(продолжува од претходниот ден) Христос не бил исклучив и фарисеите посебно ги навредил со тоа што во овој поглед се оддалечил од нивните строги правила. Тој наишол на религија, оградена со високи ѕидови на издвојувања, како премногу света за секојдневниот живот. Тој ги урнал овие ѕидови на поделби. Во својот допир со луѓето не прашал: „Што е ваше верују? На која црква ѝ припаѓаш?“ Својата сила ја користел за добро на сите на кои им била потребна помош. Наместо да се издели во некоја испосничка ќелија за да го покаже својот небесен карактер, Тој сериозно работел за човечкиот род. Го истакнувал начелото дека библиската вера не се состои од измачување на телото. Учел дека чистата и неизвалкана вера не е наменета само за одредено време и за одредени прилики. Во секое време и на секое место покажувал интерес за луѓето, полн со љубов и околу себе ширел светлина на радосна побожност. Сето тоа било укор за фарисеите. Тоа покажало дека верата не се состои од себичност и дека нивната мрачна преданост кон личните интереси е далеку од вистинската побожност. Тоа кај нив предизвикало непријателство кон Исуса, така што се обиделе со сила да го потчинат на своите прописи.

Исус се трудел да ублажи секое страдање што го видел. Тој имал малку пари за давање, но често се откажувал од храната за да им помогне на оние чиишто потреби му изгледале поголеми од неговите. Неговите браќа чувствувале дека неговото влијание допира далеку, наспроти нивното. Тој поседувал истенчено разбирање какво што немал никој од нив или не сакал да има. Кога зборувале грубо со сиромашните, понижени суштества, Исус ги барал токму тие лица и им упатувал зборови што охрабруваат. На сите, на кои им било потребно, им подавал чаша студена вода и тивко го ставал својот оброк во нивните раце. Со отстранувањето на нивните страдања, вистините со кои ги поучувал биле поврзани со неговите дела на милосрдие и врежувани во нивното сеќавање.

Сето тоа предизвикало незадоволство кај неговите браќа. Бидејќи биле постари од Исуса, сметале дека Тој треба да ги прифати нивните наредби. Го обвинувале дека себеси се смета за повисок од нив и го укорувале дека се издигнува над нивните учители, над свештениците и народните управители. Често му се заканувале и се обидувале да го заплашат, но Тој одел напред, прогласувајќи го Светото писмо за свој водач.

Исус ги сакал своите браќа и секогаш љубезно се однесувал кон нив, но тие биле љубоморни и покажале најрешителна недоверба и презир кон него. Не можеле да го сфатат неговото однесување. Во Исуса им се откривале големи противречности. Тој бил Божји Син, а сепак беспомошно дете. Творец на световите ­ земјата била негова своина ­ па сепак неговото животно искуство на секој чекор го обележувало сиромаштво. Неговото достоинство и особеност наполно се разликувале од земната горделивост и вообразба; Тој не се стремел кон световна големина и бил задоволен дури и со најниска положба. Тоа ги лутело неговите браќа. Тие не можеле да си го објаснат неговото трајно спокојство во искушението и сиромаштвото. Не знаеле дека станал сиромашен заради нас, за ние да се збогатиме со неговото „сиромаштво” (2. Коринќаните 8,9). Тајната на неговата мисија не можеле да ја разберат во поголема мера отколку пријателите на Јов при неговото понижување и страдања.

Браќата не го сфатиле Исуса затоа што не бил сличен со нив. Неговото мерило не било и нивно мерило. Гледајќи ги луѓето, тие го напуштиле Бога и во нивниот живот не постоела неговата сила.

Верските обреди што ги почитувале не можеле да го преобразат карактерот. Тие давале „десеток од нане, копар и ким“, но го занемариле „најважното во законот: правдата, милоста и верата“ (Матеј 23,23). Исусовиот пример постојано им пречел. Тој на светот мразел само едно ­ гревот. Не можел да биде сведок на некое лошо дело а да не доживее болка што не можела да се скрие. Постоела јасна разлика меѓу формалистите, чијшто изглед на светост прикривал љубов кон гревот и карактерот во кој ревноста за Божјата слава секогаш била најважна. Затоа што Исусовиот живот го осудувал злото, нему му се противставувале како во домот, така и надвор од него. За неговата несебичност и чесност се зборувало со потсмев. Неговата стрпливост и љубезност се наречени страшливост. (продолжува)

Pin It on Pinterest