Науката за Светилиштето беше клуч што ја отвори тајната на разочарувањето во 1844 година. Таа на виделина изнесе цела низа вистини, поврзани и усогласени, што покажуваа дека големото движење на чекателите на второто Христово доаѓање го водеше Божјата рака; таа ја откриваше и нивната сегашна должност, објаснувајќи ја нивната положба и задачата што им е доверена. По страшната ноќ на душевна болка и разочарување, Исусовите ученици се израдувале кога го виделе Господа; така сега се радуваа и оние кои со вера го очекуваа неговото второ доаѓање. Тие очекуваа Исус да дојде во слава, да ги награди своите слуги. Бидејќи нивните надежи не се остварија, тие го загубија Исуса од вид и извикнаа како Марија при гробот: „Го однеле мојот Господ и не знам каде го положиле.“ Сега пак го посматраа во светињата над светињите него, својот милостив Поглавар свештенички, кој набргу ќе се појави како нивни цар и ослободител. Светлината од Светилиштето го осветли минатото, сегашноста и иднината. Знаеја дека Бог ги води со своето непогрешно провидение. Иако самите тие, како ни првите ученици, не ја сфатија веста што ја објавуваа, таа, сепак, во секој поглед беше исправна. Објавувајќи ја таа вест, тие ја исполнија Божјата намера и нивниот труд за Господа не беше напразен. Преродени со големата милост „за жива надеж“, се радуваа „со неискажлива радост полна со слава“ (1. Петрово 1,3.8).

Но пророштвото на Даниел 8,14: „Уште две илјади и триста вечери и утра; тогаш светињата ќе се очисти“, и првата ангелска вест: „Бојте се од Бога и подајте му слава, зашто дојде часот на неговиот суд“ (Откровение 14,7), упатуваа на Христовата служба во светињата над светињите на небесното Светилиште, на истражниот суд, а не на Христовото доаѓање заради спасение на својот народ и за уништување на безбожниците. Грешката не се наоѓаше во пресметувањето на пророчките временски отсеци, туку во настанот што требаше да се одигра на крајот од оние 2300 дни. Поради оваа грешка верните доживеаја разочарување, но сето тоа беше преткажано во пророштвото. Сè што можеа да очекуваат, според Писмото, се исполни во тоа време. Едновремено, кога тие се жалеа поради своите неисполнети надежи, се одигра настанот што е преткажан во оваа вест, а што мораше да се одигра пред Господ да дојде да ги награди своите слуги.

Христос дојде, но не на земјата, како што очекуваа тие, туку, како што беше објавено во претсликата, во светињата над светињите на Божјиот храм на небото. Пророк Даниел го гледа како во тоа време доаѓа пред Прадревниот (Отецот). „Гледав во ноќни виденија и ете, на небесни облаци доаѓаше еден како Син човечки, и дојде“ не на земјата туку „до Прадревниот и застана пред него“ (Даниел 7,13). Ова доаѓање ни го опишува и пророк Малахија: „Одненадеж ќе дојде во својот храм Господ кого го барате вие, и Ангелот на заветот за кого копнеете. ‘Еве го, веќе доаѓа’, вели Господ над војските“ (Малахија 3,1). Господовото доаѓање во својот храм за неговиот народ беше нешто ненадејно, неочекувано. Не го бараа таму; очекуваа да дојде на земјата „во пламенен оган да ги казни оние кои не сакаат да го признаат Бога и кои не му се покоруваат на евангелието…“ (2. Солуњаните 1,8).

Но народот уште не беше приготвен да го сретне својот Господ. За неговата подготовка мораше да се изврши уште едно дело. Мораше да прими светлина што ќе ги насочи неговите мисли кон Божјиот храм на небото и ако со вера го следи својот Поглавар свештенички во неговата служба, тогаш ќе му се откријат новите должности. На црквата требаше да ѝ биде дадена уште една вест на опомена и поука.

Пророкот вели: „Но кој ќе го издржи денот на неговото доаѓање и кој ќе опстане кога Тој ќе се јави? Зашто Тој е како оган леарски и како база што чисти. И ќе седне како оној што топи сребро и прочистува. Ќе ги очисти синовите Левиеви и ќе ги претопи како злато и сребро за да му принесуваат на Господа жртва во правда“ (Малахија 3,2.3). Оние што ќе живеат на земјата во времето кога Христовото посредување горе во Светилиштето ќе заврши, ќе мораат да стојат пред светиот Бог без посредник. Нивната облека ќе мора да биде чиста, а нивниот карактер очистен од гревовите со неговата крв. Со Божја милост и со трудољубиво настоју вање мора да бидат победници во борбата со злото. Додека на небото се врши истражен суд и додека од Светилиштето се отстрануваат гревовите на покајаните верни, меѓу Божјиот народ на земјата мора да се изврши посебно дело на чистење, отстранување на гревот. Ова дело појасно е опишано во вестите на Откровението 14. глава. (продолжува)

Pin It on Pinterest