(продолжува од претходниот ден) Секаде каде што ќе се отфрлат божествените прописи, гревот престанува да изгледа грешен, а правдата е непожелна. Оние што одбиваат да го прифатат Божјето владеење се наполно неспособни да владеат самите со себе. Со нивните опасни науки се всадува дух на непокорност во срцата на децата и младината кои по природа не поднесуваат ограничувања, а како последица на тоа во општеството се шири беззаконие и разузданост. Иако мнозина ѝ се подбиваат на лековерноста на оние што ги прифаќаат Божјите барања, тие сами радо ги прифаќаат измамите на сатаната. Тие им попуштаат на телесните желби и ги прават истите гревови што навлекле Божји судови врз незнабошците.

Оние што го учат народот да ги омаловажува Божјите заповеди сеат непослушност за подоцна да го пожнеат посеаното. Нека се отстранат во целост оградите поставени со божествениот Закон и набргу ќе се појави непочитување на човечките закони. Бидејќи Бог ги забранува нечесните дела, лакомството, лагите и измамите, луѓето се готови да ги газат неговите прописи под изговор дека тие се пречка кон нивниот светски напредок; но последиците од отфрлањето на овие прописи ќе бидат пострашни отколку што можат да си замислат. Ако законот не е во сила, тогаш зошто човекот да се плаши да го престапува? Личната своина не би била повеќе сигурна. Луѓето со насилство би ги отимале имотите од своите ближни и најсилните би станале најбогати. Не би се ценел ниту самиот живот. Брачниот завет не би бил веќе свето засолниште што го штити семејството. Оној што би имал власт, би можел, ако би сакал, со сила да му ја преземе жената на својот ближен. Петтата заповед би се отстранила заедно со четвртата. Децата не би се притеснувале да им го одземат животот на своите родители ако со тоа би можеле да ги остварат желбите на своето расипано срце. Цивилизираниот свет би станал орда разбојници и убијци, а од светот би исчезнале сигурноста, мирот и среќата.

Самата наука дека луѓето се ослободени од послушноста кон Божјите барања ја ослабела силата на моралната обврска и на светот му ги отворила браните на неправдата. Врз нас се устремиле беззаконие и расипаност како опасна поплава. Сатаната во голема мера работи во семејството. Неговото знаме се вее и на домовите на оние што тврдат дека се христијани. Тука постои сомничење, лицемерство, отуѓување, расправии, караници, изневерување на доверени тајни и задоволување на сетилните желби. Целиот систем на верските начела и науки, што би требало да биде темел и рамка на општествениот живот, се чини дека се повива, готов да се распадне. Најдрски злосторници, кога ќе паднат во затвор поради сторените злосторства, често се опсипувани со подароци и им се обрнува внимание како да сториле некое благородно дело. На нивната личност и на нивните злосторства им се дава голем публицитет. Печатот објавува возбудливи подробности за злосторството и со тоа се наведуваат и други на измама, на разбојништво и убиство, а сатаната се радува за успехот на своите пеколни планови. Уживањето во пороци, безочното одземање на животи, страшното умножување на неумереноста и беззаконието во сите облици и степени, би требало да ги поттикнат сите што се бојат од Бога да се запрашаат што можат да сторат за да се запре поплавата на злото.

Судовите се изопачени. Со луѓето поставени на раководни места управуваат желби за добивка и љубов за сетилни уживања. Неумереноста ја ослабела способноста на мнозина, така што сатаната над нив има речиси целосна власт. Правниците се расипани, поткупливи, невистинити. Меѓу оние што ги применуваат законите е присутно пијанство, оргии, страсти, завист и непочитување од секој вид. „Судот се повлече, а праведноста застана далеку; вистината падна на улица и правдата не може да помине“ (Исаија 59,14).

Неизбежна последица на беззаконието и духовната темнина што владееле под власта на Рим тој го отфрлил Светото писмо; но каде да се најде причината за толку широко распространетото безбоштво, за отфрлањето на Божјиот закон и за расипаноста што произлегува од тоа приполна светлина на евангелието и во време на верска слобода? Сега, кога сатаната не може веќе светот да го држи под своја власт со одземање на Светото писмо, тој прибегнува кон други средства за да ја постигне истата цел. Да се уништи во Библијата верувањето за него за сатаната е исто толку важно колку и уништувањето на самата Библија. Бидејќи раширил уверување оти Божјиот закон не е задолжителен, сатаната исто така успешно ги наведува луѓето да го престапуваат како и тогаш кога воопшто не би ги познавале неговите прописи. Сега, како и некогаш, тој работи преку црквата за да ги оствари своите планови. Денешните верски заедници одбиле да ги слушаат непопуларните вистини јасно изнесени во Светото писмо и, борејќи се против нив, прифатиле толкувања и зазеле такви ставови што насекаде посеале семе на неверство. Со тоа што ја прифатиле папската лага за вродена бесмртност и за свесна состојба на луѓето за време на смртта, ја отфрлиле единствената одбрана од измамите на спиритизмот. Науката за вечни маки завела мнозина да не веруваат во Библијата. И кога јасно ќе се изнесат барањата на четвртата заповед, мнозина увидуваат дека Бог бара да го празнуваме седмиот ден, саботата. А како единствен излез да се ослободат од должноста што не се готови да ја исполнат, многу учители изјавуваат дека Божјиот закон не важи веќе. На овој начин тие го отфрлаат Законот, а со него и саботата. Колку повеќе се работи врз реформата на саботата, ова отфрлање на божествениот Закон, за да се избегнат барањата на четвртата заповед, ќе стане речиси сеопшто. Науките на овие верски водачи ја отвориле вратата за неверство, за спиритизам и за презирање на Божјиот свет закон. Врз овие водачи лежи страшна одговорност за беззаконието што владее во христијанскиот свет. (продолжува)

Pin It on Pinterest