(продолжува од претходниот ден) Христос дошол точно во времето што било одредено и на начин опишан во пророштвото. Сведоштвото на Писмото се исполнило во секоја подробност како што било предвидено во него. Тој објавувал спасение „и неговата реч беше силна“. Неговите слушатели почувствувале во своите срца дека неговата беседа е небесна. Речта и Светиот Дух го потврдиле божественото пратеништво на Божјиот Син.

Учениците сè уште му биле предани на својот сакан Учител, па сепак, нивните срца ги мачела неизвесност и сомневање. Во душевниот страв не се сетиле за Христовите зборови што упатувале на неговите маки и на неговата смрт. Кога Исус од Назарет би бил вистинскиот Месија, зар тие на таков начин би биле оставени во болка и разочарани? Тоа било прашање што ги мачело нивните души додека Спасителот лежел в гроб, во безнадежните часови онаа сабота, меѓу неговата смрт и воскресението.

Иако овие Христови следбеници ги обвила најтемна ноќ на жалост, сепак, тие не биле оставени. Пророкот рекол: „Иако сега сум во мрак, Господ е моја светлина… Тој ќе ме изведе на светлина, и ќе ја гледам неговата праведност.“ „За тебе ни темнината не е темна: ноќта свети како ден, зашто за тебе и темнината е како светлина.“ Бог рекол: „На праведникот и во мракот му зазорува.“ „Ќе ги водам слепите по патеките, ќе ги упатам на патиштата. Пред нив темнината ќе ја претворам во светлина, а кривите патеки во прави. Тоа ќе го сторам и нема да отстапам“ (Михеј 7,8.9; Псалм 139,12; 112,4; Исаија 42,16).

Веста што ја разгласиле учениците во Господово име во секој поглед била точна, а настаните на кои укажувала таа токму тогаш се одигрувале. „Се исполни времето и наближи царството Божје“, гласела нивната вест. Кога поминало времето оние шеесет и девет седмици од Даниел 9, што траело сè до Месија „Помазаникот“ Христос, кога бил крстен од Јована на Јордан, примил помазание од Светиот Дух. А небесното царство, што велеле дека се приближува, е воспоставено со Христовата смрт. Ова царство не било земно царство, како што биле научени да веруваат. Тоа не било ниту идното непоминливо царство, што ќе биде воспоставено кога „царството, власта и величеството под сите небеса ќе им се дадат во раце на светите на Севишниот. Неговото царство е вечно царство и сите власти ќе му служат и ќе му се покоруваат нему“ (Даниел 7,27). Во библискиот јазик изразот „небесно царство“ се употребува да ги означи двете и царството на милоста и царството на славата. Царството на милоста е опишано во Павловото послание до Евреите. Бидејќи укажал на Христа, на милостивиот Посредник, кој „може да сочувствува со нашите слабости“, овој писател продолжува: „И така, слободно да пристапуваме кон престолот на благодатта за да примиме милост и да најдеме благодат која ќе ни помогне во време на нужда“ (Евреите 4,16). Престолот на благодатта или престолот на милоста го претставува царството на милоста, зашто постоењето на престол зборува за постоење на царство. Во многу свои споредби Христос го употребувал изразот „небесно царство“ за да го опише делото на божествената милост во човечките срца.

Престолот на славата го претставува царството на славата, а на ова царство се однесуваат зборовите на Спасителот: „А кога ќе дојде Синот човечки во својата слава и сите свети ангели со него, тогаш ќе седне на престолот на славата; и ќе се соберат пред него сите народи“ (Матеј 25,31.32). Ова царство е сè уште во иднина. Тоа ќе биде воспоставено дури при второто Христово доаѓање.

Царството на милоста е засновано веднаш по човековото паѓање во грев, кога е создаден план за откуп на грешното човештво. Тогаш тоа постоело само во Божјата намера и во Божјето ветување, а луѓето со вера можеле да станат негови граѓани. Тоа навистина е воспоставено дури при Христовата смрт, зашто, и откако ја почнал својата земна мисија, Спасителот можел, уморен од тврдоглавоста и од неблагодарноста на луѓето, да отстапи од својата жртва на Голгота. Во гетсиманската градина во неговата рака се тресела чашата на маките. Дури и тогаш можел да ја избрише крвавата пот од своето чело и да го пушти грешниот род да пропадне во својот грев. Кога би го сторил тоа, за паднатиот човек не би имало откуп. Но кога Спасителот умирал и со својата последна воздишка извикнал: „Се сврши!“, планот на спасението бил осигурен. Ветувањето за спасение што ѝ било дадено на грешната двојка во Едем било потврдено. Тогаш е воспоставено царството на милоста што порано било содржано во Божјето ветување. (продолжува)

Pin It on Pinterest