(продолжува од претходниот ден) Никогаш ниедна душа не изустила таков извик а тој да останал без одговор. Кога учениците ги грабнале веслата да го вложат и последниот напор, Исус станал. Стоел среде своите ученици и, додека бурата беснеела, додека брановите се разбивале над нив и молњите го осветлувале неговото лице, Тој ја подигнал раката, со која толку често правел дела на милост, и му проговорил на разбеснетото море: „Стивни, молкни!“

Бурата стивнала. Силните бранови молкнале. Облаците се растуриле и исчезнале, а се појавиле ѕвездите. Лаѓата се смирила на тивкото море. Тогаш, свртувајќи се кон учениците, Исус жално прашал: „Зошто толку се плашите? Зар немате вера?“ (Марко 4,40).

Учениците замолкнале. Дури ни Петар не се обидел да ја изрази страхопочитта што го исполнувала неговото срце. Чамците што се упатиле да го придружуваат Исуса биле во иста опасност како и апостолите. И луѓето во чамците ги опфатил страв и безнадежност; но Исусовата заповед во оваа сцена на ужас внесла мир. Жестокоста на луњата ги приближила чамците еден до друг и сите во нив го виделе ова чудо. Во мирот што настанал го заборавиле стравот. Луѓето шепотеле еден на друг: „Кој е Овој и ветерот и морето да го слушаат?“

Кога го разбудиле да се сретне со луњата, Исус бил совршено мирен. Немало никаков страв ниту во зборовите ниту во погледот, зашто немало страв во неговото срце. Меѓутоа, Тој не почивал поседувајќи семожна сила. Не почивал во мир како „Господар на земјата, на морето и небото“. Таа сила ја одложил, зашто кажува: „Јас ништо не можам да правам сам од себе“ (Јован 5,30). Тој се потпирал врз моќта на Отецот. Исус почивал во вера ­ вера во Божјата љубов и грижа ­ а силата на зборовите што ја замолкнала бурата била Божја сила.

Како Исус што починал со вера во грижата на Отецот, така и ние треба да починеме во грижата на нашиот Спасител. Кога учениците би имале доверба во него, би го сочувале мирот. Нивниот страв за време на опасноста го открил нивното неверство. Во своите напори да се спасат, го заборавиле Исуса, и дури кога се разочарале во себе и кога се свртиле кон него, Тој можел да им помогне.

Колку често искуството на учениците е и наше искуство! Кога наидуваат луњи на искушенија и кога жестоко молскаат молњи, а преку нас преминуваат бранови, ние со луњата се бориме сами, заборавајќи дека постои Оној кој може да ни помогне. Се потпираме на наша сила сè додека не загубиме надеж и речиси не загинеме. Тогаш ќе се сетиме на Исуса, и ако го повикаме него да нè спаси, нашиот извик нема да биде напразен. Иако со жалост го кара нашето неверство и нашата самоувереност, Тој никогаш не пропушта да ни ја укаже помошта што ни е потребна. Било на копно или на море, ако го имаме Спасителот во срцето, ние немаме потреба да се плашиме. Живата вера во Откупителот ќе го смири морето на животот и ќе нè избави од опасностите на начин што Тој го смета за најдобар.

Постои уште една духовна поука од ова чудо на смирување на бурата. Искуството на секој човек сведочи за вистинитоста на зборовите на Писмото: „А безбожниците се слични на разбрането море што не може да се смири… Нема мир за грешниците, вели Бог мој“ (Исаија 57,20.21). Гревот го разорил нашиот мир. Додека „јас“ не се покори, не можеме да најдеме мир. Никаква човечка сила не може да ги заузди страстите што господарат со срцето. Ние овде сме беспомошни како учениците при смирувањето на разбеснетата бура. Меѓутоа, Оној што им наредил на џиновските бранови во Галилеја да стивнат, ѝ изговорил збор на мир на секоја душа. Колку и да биде жестока бурата, оние што ќе му се обратат на Исуса со извикот: „Господе, спаси нè, изгинавме“, ќе бидат ослободени. Неговата милост што ја помирува душата со Бога, ја стивнува бурата на човечките страсти и во неговата љубов срцето има мир.

„Тој во тивок ветрец бурата ја претвори, замолкнаа морските бранови. А тие на тишината ѝ се зарадуваа, и под негово водство, до саканото пристаниште допатуваа“ (Псалм 107,29.30). „И така, бидејќи сме оправдани преку вера, имаме мир со Бога, преку нашиот Господ Исус Христос.“ „Мирот ќе биде дело на правдата, а плод на праведноста ­ траен спокој и надевање“ (Римјаните 5,1; Исаија 32,17). (продолжува)

Pin It on Pinterest