(продолжува од претходниот ден) Од горчината што му паѓа во дел на човечкиот род, Исус не избегнувал ниту еден дел. Имало и такви кои се обидувале да му се изнаподбијат поради неговото раѓање, па дури и во детството морал да се сретне со нивните потсмешливи погледи и лоши дошепнувања. Кога би одговорил со нестрплив збор или поглед, кога би им попуштил на своите браќа со една погрешна постапка, Тој не би бил веќе совршен пример. Со тоа Тој би претрпел неуспех во спроведувањето на планот за нашиот откуп. Макар само еднаш да признал дека може да постои оправдување за гревот, сатаната би ликувал, а светот би бил загубен. Затоа искушувачот настојувал неговиот живот да го стори колку што може потежок за да го наведе на грев.

Меѓутоа, на секое искушение Тој одговарал: „Пишано е!“ Ретко укорувал некое лошо дело на своите браќа, но имал да им каже збор од Бога. Често го обвинувале за страшливост кога не сакал да се здружи со нив во некое забрането дело; но Тој одговарал: „Пишано е: ‘Стравот Божји е мудрост и заобиколувањето на злото е разум’“ (Книгата за Јов 28,28).

Имало некои што сакале да бидат во негово друштво, чувствувајќи мир во негово присуство, но мнозина го избегнувале затоа што ги укорувал неговиот беспрекорен живот. Младите другари упорно го наговарале да го прави она што го прават тие. Бил ведар и радосен и тие уживале во негово присуство и ги поздравувале неговите подготвени предлози, но биле нестрпливи кон неговата совесност, прогласувајќи го за ограничен и тесноград. Исус одговарал: „Пишано е: ‘Како може млад човек да живее во чистота? ­ Така што ќе живее според твоите зборови… Во срцето свое ја затворив речта твоја за да не ти грешам’“ (Псалм 119,9.11).

Често го прашувале: „Зошто си толку упорен, настојувајќи да бидеш толку посебен, толку различен од сите нас?“ „Пишано е“, велел Тој, „Блазе на оние чијшто пат е неосквернет, кои живеат според законот Господен. Блазе на оние кои живеат според неговите уредби и со сето срце го бараат него. Тие не прават зло, туку одат по неговите патишта” (Псалм 119,1­3). Кога го прашувале зошто не учествува во несериозните забави на младите од Назарет, Тој би рекол: „Пишано е: ‘По патот на твоите уредби со радост врвам ­ за големо богатство ги сметам. За твоите правила размислувам и твоите патеки ги проучувам’“ (Псалм 119,14­16).

Исус не се борел за своите права. Неговата работа често била непотребно отежнувана затоа што бил пресретлив и не се жалел. Сепак, не потклекнувал ниту се обесхрабрувал. Тој живеел над тешкотиите, во светлина на Божјето лице. Не се одмаздувал кога со него се постапувало грубо, туку навредите ги поднесувал стрпливо.

Постојано го прашувале: „Зошто поднесуваш толку злобни постапки дури и од твоите браќа?“ „Пишано е“, одговарал Тој, „сине мој, не заборавај ги моите поуки, чувај ги во срцето моите заповеди, зашто тие ќе ти го продолжат животот за многу години и среќа ќе ти донесат. Љубовта и верата нека бидат постојано во тебе; носи ги како синџирче околу вратот, впиши ги на листовите на своето срце. Така ќе се здобиеш со углед и со благонаклоност и пред Бога и пред луѓето’“ (Мудри изреки 3,1­4).

Од времето кога родителите го нашле Исуса во храмот, неговиот начин на дејствување за нив бил тајна. Тој не сакал со нив да влегува во судир, но сепак неговиот пример бил постојана поука. Тој личел на некого кој бил издвоен. Свои мигови на среќа наоѓал кога бил сам со природата и со Бога. Секогаш кога можел, би ја оставил својата работа и би одел в поле да размислува во зелените долини, да одржува заедница со Бога на планинските падинки или среде шумските дрвја. Мугрите често го затекнувале на некое осамено место како размислува, го истражува Светото писмо или се моли. Од овие тивки мигови Тој би се враќал во својот дом за повторно да ги преземе должностите и да даде пример на стрпливо поднесување на макотрпната работа. (продолжува)

Pin It on Pinterest