(продолжува од претходниот ден) Рано изутрината Спасителот и неговите придружници пристигнале на брегот каде што очекувале светлината на Сонцето што се раѓало да ги благословувала со мир и да ги гали морето и земјата. Но штом зачекориле на брегот, нивните очи забележале сцена поужасна од свирепата бура. Од некое засолниште меѓу гробовите, двајца умоболни луѓе се устремиле на нив да ги растргнат. На овие луѓе виселе делови од синџири што ги искинале бегајќи од местото на своето заточение. Телото им било во рани, а испресечените места од острите камења крвавеле. Очите им молскале под долгата разбушавена коса. Изгледа демоните што владееле над нив целосно избришале секоја сличност со човечките суштества, па повеќе личеле на ѕверови отколку на луѓе.

Учениците и нивните придружници побегнале вџашени. Веднаш забележале дека Исус не бил со нив, па се свртиле да го побараат. Стоел таму каде што го оставиле. Тој, кој ја смирил бурата, кој порано го сретнал сатаната и го победил, не побегнал пред овие демони. Кога овие луѓе, чкртајќи со забите и фрлајќи пена од устата, му се приближиле нему, Исус ја подигнал истата рака што ги смирила брановите, и луѓето не можеле да пристапат поблизу. Стоеле пред него бесни, но беспомошни.

Со авторитет им наредил на нечистите духови да излезат од нив. Неговите зборови проникнале во затемнетите умови на овие несреќни луѓе. Нејасно сфатиле дека е близу Оној кој може да ги спаси од демоните што ги мачеле. Паднале пред нозете на Спасителот да му се поклонат; но кога усните се отвориле да го замолат за негова милост, демоните, диво викајќи, проговориле од нив: „Што имаш ти со мене, Исусе, Сине на Севишниот Бог? Те заколнувам во Бога, не мачи ме!“

Исус прашал: „Како се викаш?“ Одговорот гласел: „Името ми е легион, зашто многу нè има.“ Користејќи ги несреќните луѓе како посредници за пренесување на пораката, го замолиле Исуса да не ги прати надвор од тој предел. Недалеку од падината на гората пасел голем крдар свињи. Демоните молеле да им се дозволи да влезат во нив, и Исус им дозволил. Наеднаш свињите ги зафатил паничен страв и тие обезглавено појуриле низ стрмнината и во неможност да се запрат на брегот, се фрлиле главечки во езерото и се издавиле.

Во меѓувреме кај опседнатите од демони настапила чудесна промена. Нивните умови ги просветлила светлина. Нивните очи светеле со разборитост. Силуетите, толку долго изобличени во сатански лик, одненадеж станале благи, рацете, извалкани со крв, станале мирни, и овие луѓе со радосни гласови го славеле Бога за своето ослободување.

Од ритчето свињарите виделе сè што се случило и побрзале веста да им ја однесат на своите стопани и на целиот народ. Со страв и вчудовиденост се собрало целокупното население да го сретне Исуса. Овие два човека, опседнати со демони, биле страв и трепет за сета околина. Никој не поминувал безбедно крај местото каде што се наоѓале тие, зашто со демонска јарост би се устремиле на секој поминувач. Сега овие луѓе, облечени и со здрав разум, седеле крај Исусовите нозе, ги слушале неговите зборови и го славеле името на Оној што ги исцелил. Меѓутоа, народот што ја посматрал оваа величествена сцена не се радувал. Загубата на свињите им била поважна отколку ослободувањето на овие двајца робови на сатаната.

Оваа загуба била дозволена од милост кон сопствениците на свињите. Проникнати со земни добивки, тие воопшто не се осврнувале на неспоредливите вредности на духовниот живот. Исус сакал да го раскине влијанието на себичната рамнодушност за да можат да ја примат неговата милост. Меѓутоа, жалоста и гневот поради земната загуба ги заслепиле нивните очи за милоста на Спасителот.

Појавата на натприродната сила разбудила суеверие кај народот и поттикнала страв кај нив. Од престојот на овој Странец меѓу нив можат да следат натамошни несреќи. Насетувале финансиска пропаст и решиле да се ослободат од неговото присуство. Оние што го поминале езерото со Исуса раскажувале за сè што се случило претходната ноќ , за своето страдање во луњата и како ветерот и морето биле смирени. Меѓутоа, нивните зборови не оставиле никаков впечаток. Во страв народот се собирал околу Исуса, преколнувајќи го да ги напушти, и Тој се согласил, влегувајќи веднаш во чамецот да се врати назад.

Луѓето од Гергеса имале пред себе жив доказ за Христовата моќ и милост. Ги виделе луѓето на кои им е вратен разумот, но толку многу се треселе над своите земни интереси, што Оној, кој го победил кнезот на темнината пред нивни очи, е сметан за неповикан гостин, и небесниот Дар бил оддалечен од нивните врати. Ние немаме можност да се свртиме од Христовата личност, како што го сториле тоа Гергесинците; но сè уште мнозина не сакаат да ги послушаат неговите зборови затоа што послушноста би опфатила и жртвување на некое световно добро. Од страв неговото присуство да не предизвика парични загуби, мнозина ја отфрлаат неговата милост и го оддалечуваат од себе неговиот Дух.

Меѓутоа, чувството на луѓето ослободени од демоните било сосема поинакво. Тие го сакале присуството на својот Ослободител. Во негова близина се чувствувале заштитени од демоните што ги мачеле нивните животи и што го упропастиле нивниот најдобар животен период. Кога Исус се подготвувал да влезе во лаѓата, тие му пристапиле, клекнале пред неговите нозе и го молеле да останат крај него за да можат постојано да ги слушаат неговите зборови. Но Исус им заповедал да се вратат дома и да кажат какви големи работи им направил Господ. Тоа била нивна задача да одат во незнабожечкиот дом и да зборуваат за благословот што го примиле од Исуса. Им било тешко да бидат одвоени од Спасителот. Сигурно ги очекувале големи тешкотии при дружењето со своите незнабожечки сограѓани. Нивната изолација од општеството како да ги онеспособувала за задачата што им ја доверил Тој. Меѓутоа, штом Исус им укажал на нивната должност, тие биле готови да послушаат. Не само што им зборувале на своите домашни и на соседите за Исуса, туку оделе низ цел Декаполис, објавувајќи ја насекаде неговата моќ да спасува и опишувајќи како ги ослободил од демоните. Во оваа работа можеле да добијат поголем благослов отколку да останеле во негово присуство само заради лична корист. На Спасителот му се приближуваме кога им ја проповедаме радосната вест евангелието на другите. (продолжува)

Pin It on Pinterest