(продолжува од претходниот ден) Самото постоење на овој народ, кој ја пазел верата на апостолската црква, било постојан прекор за отпадничкиот Рим, и затоа предизвикувало најогорчена омраза и прогонство. Нивното одбивање да ги предадат Светите писма било исто така навреда што Рим не можел да ја трпи. Тој решил да ги истреби од земјата. Тогаш почнале најужасните крстоносни походи против Божјиот народ во нивните планински домови. Инквизиторите трагале по нив и често се повторувала некогашната сцена кога невиниот Авел паднал од рацете на убиецот Каин.

Повеќе пати нивните плодни полиња биле опустени, нивните домови и капели срамнети со земјата и местото кое некогаш било плодно поле на овој трудољубив народ било претворено во пустина. Како крволочен ѕвер што се разбеснува повеќе кога ќе вкуси крв, така следбениците на Рим станувале сè посвирепи гледајќи ги маките на своите жртви. Мнозина од овие сведоци на чистата вера се гонети како ѕверови по планините и терани во горските длабини каде што наоѓале прибежиште, засолнети со високите шуми и карпести врвови.

Никаква вина не можела да се најде против овој народ со висок морал, осуден на смрт. Дури и нивните непријатели потврдувале дека тој е мирољубив, тих и побожен народ. Нивна голема вина била што не сакале да му служат на Бога на таков начин како што барало папството. За оваа вина морале да поднесуваат понижување, срам и маки, што можат да ги измислат само луѓето и ѓаволот.

Кога Рим решил да ја истреби оваа омразена секта, издал едикт со кој нејзините припадници ги осудил како кривоверци и наредил да се истребат. Тие не се обвинети како мрзливци, нечесни или неморални, но изјавено е дека имаат таков вид побожност и светост што ги заведуваат „овците на вистинското стадо.“ Затоа папата наредил: „Ако оваа зла и гнасна секта одбие да се откаже од својата вера, мора да се столчи како отровна змија“ (Wylie, b. 16, ch. 1). Дали овој горделив властодржец мислел дека еднаш ќе даде сметка за овие зборови? Дали знаел дека тие се запишани во небесните книги и дека ќе ги слушне на судниот ден? „Сè што му сторивте на еден од овие мои најмали браќа“, вели Исус, „мене ми сторивте“ (Матеј 25,40).

Овој папин едикт ги повикувал сите членови на црквата да се соединат во крстоносна војна против кривоверците. За да ги одушеви да земат учество во ова страшно дело, тој ги „ослободил од сите црковни покори и казни, општи и единечни; оние што ќе земат учество во овој крстоносен поход ги ослободил од секоја дадена заклетва; го прогласил за право силно сè она што го стекнале на незаконит начин и им ветил проштавање на сите гревови на оние што ќе убијат некој еретик. Ги прогласил за неважни сите договори што биле склучени во корист на валденжаните, им наредувал на нивните слуги да ги напуштат, им забранувал на сите да им укажат каква и да е помош и го овластил секого да може да го земенивниот имот“ (Wylie, b. 16, ch. 1). Овој документ јасно открива со чиј дух било вдахнато ова дело. Тоа е рик на ламјата, а не Христов глас.

Папските водачи не сакале да го прилагодат својот карактер кон начелата на Божјиот закон, туку поставиле мерило што им се допаѓало ним и решиле да го присилат секого да се прилагоди кон него, зашто така му се допаднало на Рим. Се случувале најужасни трагедии. Расипаните и богохулни свештеници и папи извршувале дело што им го одредил сатаната. Во нивните срца немало милост. Истиот дух што го распнал Христа и ги погубил апостолите, што го поттикнувал Нерона против верните христијани во тоа време, работел и сега, настојувајќи да ги искорени од земјата оние што ги љубел Бог.

Овие побожни луѓе биле изложени на прогонства низ многу векови, но тие ги поднесувале стрпливо и истрајно, стремејќи се да го прослават својот Спасител. Продолжувале да ја шират драгоцената вистина наспроти крстоносните војни што се организирани против нив и нечовечкото убивање на кое биле осудувани. Биле прогонувани до смрт, но нивната крв го натопувала посеаното семе кое не останало без плод. Така валденжаните сведочеле за Бога со векови пред Лутеровото раѓање. Расеани низ разни земји, тие го сееле семето на реформацијата што почнала во времето на Виклифа, се раширила и се зацврстила во деновите на Лутера, и треба да продолжи во последно време со трудот на оние што се готови да претрпат сè за „Божјата реч и за сведоштвото на Исуса Христа“.

Pin It on Pinterest