(продолжува од претходниот ден) Тогаш за Божјиот народ ќе настапи време на жалост и очај, кое пророкот го опишува како време на Јаковови маки: „Вака вели Господ: слушам глас на ужас; тоа се стравотии, а не мир… Зошто сите лица се изобличени и бледи? Леле, голем е овој ден, нема сличен на него; тоа е време на Јаковови маки, но сепак, ќе се избави од нив“ (Еремија 30,5-7).

Ноќта на стравот на Јакова, кога се молел за избавување од рацете на Исава (1. Мојсеева 32,24­30), го претставува искуството на Божјиот народ во времето на големата неволја. Поради измамата што ја извршил за да го добие благословот на својот татко, кој бил одреден за Исава, Јаков, уплашен од смртните закани на својот брат, побегнал за да го спаси животот. Бидејќи многу години живеел како изгнаник, по Божја заповед тргнал на пат со своите жени, деца и стада, да се врати во родниот крај. Пристигнувајќи до границата на својата татковина, страшно се уплашил кога слушнал дека Исав се приближува со чета борци, без сомнение со намера да му се одмазди. Се чинело дека невооружената и незаштите на придружба на Јакова ќе падне како беспомошна жртва на насилство и колеж. Кон овие грижи и страв додатно и тешко бреме било сознанието за сопствената вина, зашто причина за оваа опасност бил неговиот личен грев. Негова единствена надеж била Божјата милост. Негова единствена одбрана била молитвата. Сепак, тој од своја страна не пропуштил ништо за да ја поправи неправдата сторена на неговиот брат и да ја одврати опасноста што му се заканувала. Така треба и Христовите следбеници, додека се приближуваат кон времето на неволјата, да сторат сè пред народот да се покажат во вистинска светлина, да ги разоружаат предрасудите и да ја одвратат опасноста што ѝ се заканува на слободата на совеста.

Откако го пратил своето семејство на другата страна на потокот за да не ја види неговата мака, Јаков останува сам да се моли на Бога. Тој ги исповеда своите гревови и со благодарност ја признава Божјата милост кон себе, повикувајќи се во длабока понизност на заветот направен со неговите татковци и на ветувањето што му е дадено онаа ноќ во видението во Ветил и во земјата на прогонството. Настапил решавачки миг во неговиот живот; сè стоело на коцка. Во мрак и во самотија тој продолжува да се моли и да се понизува пред Бога. Одненадеж некој спушта рака врз неговото рамо. Си помислува дека некој непријател сака да му го одземе животот и со сета сила, очајно почнува да се бори со напаѓачот. Кога почнало да осамнува, странецот употребил натчовечка сила. При допирот со него, силниот човек изгледал како парализиран и плачејќи, како немоќен молител, паднал околу вратот на својот таинствен противник. Сега Јаков дознал дека оној со кого се борел е заветниот Ангел. Иако бил онеспособен за борба и поднесувал силни болки, тој не ја напуштал својата намера. Долго поднесувал немир, грижа на совеста и болка поради својот грев; сега морал да се увери дека му е простено. Се чинело небесниот посетител како да сакал да си замине, но Јаков цврсто го држел молејќи го за благослов. Ангелот инсистирал: „Пушти ме, зора е!“ Но патријархот извикнал: „Нема да те пуштам додека не ме благословиш!“ Каква сигурност, каква решителност и истрајност се открива овде! Да било тоа фаленичко и дрско барање, Јаков веднаш би бил уништен. Но тој зборувал со таква сигурност каква што може да има само оној што ја признава својата слабост и недостојност, а сепак, се надевал во милоста на Бога кој го држи својот завет.

„Се бореше со Ангел и го совлада“ (Осија 12,5). Со понизност, со покајание и со преданост, овој грешен, заблуден смртник, го победил небесното Величество. Тој, треперејќи, се потпрел врз Божјите ветувања, а срцето на неизмерната љубов не можело да ја одбие молбата на грешникот. Како доказ за неговата победа и за охрабрување на другите да го следат неговиот пример, неговото име, кое потсетувало на неговиот грев, променето е во друго, кое потсетува на неговата победа. А фактот дека Јаков се борел со Бога и победил бил гаранција дека и луѓето ќе победат. Тој не се плашел повеќе од гневот на својот брат, зашто Господ бил негова заштита.

Сатаната го обвинил Јакова пред Божјите ангели истакнувајќи дека има право да го уништи поради неговиот грев. Тој го насрчил Исава да појде против него; и додека патријархот се борел цела ноќ , сатаната настојувал да го засили кај него чувството на вината за да го обесхрабри и да го скрши неговото надевање во Бога. Јаков западнал речиси во очај, но знаел дека без помош од небото ќе пропадне. Искрено се покајал поради својот голем грев и се потпрел врз Божјата милост. Не дозволил сатаната да го одврати од целта, туку цврсто го прегрнал Ангелот и продолжил да ја изнесува својата молба сериозно, болно пекајќи, додека не победил. (продолжува)

Pin It on Pinterest