(продолжува од претходниот ден) Христос се потпирал врз овие зборови и не се повлекувал пред сатаната. Пред последните мигови на Христовото понижување, кога неговата душа ја обземала најдлабока тага, им рекол на учениците: „Се приближува кнезот на овој свет. Тој нема ништо со мене.“ „Кнезот на овој свет е осуден.“ „Сега тој ќе биде истеран“ (Јован 14,30; 16,11; 12,31). Со своето пророчко око Христос преминувал преку сцените што ќе се случат во неговиот последен голем судир. Знаел дека целото небо ќе слави победа кога ќе извикне: „Се сврши!“ До неговото уво допирала музиката и победничките извици од небесните дворови. Знаел дека тогаш ќе се одгласи посмртното ѕвоно на сатанското царство, а Христовото име ќе се објави низ целата вселена на сите светови.
Христос се радувал што може за своите следбеници да стори повеќе отколку што можат да бараат или да замислат. Зборувал со цврста сигурност, знаејќи дека величествената одлука е донесена уште пред создавањето на светот. Знаел дека вистината, вооружена со семожната сила на Светиот Дух, ќе победи во борбата со злото и дека над неговите следбеници ќе се завиори со крв извалканото знаме. Знаел дека животот на неговите верни ученици ќе биде сличен на неговата низа постојани победи што овде не се ценеле, но кои ќе бидат препознати во славната иднина.
„Ова ви го реков за да имате мир во мене. Во светот ќе имате неволја, но бидете храбри јас го победив светот.“ Христос не претрпел неуспех ниту бил обесхрабрен, па неговите следбеници треба да покажуваат иста постојана и истрајна вера. Тие треба да живеат како што живеел Тој и да работат како што работел Тој, затоа што тие зависат од него, од големиот Предработник. Мора да имаат храброст, сила и истрајност. Иако очигледните неможности ќе го запречат нивниот пат, со негова милост мораат да одат напред. Наместо да се жалат на тешкотиите, повикани се да ги совладаат. Не треба да очајуваат за ништо, а да се надеваат на сè. Со златни от синџир на својата неспо редлива љубов, Христос ги поврзал со Божјиот престол. Негова намера е да имаат највисоко влијание во вселената што произлегува од Изворот на секоја сила. Тие треба да имаат сила да му се противстават на злото, сила што нема да ја совлада ни земјата, ни смртта, ни гробот, сила што ќе ги оспособи да победат како што победил Христос.
Христос замислил во неговата Црква на земјата да се покажат небесен ред, небесен нацрт на управување, небесна божествена хармонија. Така Тој ќе се прослави во својот народ. Преку нив на овој свет ќе засвети Сонцето на правдата со непоматен сјај. Христос на својата Црква ѝ дал изобилни дарови, дарови за да може да ја прими големата добивка на славата од својата избавена, откупена сопственост. Тој на својот народ му подарил можности и благослови за да може да го претстави Оној што има сè во полнота. Црквата, надарена со Христовата праведност, е негова ризница во која во целост и во конечниот приказ треба да се појават богатствата на неговата милост, на неговата благодат и на неговата љубов. Во чистотата и во совршенството на својот народ, Христос гледа награда за своето понижување и додаток на својата слава Христос, голем центар, од кој зрачи сета слава.
Своите упатства Спасителот ги завршил со силни зборови полни со надеж. Потоа во молитва за своите ученици го излеал товарот на својата душа. Подигајќи ги очите кон небото, рекол: „Оче, дојде часот! Прослави го својот Син, за да те прослави Синот тебе; и како што си му дал власт над секој еден, на сите што си му ги дал, да им даде вечен живот. А ова е вечен живот: да те познаат тебе, единствениот вистинит Бог, и Исус Христос, кого го прати.“
Христос го завршил делото што му било доверено. Тој го прославил Бога на земјата. Го објавил името на Отецот. Ги собрал оние што ќе го продолжат неговото дело меѓу луѓето. Рекол: „Јас се прославив во нив. И не сум повеќе во светот, туку тие се во светот, а јас одам кај тебе. Оче свети, запази ги оние што ми ги даде, да бидат едно, како што сме и ние.“ „Но не барам само за нив, туку и за оние кои преку нивните зборови ќе поверуваат во мене, за да бидат сите едно… Јас во нив, а ти во мене, за да се усовршат во единство, за светот да знае дека ти ме прати, и дека ги љубеше нив како што ме љубеше мене.“
Така Христос со човечки јазик, кој има божествен авторитет, својата избрана Црква ја ставил во прегратките на Отецот. Како посветен првосвештеник Тој посредува за својот народ. Како верен пастир Тој го собира своето стадо во сенката на Семожниот, во цврсто и сигурно прибежиште. Сега нему му претстои конечна битка со сатаната и Тој оди да ја прифати.