(продолжува од претходниот ден) Ангелите често се наоѓаат на собирите на праведниците како луѓе и ги посетуваат собирите на грешниците, како што отишле во Содом за да направат извештај за нивните дела и да утврдат дали ја пречекориле границата на Божјето трпение. Господ ја сака милоста; и заради неколкумина кои навистина му служат, Тој ја отстранува несреќата и му го продолжува мирот на мноштвото. Колку малку знаат оние што грешат против Бога дека за својот живот треба да им заблагодарат на малечкиот број верни што тие често ги исмеваат и угнетуваат!

Иако владетелите на овој свет не го знаат тоа, сепак, на нивните советувања ангелите често ја воделе речта. Човечки очи ги гледале; човечки уши ги слушале нивните молби; човечка уста се противела на нивните предлози и ги исмевала нивните совети; човечки раце ги навредувале и малтретирале. На советите и во судниците овие небесни весници покажувале дека точно ја познаваат човечката историја; тие подобро ги застапувале угнетените отколку нивните најспособни и најречити застапници. Тие осуетиле многу намери и го задржале злото што во голема мера би го пречело Божјето дело и би предизвикало многу страдања на неговиот народ. За време на неволјите „ангелот Господов се улогорува околу оние кои него го почитуваат и ги закрилува“ (Псалм 34,7).

Со голем копнеж Божјиот народ го очекува знакот на доаѓањето на својот Цар. Кога стражарите ќе бидат прашани: „Стражару, која доба на ноќта е?“, ќе дадат јасен одговор: „Доаѓа утро, но и ноќ“ (Исаија 21,11.12). Облаците над високите планини блескотат со светлина. Наскоро ќе се открие неговата слава. Набргу ќе блесне Сонцето на правдата. Утрото и ноќта веќе се тука осамнување на бесконечниот ден за праведните и почеток на вечна ноќ за грешните.

Додека тие што се борат му упатуваат на Бога молитви, завесата што ги дели од невидливиот свет се чини дека речиси е отстранета. Небесата пламтат од мугрите на вечниот ден, и слично на мелодија на небесен хор, до нивните уши допираат овие зборови: „Стојте цврсто во својата верност! Доаѓа помош!“ Семожниот Победник, Христос, на своите уморни борци им дава круни на непоминлива слава, а низ полуотворената врата се слуша неговиот глас: „Јас сум со вас! Не бојте се! Јас ги познавам сите ваши неволји; ги носев вашите грижи. Вие не се борите против непобедлив непријател. Јас извојував победа заради вас и во мое име вие сте повеќе отколку победници!“

Спасителот ќе ни прати помош токму тогаш кога таа ќе ни биде потребна. Патот кон небото е посветен со неговите стапки. Секој трн што ја ранува нашата нога, ја ранил неговата. Секој крст што сме повикани да го носиме ние, го носел Тој пред нас. Господ дозволува борби за да ја приготви душата за мир. Времето на големата неволја е страшно огнено искушение за Божјиот народ; но за секој вистински верник тоа е време да го подигне погледот и со вера да го види виножитото на ветувањето што е над него.

„Ќе се вратат оние што ги ослободи Господ, и со радосни извици ќе дојдат на Сион. Вечна веселба ќе им се рее над главите, ќе ги придружуваат триумф и радост, а ќе ги снема тагата и воздишките. Јас сум вашиот Утешител. Кој си ти да се боиш од смртен човек и од човечки син, кој е како трева? Го заборави Господа, својот Творец…, непрекратно трепериш, секој ден, од гневот на угнетувачот, како да се приготвува да те уништи. Но каде е сега гневот на угнетувачот? Скоро ќе биде слободен заробеникот, нема да умре во јама, ниту ќе му недостига леб. Зашто јас сум Господ, твојот Бог, кој го раздвижувам морето за да му бучат брановите. Името ми е Господ над војските. Свои зборови ставив во твојата уста, во сенката на својата рака те скрив… Затоа, чуј го ова беднику, пијан, но не од вино. Вака зборува Господ, твојот Бог, бранителот на твојот народ: Еве, од твојата рака ја земам опојната чаша, чашата на својот гнев: не ќе го пиеш веќе. Ќ е ја ставам во рацете на твоите угнетувачи, на оние кои ти зборуваа: ‘Наведни се за да поминеме!’ И ти им ги подметнуваше плеќите како почва, како пат за минувачи“ (Исаија 51,11-16.21-23).

Божјето око, кое гледа низ вековите, било насочено кон часот на одлуката што мора да го преживее Божјиот народ кога сите земни сили ќе се устремат против нив. Слично на протерани заробеници, тие ќе се плашат од смрт од глад и од насилство. Но Бог, кој го раскинал Црвеното Море пред Израелците, и сега ќе ја покаже својата голема сила и ќе го укине нивното ропство. „Тие ќе бидат мои, велисевишниот Господ, моја сопственост. Во денот што го подготвувам ќе им бидам милостив како таткото што му е милостив на синот кој му служи“ (Малахија 3,17).

Кога крвта на Христовите верни сведоци би била пролеана во тоа време, таа не би можела, како крвта на мачениците некогаш, да биде семе што е посеано да донесе плод за жетва на Божја слава. Нивната верност не би била сведоштво што би ги уверило другите во вистината, зашто брановите на милоста се одбиле од окоравените срца за никогаш веќе да не се вратат. Кога праведните сега би паднале како плен на своите непријатели, тоа би значело победа за кнезот на темнината. Псалмистот вели: „Зашто, во кобен ден, под својот кров ќе ме засолни, под покривот на својот шатор ќе ме скрие, на висока карпа ќе ме крене“ (Псалм 27,5). Христос рекол: „Ајде, народе мој, влези во клед и затвори ја вратата зад себе. Скриј се за миг, додека не помине јароста. Зашто Господ ќе излезе од своето живеалиште да ги казни земните жители за нивното беззаконие“ (Исаија 26,20.21). Славно ќе биде ослободувањето на оние кои стрпливо го чекале неговото доаѓање и чиишто имиња се запишани во Книгата на животот!

Pin It on Pinterest