чистење на небесното Светилиште, да се отстранат или да се избришат гревовите што се запишани таму. Но, пред да може да се изврши тоа, мора да се испитаат книгите за да се утврди кој стекнал право со покајание и со вера во Христа да биде учесник во милоста на чистењето. Затоа чистењето на Светилиштето содржи извесно дело на истражување, дело на суд. Ова дело мора да биде извршено пред Христос да дојде да го избави својот народ зашто, кога Тој ќе дојде, со себе ја носи и својата награда „за да му даде секому според неговите дела“ (Откровение 22,12).

Така, оние што бараа светлина, дознаа од пророчката Реч дека Христос на крајот од пророчките 2300 дни, односно во 1844 година, не дојде на земјата, туку влезе во светињата над светињите на небесното Светилиште за да го изврши конечното дело на чистење како подготовка за своето доаѓање.

Го сфатија и тоа дека жртвата за грев укажувала на Христа како жртва, дека поглаварот свештенички го претставувал Христа како посредник, додека азазел го претставувал сатаната, причината на злото, врз кого на крај ќе бидат ставени гревовите на искрените покајници. Кога поглаварот свештенички ги отстранувал гревовите од Светилиштето со крвта на жртвата за грев, тој истите ги положувал врз азазела. На крајот од својата служба, кога Христос со својата крв ќе ги отстрани гревовите на својот народ од небесното Светилиште, ќе ги положи врз сатаната кој, при извршувањето на пресудата, мора да ја сноси конечната казна. Јарецот за грев бил одведен в пустина за никогаш веќе да не се врати во друштво на Израелците. Така сатаната засекогаш ќе биде протеран од Божја близина и од близина на неговиот народ и ќе биде уништен при конечното уништување на гревот и грешниците.

Pin It on Pinterest