(продолжува од претходниот ден) Валденжанскиот мисионер радо им ги откривал на заинтересираните скапоцените вистини на евангелието. Претпазливо ги изнесувал внимателно препишуваните делови на Светото писмо. Негова најголема радост била да разбуди надеж во совесната и со грев ранета душа која до тогаш го познавала Бога само како одмаздник, кој чека да ја изврши својата правда. Со треперливи усни, со солзи во очите, често на колена, на своите браќа им ги откривал скапоцените ветувања што се единствена надеж за грешникот. Така светлината на вистината проникнувала во многу мрачни срца, ги растерувала темните облаци, додека во срцето се раѓало Сонцето на правдата со своите зраци што исцелуваат. Често се случувало некој дел на Светото писмо да се чита повеќе пати, зашто слушателот сакал да му се повтори, како да сакал да се увери дали добро слушнал. Особено со желба барале да се повторат овие зборови: „Крвта на неговиот Син, Исус, нè чисти од секој грев“ (1. Јованово 1,7). „И како Мојсеј што подигна змија во пустината, така треба да се подигне Синот човечки, та секој што верува во него да не загине, ами да има живот вечен“ (Јован 3,14.15).

На мнозина на овој начин им станале јасни барањата на Рим. Увиделе колку е залудно да го прифаќаат посредувањето на луѓето или на ангелите во полза на грешникот. Кога вистинската светлина го осветлила нивниот дух, тие радосно извикнале: „Христос е мој свештеник; неговата крв е моја жртва; неговиот олтар е моја исповедална!“ Потполно ги прифатиле Христовите заслуги, повторувајќи ги зборовите: „Без вера не е можно да му се угоди на Бога“ (Евреите 11,6). „Нема друго име под небото дадено на луѓето со кое би можеле да се спасиме“ (Дела 4,12).

Многу од овие кутри, скршени души, речиси не можеле да ја сфатат толку големата љубов на Спасителот. Толку големо олеснение им донело тоа сознание, толкава светлина ги осветлила, што се чувствувале како да се на небото. Со доверба својата рака ја ставиле во Христовата и со своите нозе цврсто застанале на Карпата на вековите. Исчезнал сиот страв од смртта. Сега биле готови да одат во затвор и на ломача, само ако со тоа би го прославиле својот Спасител.

Речта Божја понекогаш се читала на скришни места пред една душа, понекогаш пред мала група која копнеела за светлината и за вистината. Често на тој начин се поминувале цели ноќи. Слушателите биле толку силно одушевени и восхитени, што весникот на евангелието бил присилен повремено да прекинува со читањето со цел слушателите да ја сфатат веста на спасението. Често се поставувани вакви прашања: „Дали Бог навистина ќе ја прими мојата жртва? Дали милостиво ќе ме погледне? Дали ќе ми прости?“ При тоа е прочитан одговорот: „Дојдете кај мене сите кои сте уморни и натоварени, и јас ќе ве одморам“ (Матеј 11,28).

Со вера слушателот го прифаќал ветувањето, а потоа се слушнал радосен одговор: „Нема веќе долги поклоненија, нема веќе мачни патувања до светите места; јас можам да дојдам кај Исуса таков каков што сум: грешен, непосветен; и Тој нема да ја отфрли мојата покајничка молитва. ‘Ти се проштаваат гревовите!’ И моите, и моите исто така можат да бидат простени!“

Срцето би го исполнил бран на света радост, а Исусовото име се славело со песна и благодарност. Овие среќни души се вратиле во своите домови да ја рашират светлината, да им ги раскажат на другите, колку што знаеле, своите нови искуства; да им кажат дека го нашле вистинскиот пат на животот. Чудна и величествена сила се криела во зборовите на Светото писмо кои непосредно им говореле на срцата на оние кои копнееле за вистината. Божјиот глас бил тој кој ги осведочил тие што слушале.

Весникот на вистината би го продолжил својот пат, а неговата понизност, ревност и искреност биле предмет на многу разговори. Во многу случаи слушателите не го прашале од каде доаѓа и каде оди. Во толкава мера биле обземени најпрво со чудење, а потоа со благодарност и со радост, што и не помислиле да го прашаат за тоа. Кога би го замолиле да појде со нив во нивниот дом, тој би им одговорил дека мора да ги посети загубените овци на стадото. Тогаш мнозина се прашувале: „Можеби тоа е ангел од небото?“

Во многу случаи тие никогаш веќе не го виделе весникот на вистината. Тој заминал во друга земја, или го поминувал животот во некој непознат затвор; или можеби неговите коски гниеле во некое место каде што сведочел за вистината. Но зборовите што ги оставил не можел никој да ги уништи. Тие го извршувале своето дело во човечките срца. Дури на судниот ден потполно ќе се откријат нивните благословени последици.

Валденжанските мисионери се пробиле и во царството на сатаната и со тоа ги поттикнале властите на темнината на поголема претпазливост. Кнезот на злото посматрал секој напор околу ширењето на вистината и ги поттикнувал своите орудија да се плашат од тоа. Во работата на овие скромни патници папските водачи виделе знак на опасност за себе. Ако дозволат светлината на вистината слободно да свети, таа ќе ги растера тешките облаци на заблудите во кои живеел народот; мислите на луѓето ќе ги упати кон Бога и на крај ќе ја уништи врховната власт на Рим. (продолжува)

Pin It on Pinterest