(продолжува од претходниот ден) Мудреците не проникнале во Иродовите намери кон Исуса. Кога била остварена целта на нивното патување, тие се приготвиле да се вратат во Ерусалим, со намера да го известат за својот успех. Меѓутоа, на сон добиле божествена порака да не одржуваат повеќе никаква врска со него. Заобиколувајќи го Ерусалим, си заминале во својата земја по друг пат.

На сличен начин и Јосиф бил предупреден да бега во Египет со Марија и со Детето. Ангелот рекол: „Остани таму додека не ти јавам, зашто Ирод ќе го бара Детето за да го погуби“. Јосиф без колебање послушал, и за да биде посигурен, пошол на пат ноќе.

Преку мудреците Бог на еврејскиот народ му обрнал внимание на раѓањето на својот Син. Нивното распрашување во Ерусалим, разбуденото интересирање кај народот, па дури и Иродовата љубомора што го привлекла вниманието на свештениците и рабините, ги насочиле умовите кон пророштвата за Месија и кон големиот настан што се одиграл.

Сатаната се трудел да ја засолни божествената светлина пред светот и да ја употреби сета моќ на своето лукавство да го уништи Спасителот. Меѓутоа, Оној што никогаш не дреме и не спие, го чувал својот сакан Син. Оној, кој на Израел му дал мана од небото и го хранел Илија за време на гладот, се погрижил за прибежиште на Марија и за Исуса во незнабожечка земја. Со подароците на мудреците од незнабожечката земја Господ обезбедил средства за пат во Египет и за престој во таа туѓа земја.

Мудреците меѓу првите му посакале добредојде на Откупителот. Тие први го положиле својот подарок пред неговите нозе. Какво предимство да му служат со својот подарок! Бог посебно го цени подарокот на срцето што љуби, правејќи го најуспешно во службата за него. Ако нашето срце сме му го предале на Исуса, ние ќе му ги донесеме и нашите подароци. Нашето злато и сребро, нашиот најдрагоцен земен имот, нашите најголеми умни и духовни дарови, доброволно ќе му ги посветиме нему кој нè љубел и кој се дал себеси за нас.

Ирод во Ерусалим нестрпливо очекувал да се вратат мудреците. Како времето одминувало а тие не се појавувале, неговите сомневања почнале да растат. Неподготвеноста на рабините да го откријат родното место на Месија како да му укажувала на тоа дека тие проникнале во неговиот план и дека мудреците намерно го одбегнале. Таа мисла го разбеснила. Измамата не успеала, но преостанало друго средство ­ прибегнување кон сила. Тој ќе им даде поука со ова Дете ­Цар. Тие горделиви Евреи треба да видат што можат да очекуваат во своите обиди да устоличат друг владетел.

Веднаш пратил војници во Витлеем со налог да ги убијат сите деца до двегодишна возраст. Тивките домови на Давидовиот град биле сведоци на сцените на ужасот кои уште пред шестотини години му се откриени на пророкот: „Пискотници се слушаат во Рама, лелек и голема тага; Рахела ги опла кува своите деца, неутешна, зашто ги нема веќе“.

Оваа несреќа Евреите сами ја навлекле на себе. Кога верно и понизно би доаѓале пред Бога, Тој на извонреден начин гневот на царот би го сторил безопасен за нив. Но со своите гревови тие се одвоиле од Бога и го отфрлиле Светиот Дух кој бил нивни единствен штит. Писмата не ги проучувале со желба да ја исполнуваат Божјата волја. Трагале по пророштва што можеле да се толкуваат така за самите да се извишат и да покажат како Бог ги презира другите народи. Во својата горделивост се фалеле дека Месија ќе дојде како Цар кој ќе ги победи нивните непријатели и во својот гнев ќе ги изгази незнабошците. На тој начин предизвикале омраза кај своите владетели. Со нивното погрешно прикажување на Христовата мисија, сатаната имал намера да го подготви уништувањето на Спасителот, но истото се урнало врз нивните глави.

Ова свирепо дело било едно од последните што го затемнило владеењето на Ирода. Набргу по убивањето на невините деца и него го снашла судбина што никој не можел да ја отстрани. Умрел со страшна смрт.

Јосиф, кој сè уште бил во Египет, добил налог од Божјиот ангел да се врати во израелската земја. Сметајќи го Исуса за наследник на Давидовиот престол, Јосиф сакал да се настани во Витлеем. Но кога дознал дека во Јудеја владее Архелај наместо својот татко, се плашел дека синот би можел да ги оствари неговите планови против Христа. Од сите Иродови синови, Архелај со карактерот најмногу му бил сличен. Уште самото негово стапување на престолот било обележано со нереди во Ерусалим и со колеж во кој римската гарда убила илјадници Евреи.

Јосиф повторно е упатен на сигурно место. Се вратил во својот поранешен дом, Назарет, и таму Исус живеел речиси триесет години, „за да се исполни она што го кажале пророците: ‘Ќе се вика Назареќ анец’“. Со Галилеја управувал Иродов син, но во неа имало многу повеќе странци отколку во Јудеја. Затоа таму постоело помалечко интересирање за прашањата што исклучи во биле поврзани со Евреите и Исусовите тврдења веројатно би предизвикале помалечка завист кај властодршците.

Така бил пречекан Спасителот кога дошол на земјата. Се чинело дека не постои место за одмор или сигурност за малечкиот Откупител. Бог не можел да им го довери својот Син на луѓето, иако го остварувал своето дело за нивно спасение. Тој им заповедал на ангелите да го придружуваат Исуса и да го штитат додека не ја заврши својата мисија на земјата и додека не умре од рацете на оние за кои дошол да ги спаси.

Pin It on Pinterest