„Во тоа време ќе се крене големиот кнез, Михаел, кој ги брани синовите на твојот народ. Тоа ќе биде време на страдање какво што немало откако постојат луѓе па сè до тогаш. Во тоа време ќе се спаси твојот народ сите што ќе се најдат запишани во книгата“ (Даниел 12,1).

Кога ќе заврши проповедањето на третата ангелска вест, милоста нема веќе да посредува за грешните жители на Земјата. Божјиот народ го завршил своето дело. Тој го примил „позниот дожд“, „освежување од Господовото лице“, и подготвен е за часот на искушението што е пред него. Ангелите брзаат насекаде на небото. Еден ангел, враќајќи се од земјата, објавува дека неговото дело е завршено. На светот настапило последното искушение и сите што се покажале верни кон Божјите прописи примиле „печат на живиот Бог“. Тогаш Исус престанува со својата посредничка служба во небесното Светилиште. Тој ги подига рацете и гласно изговара: „Се сврши!“, а сите ангелски чети ги симнуваат своите круни додека Исус свечено објавува: „Оној кој врши неправда, нека врши уште неправда; и кој е осквернет, нека се осквернува уште, и кој е праведен нека врши уште праведност; и кој е свет, нека станува уште посвет“ (Откровение 22,1). Секој случај е решен за живот или за смрт. Христос го извршил помирувањето за својот народ и ги избришал неговите гревови. Бројот на неговите приврзаници е пополнет; „царството, власта и величеството под сето небо“ ќе им бидат дадени на наследниците на спасението, а Исус ќе владее како Цар над царевите и Господар над господарите.

Кога Исус ќе го напушти Светилиштето, земните жители ќе ги покрие темнина. Во тоа страшно време праведниците мора да живеат без посредник пред светиот Бог. Силата која до сега ги задржувала грешните е отстранета, и сатаната има целосна власт над грешниците кои не се покајале. Божјето трпение е завршено. Светот ја отфрлил неговата милост, ја презрел неговата љубов и го погазил неговиот Закон. Грешните ги пречекориле границите на времето на милоста што им било дадено. Божјиот Дух, на кого толку упорно му се противеле, најпосле се повлекол од нив. Незаштитени со Божјата милост, тие се без заштита пред нечестивиот. Тогаш сатаната земните жители ќе ги турне во голема, последна неволја. Кога Божјите ангели ќе престанат да ги задржуваат страшните луњи на човечките страсти, ќе бидат одврзани сите елементи на судирот. Цел свет ќе биде вовлечен во пропаст што ќе биде пострашна од онаа што некогаш го снашла Ерусалим.

Еден единствен ангел ги убил сите првенци на Египќаните и сета земја ја исполнил со лелек. Кога Давид му згрешил на Бога пребројувајќи го народот, еден ангел го предизвикал она страшно пустење со кое е казнет неговиот грев. Истата разурнувачка моќ што ја покажале светите ангели кога Бог заповедал, ќе ја покажат и лошите ангели кога Тој ќе го дозволи тоа. Тие сили сега се подготвени и само чекаат божествена дозвола насекаде да сеат пустење.

Оние што го почитуваат Божјиот закон ќе бидат обвинети дека ги предизвикале казните што го погодиле светот и ќе бидат сметани како причина за страшните нарушувања во природата, за судирите и крвопролевањата меѓу луѓето, што земјата ја исполнуваат со лелек. Силата којашто ја следи последната опомена ги разгневува грешните. Нивниот гнев се распалува против сите што ја прифатиле веста, а сатаната со уште поголема жестокост разгорува дух на омраза и прогонство.

Кога Божјето присуство конечно се повлекло од еврејскиот народ, ниту свештениците ниту народот не го знаеле тоа. Иако под власт на сатаната и проникнати со најстрашни и најлоши страсти, тие сè уште себеси се сметале за Божји избраници. Службата во храмот и натаму се вршела. На осквернетите олтари се принесувале жртви и врз народот, кој бил виновен за крвта на Божјиот Син и кој се обидувал да ги убие неговите слуги и апостоли, повикуван е божествен благослов. Така, кога ќе биде изречена неотповиклива одлука во небесното Светилиште и кога судбината на светот за секогаш ќе биде запечатена, земните жители за тоа нема ништо да знаат. Народот, од чијашто средина Божјиот Дух конечно се повлекол, ќе продолжи да ги извршува своите верски формалности, а сатанската ревност со која ќе ги исполни кнезот на злото за да ги извршат неговите пеколни намери, ќе наликува на ревност за Божјето дело.

Бидејќи празнувањето на седмичниот ден за одмор, саботата, станало предмет на судир во целото христијанство, и бидејќи верските и световните авторитети се обединиле за да наметнат законска обврска за празнување на неделата, упорното одбивање на незначителното малцинство да се покори на барањето на мнозинството, неговите припадници ќе ги изложи на презир. Сите ќе истакнуваат дека малцинството, кое им се противи на Црквата како установа и на законот на државата, не заслужува никаков обѕир и дека ќе биде подобро да страдаат неговите припадници отколку цели народи да бидат турнати во збрка и беззаконие. Со истиот аргумент се послужиле еврејските старешини против Христа пред деветнаесет векови (пишувано кон крајот на 19 век, заб. на прев.). „Подобро за нас е“, рекол лукавиот Кајафа, „да умре еден човек за народот, отколку сиот народ да пропадне“ (Јован 11,50). Оваа причина ќе им се стори уверлива, па конечно ќе биде издаден декрет против оние кои го празнуваат денот за одмор сообразно со четвртата заповед, обвинувајќи ги како злосторници кои заслужуваат најтешка казна, и давајќи им на луѓето слобода по истекот на одредено време да ги убијат. Римското свештенство на стариот свет и отпаднатиот протестантизам на новиот свет ќе постапуваат на ист начин кон оние кои ги почитуваат сите Божји прописи. (продолжува)

Pin It on Pinterest