Детството и младоста Исус ги поминал во едно малечко планинско село. На земјата не постои ниту едно место што не би било почестено со неговото присуство. Царските палати би уживале предимство да го примат како гостин. Меѓутоа, Тој ги заобиколил домовите на богатите, царските дворови и славните центри на науката, за да се настани во зафрлениот и презрен Назарет.

Исклучително значење има кусиот извештај за неговото детство: „А Детето растеше и закрепнуваше, напредувајќи во мудрост, и Божјата благодат беше врз него“. Озарен со наклоноста на својот Отец, Исус „напредуваше во мудроста, во растот и во милоста пред Бога и пред луѓето“ (Лука 2,52). Бил жив и со прониклив ум, а неговата разборитост и мудрост ги надминувале неговите години. Неговиот карактер бил урамнотежен и хармоничен. Силите на неговиот ум и тело се развивале постепено во согласност со законите на детството.

Како дете, Исус се одликувал со исклучително привлечна природа. Неговите услужливи раце секогаш биле подготвени да им послужат на другите. Тој покажувал непоколеблива стрпливост и вистинољубивост која никогаш не би ја жртвувала чесноста. Во начелата цврст како карпа, неговиот живот откривал особина на несебична љубезност.

Исусовата мајка го следела со будно око развојот на неговите сили и во неговиот карактер забележала печат на совршенство. Со радост се трудела да го бодри тој бистар и приемчив ум. Од Светиот Дух примила мудрост за соработка со небесните сили во развојот на ова Дете, кое само Бога можело да го смета за свој татко.

Уште во најраните времиња верните во Израел со големо внимание ги воспитувале младите. Господ дал упатства според кои децата мора да се поучуваат уште од најмалечки нозе за неговата доброта и големина, токму онака како што се откриле во неговиот закон и се прикажале во историјата на Израел. Песната, молитвата и поуките од Писмото, морале да бидат прилагодени кон умот што се развива. Татковците и мајките требало да ги поучат своите деца дека Божјиот закон е израз на неговиот карактер и дека со усвојувањето на начелата на законот во срцето, во душевниот свет и ум се втиснувал Божјиот лик. Поголемиот дел од поучувањето бил устен, но младите исто така учеле да ги читаат еврејските списи, а пергаментските книги на старозаветните списи биле отворени за нивно проучување.

Во Христово време градовите што не им давале верско поучување на младите се сметале за проклети од Бога. Сепак, тоа поучување станало формалистичко. Преданието во голема мера го потиснало Светото писмо. Вистинското воспитување младите би ги водело да го „бараат Господа со цел некако да го напипаат и да го најдат“ (Дела 17,27). Меѓутоа, еврејските учители им посветиле внимание на церемониите. Умот бил исполнет со бесполезно четиво за учениците што нема да биде признато во повисоката школа на небесните дворови. Во овој воспитен систем не нашло место искуството стекнато со лично прифаќање на Божјата реч. Окупирани со толпа церемонијални подробности, учениците немале време за мирни мигови поминати со Бога. Тие не го слушнале неговиот глас кој му зборува на срцето. Во своето трагање по сознанија, тие отстапиле од изворот на мудроста. Занемарена е суштината на службата на Бога. Начелата на законот биле замаглени. Она што се сметало за високо образование, било најголема пречка за вистинскиот развој. Силите на младината биле подзапирани со обуката на рабините. Нивните умови станале стеснети и ограничени.

Детето Исус не примало поуки во школите на синагогите. Неговата мајка била негов прв земен учител. Тој небесните вистини ги научил од нејзините усни и од пророчките книги. Истите зборови што самиот му ги изговорил на Мојсеја за Израел, сега ги усвојувал на скутот на својата мајка. Кога преминал од детството во младешка возраст, не ги барал рабинските школи. Нему не му било потребно воспитување стекнато на такви извори, зашто негов учител бил Бог.

Прашањето поставено за време на работата на Спасителот: „Од каде има олку големо знаење кога никогаш не учел“, не укажува на тоа дека Исус не знаел да чита, туку само дека не примил рабинско образование (Јован 7,15). Бидејќи стекнал знаење на начин што ни е достапен и нам, неговото добро познавање на Писмото покажува колку трудољубиво ја проучувал Божјата реч во своите рани години. Згора на тоа, пред него била отворена и големата библиотека на делата што ги создал Бог. Тој, кој создал сè, ги проучувал поуките што ги напишала неговата сопствена рака на земјата, на морето и на небото. Одвоен од несветите патишта на светот, Тој собирал научно знаење од природата. Го проучувал животот на растенијата и на животните, а и човековиот живот. Уште од најраните години на животот, сиот бил обземен со една цел: да живее на благослов на другите. За таа цел извор наоѓал во природата; додека го проучувал животот на растенијата и на животните, во неговиот ум би засветиле нови идеи за начинот и за средствата. Постојано се трудел, од она што го видел, да извлече примери со чија помош би ја изнесувал живата Божја реч. Споредбите, со кои за време на својата служба ги изнесувал своите поуки за вистината, покажуваат дека неговиот дух бил отворен за влијанијата на природата и дека собирал духовни поуки од својата секојдневна животна околина. (продолжува)

Pin It on Pinterest