(продолжува до претходниот ден) Па сепак, токму овие водачи тврдат дека расипаноста што нагло се шири главно треба да им се припише на сквернителите на таканаречената „христијанска сабота“ (неделата), и дека задолжителното празнување на неделата во голема мера би го поправило општествениот морал. Ова тврдење особено се истакнува во Америка, каде што најмногу е проповедана науката за вистинската сабота. Таму реформата во врска со умереноста, една од најистакнатите и најважните морални реформи, многу често се соединува со движењето за празнување на неделата, чиишто за стапници се претставуваат како луѓе што се борат за добро на општеството, а оние што се противат да се соединат со нив, се прогласуваат за непријатели на умереноста и реформата. Но фактот што едно движење кое шири заблуда се поврзува со делото што само по себе е добро не е доказ во прилог на самата заблуда. Ние можеме да го скриеме отровот ако го измешаме со здрава храна, но со тоа не ја менуваме неговата природа. Напротив, тој станува уште поопасен, зашто со тоа речиси несвесно го земаме. Едно од сатанските лукавства е со лагата да се соединува токму толку вистина колку што е потребно таа да изгледа веројатна. Водачите на неделното движење можат да застапуваат реформи што му се потребни на народот, начела што се сообразени со Библијата, но сè додека кај нив има барања што се противат на Божјиот закон, Божјите слуги не можат да се соединат со нив. Ништо не може да ги оправда што ги отстрануваат Божјите заповеди заради човечките прописи.

Со две големи заблуди, со заблудата за бесмртност на душата и со заблудата за празнување на неделата, сатаната ќе успее да ги прелаже луѓето. Додека првата заблуда поставува темели за спиритизмот, втората создава врска на пријателство со Рим. Протестантите во Соединетите Држави први ќе подадат рака преку понорот за да ја прифатат раката на спиритизмот; тие ќе го премостат и амбисот за да се ракуваат со римската сила и под влијание на овој трикратен сојуз, оваа земја ќе појде по стапките на Рим и ќе ги погази правата на совеста.

Бидејќи спиритизмот необично верно го имитира денешното христијанство по име, тој има посилна моќ да измами и да заведе. Лично сатаната се обраќа на модерен начин. Тој ќе се појави како светлосен ангел. Со помош на спиритизмот ќе се јавуваат натприродни манифестации; ќе се исцелуваат болни и ќе се случуваат многу непобитни чуда. И бидејќи лошите духови ќе тврдат дека веруваат во Библијата и ќе покажат почит кон прописите на црквата, нивното дело ќе биде примено како откровение на Божјата сила.

Разликата меѓу оние што велат дека се христијани и неверниците сега одвај може да се забележи. Верниците на црквите го сакаат она што го сака светот и готови се да се соединат со него, а сатаната решил да ги поврзе во едно тело за да го засили своето дело така што сите ќе ги вовлече во редовите на спиритизмот. Католиците, кои се фалат со чуда како сигурен знак дека нивната црква е вистинска црква, ќе бидат лесно измамени од оваа чудотворна сила, а протестантите, кои го отфрлаат штитот на вистината, ќе бидат заведени од истата таа сила. Католиците, протестантите и световните луѓе подеднакво ќе го прифатат овој изглед на по божност без нејзината сила, и во ова заедништво ќе видат големо движење за преобраќање на цел свет и за воспоставување на толку долго очекуваното илјадагодишно царство.

Со помош на спиритизмот сатаната се појавува како добротвор на човечкиот род; тој ги лекува болестите на луѓето и се претставува како оној што донесува нова и повозвишена религија, а во исто време работи како рушител. Неговите искушенија мнозина водат во пропаст. Неумереноста го отапува разумот; кон ова следат сетилни задоволства, караници и крвопролевања. Сатаната ужива во војната, зашто војната буди најлоши страсти во душата и потоа ги фрла во вечна пропаст своите жртви потонати во порок и крв. Негова цел е народите да ги раздразни да војуваат едни против други, зашто така може мислите на луѓето да ги одврати од неопходната подготовка да опстанат во денот на Божјето доаѓање.

Сатаната исто така работи преку природните сили да ги собере неподготвените души за својата жетва. Тој ги проучил тајните на лабораторијата на природата и сета своја моќ ја употребува да завладее со нив во онаа мера колку што му дозволува Бог. Кога му било дозволено да го искуша Јова, колку бргу биле уништени стадата, слугите, куќите и децата несреќите се нижеле со секавична брзина. Бог е тој што ги чува своите созданија и ги штити од силата на уништувањето. Но христијанскиот свет покажал презир кон Божјиот закон и Господ ќе го исполни она што го кажал. Тој земјата ќе ја лиши од своите благослови и ќе ја повлече својата заштита од оние што стануваат против неговиот Закон, што ги учат и ги присилуваат и другите да прават така. Сатаната има власт над сите што не ги штити Бог на посебен начин. Тој на некои ќе им помогне и ќе ги направи среќни за поуспешно да ги изведе своите намери, додека другите ќе ги турне во неволја и ќе ги наведе да веруваат дека Бог е тој што ги мачи. (продолжува)

Pin It on Pinterest