(продолжува од претходниот ден) Така Христовата смрт ­токму оној настан што угасил секоја надеж кај учениците е гаранција дека таа надеж ќе се исполни. Додека Христовата смрт страшно ги разочарала, таа всушност била најголем доказ дека нивната вера била исправна. Настанот што ги исполнил со жалост и очај, на секое Адамово дете му отворил врата на надеж, и од него зависел идниот живот и вечното блаженство на сите што се надевале на Бога во сите времиња.

Дури и во ова разочарување на учениците поради неисполнетите очекувања се исполниле намерите на неизмерната Божја милост. Иако нивните срца биле освоени со божествената милост и со силната наука на Оној за кого е кажано дека „никогаш човек не зборувал така како овој човек“, сепак, чистото злато на нивната љубов кон Спасителот било помешано со безвреден троскот на световна горделивост и на световно честољубие. Уште во горната соба, која била приготвена за јадење на пасхалното јагне, во оној свечен час, кога Учителот веќе бил под сенката на Гетсиманија, „настана расправија меѓу нив за тоа кој од нив е најголем“ (Лука 22,24). Пред нивните очи постојано треперела слика на престол, на круна и слава, не насетувајќи дека веднаш потоа ќе се сретнат со подбиви и со душевен страв во Гетсиманија, со судница и со крст на Голгота. Горделивоста на нивното срце и жедта за световна слава ги навеле тврдоглаво да се држат за лажните науки на своето време и да ги занемарат зборовите на Спасителот кои ја покажувале вистинската природа на неговото царство и упатувале на неговите душевни страдања и на неговата смрт. А овие заблуди предизвикале тешко, но потребно искушение што служело за нивно поправање. Иако учениците погрешно ја сфатиле смислата на својата вест и не виделе како ќе се исполнат нивните очекувања, сепак, ја објавиле опомената што им ја доверил Бог, и Бог ја ценел нивната послушност и ја наградил нивната вера. Тие добиле задача да ја шират славната вест на воскреснатиот Господ меѓу сите народи. За да бидат приготвени за ова дело, морале да поминат низ толку горко искуство.

По своето воскресение, Исус се појавил меѓу своите ученици на патот за Емаус, „и почна од Мојсеја и од сите пророци да им објаснува што е пишано за него во Писмото“ (Лука 24,27). Срцата на учениците биле возбудени. Верата се разгорела. Тие биле „преродени за жива надеж“ уште пред Исус да дозволи да го препознаат. Сакал да го просветли нивниот ум и да ја утврди нивната вера во „најсигурната пророчка Реч“. Сакал вистината да фати поцврст корен во нивното срце не само затоа што е потпрена со неговото лично сведоштво, туку и поради сигурниот доказ што се наоѓал во симболите и во сенките на обредниот закон, како и во пророштвата на Стариот завет. На Христовите следбеници им било потребно да имаат разумна вера не само заради самите нив, туку и на светот да можат да му ги објават спознанијата за Христа. Како прв чекор при објавувањето на овие спознанија Исус учениците ги упатил на Мојсеја и на пророците. Тоа е сведоштво што го дал воскреснатиот Спасител за вредноста и важноста на книгите на Стариот завет.

Какви промени настанале во срцата на учениците кога пак го виделе својот сакан Учител! (Лука 24,32). Во една поцелосна и посовршена смисла од кога и да е порано го нашле Оној за кога е „пишано во Мојсеевиот закон и во пророците“. Неизвесноста, стравот и очајот исчезнале пред целосната сигурност и пред незатемнетата вера. Не е никакво чудо што по неговото воскресение „постојано беа во црквата, фалејќи и благословувајќи го Бога“. Народот, кој знаел само за срамната смрт на Спасителот, очекувал во нивниот поглед да види израз на жалост, збунетост и пораз, но наместо тоа, видел само радост и чувство на победа. Колку темелно се подготвиле овие ученици за делото што било пред нив! Преживеале најтешко искушение што кога и да е можело да ги снајде и виделе како Божјата реч славно се исполнила кога, според човечките мерила, било загубено сè. Сега што уште би можело да ја поколеба нивната вера или да ја намали нивната топла љубов? Во своите најтешки мигови имале „силна утеха“, надеж што била „цврста и сигурна котва на душата“ (Евреите 6,18.19). Биле сведоци за Божјата мудрост и моќ , знаејќи дека „ни смртта, ни животот, ни ангелите, ни властите, ни силите, ни сегашноста ни иднината, ни височината, ни длабочината, ниту кое годе друго создание, не ќе може да нè оддели од љубовта Божја, која е во нашиот Господ Исус Христос“. „Но во сето ова победуваме надмоќно преку Оној кој нè милее“ (Римјаните 8,38.39.37). „Но речта Господова останува довека“ (1. Петрово 1,25). „Кој е тој што ќе ги осуди? Дали Христос Исус, кој умре, и згора на тоа воскресна, кој е од десната страна на Бога и кој се зазема за нас“ (Римјаните 8,34).
(продолжува)

Pin It on Pinterest