(продолжува од претходниот ден) Ги повикува да останат во него и им вели: „Ако останете во мене, и ако моите зборови останат во вас, барајте сè што сакате, и ќе ви биде дадено.“ Христос живее во своите следбеници преку својата реч. Ова е истата животна заедница што е прикажана со јадењето на неговото тело и со пиењето на неговата крв. Христовите зборови се дух и живот. Прифаќајќи ги нив, го примате животот на Лозата. Вие живеете „од секој збор што излегува од Божјата уста“ (Матеј 4,4). Христовиот живот во вас донесува ист плод како во него. Ако живеете во Христа, ако сте му предани на Христа, ако Христос ве поддржува, ако црпете храна од Христа, ќе донесете род сличен на Христовиот.

На последната средба со своите ученици Христос изразил голема желба да се сакаат еден со друг како што ги сакал Тој нив. Често зборувал за ова. „Ова е моја заповед“, повторно рекол, „да се љубите еден со друг.“ Првиот налог што им го упатил во Горната соба додека биле сами гласел: „Ви давам нова заповед: ‘Да се љубите еден со друг; како јас што ве љубев вас, така и вие да се љубите еден со друг.’“ За учениците оваа заповед била нова, зашто меѓусебно не се сакале како што ги сакал Христос. Видел дека меѓу нив мора да завладеат нови мисли и побуди, дека во животот треба да спроведуваат нови начела; преку неговиот живот и смрт требало да примат нов поим за љубовта. Во светлината на неговото самопожртвување заповедта да се љубат еден со друг добила ново значење. Целокупното дело на милоста е постојана служба од љубов, служба на самооткажување и самопрегор. Во секој миг на Христовиот престој на земјата, од него како незапирлива река се излевала Божјата љубов. Сите што се исполнети со неговиот Дух, ќе сакаат онака како што сакал Тој. Со истото начело што го движело Христа, ќе бидат вдахнати и тие во сите свои меѓусебни односи.

Оваа љубов е доказ за нивното учеништво. „По ова сите ќе познаат дека сте мои ученици“, рекол Исус, „ако имате љубов меѓу себе!“ Кога луѓето се поврзани меѓусебно, не со сила или со лични интереси, туку со љубов, покажуваат дека дејствува едно влијание што е повозвишено од секое човечко влијание. Таму каде што постои такво единство, тоа е доказ дека во човечкиот род е обновен Божјиот лик и дека им е всадено ново животно начело. Тоа покажува дека во божествената природа постои сила што може да им се противстави на природните сили на злото и дека Божјата милост ја победува себичноста својствена на природата на човечкото срце.

Оваа љубов, покажана во Црквата, сигурно ќе предизвика бес кај сатаната. Христос не покажал лесна патека за своите ученици. „Ако светот ве мрази вас“, рекол, „знајте дека мене ме мразеше уште пред вас. Да бевте од овој свет, светот би ги љубел своите; но бидејќи не сте од светот, туку јас ве избрав од светот, затоа светот ве мрази. Помнете ги зборовите што ви ги реков: ‘Слугата не е поголем од својот господар.’ Ако ме прогонуваа мене, ќе ве прогонуваат и вас; ако ги пазеа моите зборови, ќе ги пазат и вашите. Туку, сето ова ќе ви го прават заради моето име, затоа што не го познаваат Оној кој ме прати.“ Евангелието треба незапирливо да напредува среде противења, опасности, загуби и страдања. Меѓутоа, оние што ја извршуваат оваа работа, само ги следат стапките на својот Учител.

Како Откупител на светот, Христос постојано бил соочен со привиден неуспех. Тој, Весник на милоста за нашиот свет, како да извршил малку од работата што копнеел да ја изврши подигајќи и спасувајќи. Сатанските влијанија постојано дејствувале создавајќи пречки на неговиот пат. Но Тој не се обесхрабрувал. Низ пророштвото на Исаија Тој објавува: „Залудно се мачев и напразно ја потрошив мојата сила. Сепак, кај Господа е моето право, и кај мојот Бог мојата награда… Ако Израел и не се собере, пак ќе се прославам пред Господа, и Бог мој ќе биде сила моја.“ На Христа му е дадено ветување: „Вака му вели Господ, Откупителот Израелов, Светецот негов, на Оној што го презираат и што го отфрлаат народите… Вака вели Господ… Те создадов и те поставив за завет на народот, да ја подигнам земјата, повторно да го разделам опустеното наследство, да им кажеш на затворениците: ‘Излезете!’ а на оние што се во мрак: ‘Дојдете на светлина!’… Нема повеќе да гладуваат ниту да жеднеат, нема да ги мачи жега ни сонце, зашто ќе ги води Оној што им се смилувал, ќе ги доведе на извори водни“ (Исаија 49,4.5.7-10). (продолжува)

Pin It on Pinterest