(продолжува од претходниот ден) Во меѓувреме Јосиф и Марија биле мошне збунети и ожалостени. Кога го напуштиле Ерусалим, го загубиле Исуса од вид и не знаеле дека Тој останал. Тогаш земјата била густо населена и карваните од Галилеја биле мошне големи. Кога го напуштале градот, владеел голем метеж.

Нивното внимание било окупирано со задоволство од патувањето со пријателите и со познатите, па на патот, сè до ноќта, не забележале дека Тој исчезнал. Кога застанале да се одморат, им недостигала раката помошничка на нивното Дете. Претпоставувајќи дека се наоѓа со нивното друштво, не се грижеле. Иако бил млад, имале безусловна доверба во него, очекувајќи, кога ќе биде потребно, Тој веднаш да им помогне, сфаќајќи ги нивните желби, како што го правел тоа секогаш. Меѓутоа, сега ги обзел страв. Напразно го барале низ целото свое друштво. Се стаписале! Си спомнале како Ирод се обидел да го уништи уште додека бил малечко дете. Нивните срца ги исполнувале мрачни претчувства. Горко си префрлале себеси.

Враќајќи се во Ерусалим, продолжиле да трагаат. Следниот ден, кога се вмешале во толпата поклоници во храмот, нив­ното внимание го привлекол еден познат глас. Не можеле да се измамат. Ниеден друг глас не бил сличен со неговиот, толку сериозен и срдечен, а сепак толку милозвучен.

Го нашле Исуса во рабинската школа. Иако биле радосни, не можеле да ја заборават својата жалост и загриженост. Кога повторно бил со нив, мајка му изговорила зборови што содржеле прекор: „Сине, зошто ни го стори тоа? Еве, татко ти и јас со болка те баравме“.

„Зошто сте ме барале?“, одговорил Исус. „Зар не знаевте дека јас треба да бидам во домот на мојот Отец?“ А бидејќи се чинело дека не ги разбрале неговите зборови, Тој покажал горе. На неговото лице почивала чудесна светлина. Низ човечката природа блеснало Божеството. Кога го нашле во храмот, слушале што се случувало меѓу него и рабините и биле изненадени со неговите прашања и одговори. Неговите зборови поттикнале низа мисли што никогаш нема да бидат заборавени.

Прашањето што им го упатил содржи поука: „Зар не знаевте“, рекол, „дека јас треба да бидам во домот на мојот Отец?“ Исус бил окупиран со мисијата за која дошол да ја изврши на овој свет, но Јосиф и Марија ја занемариле својата задача. Бог им укажал голема чест, доверувајќи им го својот Син. Светите ангели управувале со текот на Јосифовиот живот за да го сочуваат Исусовиот живот. Меѓутоа, тие цел еден ден го загубиле од вид, иако не смееле да го заборават ниту за миг. Кога е отстранета нивната грижа, не се обвиниле самите себе, туку вината ја фрлиле врз него.

За Исусовите родители било природно Исуса да го сметаат како свое дете. Тој секојдневно бил со нив и неговиот живот во голема мера бил сличен со животот на другите деца, па им било тешко да сфатат дека Тој е Божји Син. Биле во опасност да не го ценат благословот што им е даден во присуство на Откупителот на светот. Болката, предизвикана со одвојувањето од него и благиот укор што го содржеле неговите зборови, биле одредени да ја втиснат во нивната душа светоста на она што им е доверено.

Во одговорот што ѝ го дал на својата мајка, Исус првпат покажал дека го сфаќа својот однос кон Бога. Пред неговото раѓање ангелот ѝ рекол на Марија: „Тој ќе биде голем и ќе се нарече Син на Севишниот. И Господ Бог ќе му го даде престолот на неговиот татко Давид. Тој ќе владее над домот на Јакова довека. И царството негово не ќе има крај“ (Лука 1,32.33). Овие зборови Марија ги сочувала во срцето. Но, иако верувала дека нејзиното Дете ќе биде Месија во Израел, сепак, не ја сфатила неговата мисија. Сега не ги сфаќала неговите зборови, но знаела дека го побивал своето роднинство со Јосифа и себеси се прогласил за Божји Син.

Исус не ја занемарувал врската со своите земни родители. Тој се вратил со нив од Ерусалим дома и им помагал во нивниот напорен живот. Криејќи ја во срцето тајната на својата мисија, понизно го чекал одредениот миг да ја почне својата задача. Откако препознал дека е Божји Син, Тој во текот на следните осумнаесет години ја потврдил својата врска што го поврзувала со домот во Назарет, извршувајќи ја должноста на син, брат, пријател и граѓанин. (продолжува)

Pin It on Pinterest