Во сите векови Божјето дело на земјата во секоја голема реформација и во секое верско движење покажува голема сличност. Бог секогаш со луѓето постапува според исти начела. Значајните современи движења имаат сличности со оние што биле во минатото, а искуствата на црквите во минатите времиња му даваат драгоцени поуки на нашето време.

Библијата јасно нè учи дека Бог со помош на Светиот Дух на посебен начин управува со своите слуги на земјата во големите движења за продолжување на делото на спасението. Луѓето се орудија во Божјите раце со кои Тој се служи да ги исполни своите божествени намери. Секој има своја задача; секому му е дадена мерка на виделина што одговара на потребите на неговото време и колку што е потребно да го оспособи да го изврши делото што му го доверил Бог. Но ниеден човек, колку и да е ценет од Небото, никогаш не постигнал целосно сознание за големиот план на спасението, па ниту целосно ги сфатил божествените намери само за неговото време. Луѓето не разбираат потполно што сака Бог да постигне со задачата што им ја предал да ја извршат. Тие не го сфаќаат потполно значењето на веста што ја проповедаат во негово име.

„Можеш ли да проникнеш во длабочините Божји?“ (Книгата за Јов 11,7). „Моите мисли не се ваши мисли, ниту вашите патишта се мои патишта, вели Господ. Колку што е небото повисоко од земјата, толку се моите патишта повисоки од вашите патишта, и моите мисли повисоки од вашите мисли.“ „Зашто јас сум Бог и нема друг Бог сличен со мене. Јас сум Оној кој од почеток го открива крајот и однапред го јавува она што уште не се случило. Јас кажувам и одлуката моја ќе се исполни, ќе сторам сè што ми е по волја“ (Исаија 55,8.9; 46,9.10).

Дури и пророците, кои биле оспособени, посебно просветлени од Светиот Дух, не го сфатиле наполно значењето на откровенијата што им биле доверени. Смислата на објавените пророштва станувала јасна со текот на времето, и тоа во часот кога на Божјиот народ му биле потребни поуките содржани во нив.

Пишувајќи за спасението, откриено преку евангелието, Петар кажува: „Ова спасение го истражуваа и го испитуваа пророците, кои пророкуваа за благодатта што требаше да дојде. Тие испитуваа на кого и на какво време укажуваше Христовиот Дух кој беше во нив, кој однапред укажуваше на Христовите страдања и на идната слава. Ним им беше откриено дека не си служеа себеси туку вам“ (1. Петрово 1,10­12).

Но, иако на пророците не им било дадено целосно да ги сфатат стварностите што им биле откриени, сепак, тие сериозно настојувале да го разберат виделото што им го дал Бог. Испитувале „на кого и на какво време укажуваше Христовиот Дух кој беше во нив“. Какви поуки за Божјиот народ во христијанскиот период, во чијашто полза се дадени овие пророштва на неговите слуги! „Ним им беше откриено дека не си служеа себеси туку вам.“ Погледнете ги овие свети Божји луѓе кои ги истражувале и ги испитувале откровенијата што им биле дадени за поколенијата што уште не биле ниту родени. Споредете ја нивната света ревност со небрежната рамнодушност со која постапувале учителите на подоцнежните векови со овој небесен дар. Каков укор упатен до небрежните и рамнодушните, кои се задоволуваат да кажат дека пророштвата не можат да се разберат!

Иако човечкиот ум е неспособен да ги долови мислите на Вечниот и целосно да ги сфати неговите намери, сепак, причината што луѓето не можат толку добро да ги сфатат небесните вести лежи во нивните многубројни заблуди и во нивната немарност. Често човечкиот дух, па и духот на Божјите слуги, е заслепен со човечки мислења, со преданија и со лажни науки, и поради тоа само делумно може да ги сфати големите нешта што Тој ги открива во својата Реч. Така било и со Христовите ученици дури и во времето кога Спасителот лично бил со нив. Нивните сфаќања биле проникнати со еврејските поими за Месија како световен лидер, кој Израел ќе го издигне на ниво на светско царство, и затоа не можеле да ги сфатат неговите зборови со кои ги преткажал своите маки и својата смрт.

Христос ги пратил во светот со веста: „Времето се исполни и наближи Божјето царство; покајте се и верувајте во евангелието“ (Марко 1,15). Оваа вест се темели на 9. глава од книгата на пророк Даниел. Тука ангелот објаснува дека тие шеесет и девет седмици допираат до „Кнезот Помазаник“, и учениците со големи надежи и со радост го очекувале скорашното воспоставување на царството на Месија во Ерусалим кое ќе владее со цел свет.

Тие ја проповедале веста што им ја доверил Христос, иако нејзината смисла погрешно ја сфатиле. Додека нивната вест се темелела на пророштвото на Даниел 9,25, не виделе во следниот стих на истата глава дека Помазаникот ќе биде погубен. Уште од својата рана младост нивното срце копнеело за славно земно царство на кое се надевале, и тоа го поматило нивното сфаќање во врска со даденото пророштво и со Христовите зборови.

Тие ја извршувале својата должност упатувајќи му го на еврејскиот народ повикот на милоста, а потоа, токму во часот кога очекувале нивниот Господ да го заземе Давидовиот престол, виделе како е фатен како злосторник, тепан, навредуван, осуден и распнат на крст на Голгота. Каков очај и какви душевни страдања ги мачеле срцата на учениците во тие денови кога нивниот Господ лежел в гроб! (продолжува)

Pin It on Pinterest