(продолжува од претходниот ден) Кога во храмот му се открила мисијата, Исус го одбегнувал допирот со мноштвото. Сакал во тишина да се врати од Ерусалим со оние што ја познавале тајната на неговиот живот. Со пасхалната служба Бог сакал својот народ да го одвои од световните грижи и да го потсети на своето прекрасно дело ­ на избавувањето од Египет. Сакал во ова дело да го согледаат ветувањето за избавување од гревот. Како крвта на закланото јагне што ги штитела домовите на Израелците, така и Христовата крв треба да ги спаси нивните души; тие можат да се спасат само ако со вера во Христа неговиот живот го сторат свој живот. Симболичката служба имала вредност само тогаш кога ги насочувала кон Христа како личен Спасител. Бог сакал да ги воведе во проучување полно со молитва и со размислување за Христовата мисија. Меѓутоа, додека мноштвото го напуштало Ерусалим, нивното внимание често било окупирано со возбудливото патување и дружење, а службата на која присуствувале била заборавена. Спасителот не го привлекувало нивното друштво.

Бидејќи Јосиф и Марија требало да се вратат од Ерусалим сами со Исуса, Тој очекувал нивните мисли да ги насочи кон пророштвата за Спасителот кој ќе страда. На Голгота се обидел да ја олесни нејзината мајчинска болка. И сега мислел на неа. Марија ќе биде сведок на неговата последна претсмртна борба и Исус сакал таа да ја сфати неговата мисија за да биде засилена да издржи кога душата ќе ѝ ја прободе меч. Како Исус што бил одвоен од неа и како таа ожалостена што го барала три дена, така Тој повторно ќе биде загубен за неа три дена кога ќе биде жртвуван за гревовите на светот. А кога ќе излезе од гробот, нејзината жалост пак ќе се претвори во радост. Колку полесно би ја поднела големата тага на неговата смрт кога би ги сфатила Писмата кон кои Тој сега сакал да ги насочи нејзините мисли.

Кога Јосиф и Марија постојано би го насочувале својот ум кон Бога во размислување и молитва, тие би ја сфатиле светоста на довербата што им е укажана и не би го загубиле Исуса од вид. Со немарноста во еден ден го загубиле Спасителот, но им биле потребни три дена макотрпно трагање да го најдат. Истото тоа се случува и со нас. Со нашите празни разговори, кога озборуваме или ја занемаруваме молитвата, можеме во еден ден да го загубиме присуството на Спасителот, а ќе ни бидат потребни многу денови болно трагање за да го најдеме и повторно да го добиеме мирот што сме го загубиле.

Во нашето меѓусебно дружење мораме да внимаваме да не го заборавиме Исуса и лекомислено да испуштиме Тој да не е со нас. Кога во толкава мера ќе станеме окупирани со световното за да не мислиме на Оној во кого е сосредоточена нашата надеж во вечен живот, ние се одвојуваме од Исуса и од небесните ангели. Овие свети суштества не можат да останат таму каде што не е пожелно присуството на Спасителот и каде што не се забележува неговото отсуство. Тоа е причината за честа појава на обесхрабрувања меѓу божемните Христови следбеници.

Мнозина присуствуваат на богослуженијата и Божјата реч ги освежува и ги утешува, но бидејќи не размислуваат, не се будни и не се молат, го губат благословот и се чувствуваат посиромашни од порано. Често мислат дека Бог свирепо постапил со нив. Не увидуваат дека тоа е нивна грешка. Одвојувајќи се од Исуса, се одвоиле и од светлината на неговото присуство.

За нас би било добро секој ден да поминеме еден час во размислување за Христовиот живот. Треба да го проучуваме во секоја подробност, дозволувајќи ѝ на нашата мечта да ги опфати сите сцени, особено оние што се поврзани со последниот дел од неговиот живот. Ако така се занимаваме со неговата голема жртва за нас, нашата доверба во него ќе стане многу посигурна, нашата љубов ќе оживее и подлабоко ќе нè проникнува неговиот Дух. На крај, ако сакаме да бидеме спасени, мораме да ја научиме поуката за покајанието и за понизноста во подножјето на крстот.

Додека се дружиме меѓусебно, можеме да си бидеме благослов еден на друг. Ако му припаѓаме на Христа, нашите најубави мисли ќе се занимаваат со него. Тогаш ќе ни биде мило да зборуваме за него и, додека разговараме меѓусебно за неговата љубов, нашите срца ќе смекнат од божествените влијанија. Набљудувајќи ја убавината на неговиот карактер, ние „се преобразуваме во истиот тој лик, секогаш сè пославен“ (2. Коринќаните 3,18).

 

 

 

Pin It on Pinterest