(продолжува од претходниот ден) Народот се собирал околу Христа. Со срце полно со наклоност, мноштвото со поголемо задоволство ги прифатило поуките за љубовта и за добрата волја отколку строгите обреди што ги барале свештениците. Кога свештениците и рабините не би се противставиле, неговото учење би извршило таква реформа, каква што овој свет никогаш не доживеал. Но, за да ја одржат својата сила, овие водачи решиле да го скршат Исусовото влијание. Ако успеат да го изведат пред Синедрионот и ако јавно го осудат неговото учење, тоа ќе им помогне да ја постигнат оваа цел, зашто народот сè уште негувал голема почит кон своите верски водачи. Ако некој имал смелост да ги осуди рабинските барања или да се обиде да го олесни товарот што му го натовариле тие на народот, него го сметале за виновен не само поради богохулство, туку и за предавство. Врз основа на ова, рабините се надевале дека ќе предизвикаат презир кон Христа. Тие Христа го претставиле како човек кој се обидува да ги обори утврдените обичаи и со тоа да предизвика поделби кај народот и да подготви пат за целосно подјармување од страна на Римјаните.
Меѓутоа, плановите што рабините толку ревно се обидувале да ги спроведат во дело потекнувале од еден друг извор, а не од Синедрионот. Бидејќи сатаната не успеал да го совлада Христа во пустината, ги соединил сите сили да му се противстави во неговата служба и, ако е можно, да ја осуети неговата работа. Тоа што не можел да го изврши со непосреден личен напор, решил да го постигне со итрина. Штом се повлекол по судирот во пустината, веднаш на советот со своите заговорници-ангели ги усовршил плановите за натамошно заслепување на умовите на еврејскиот народ за да не го препознаат својот Откупител. Испланирал во верскиот свет да работи преку свои човечки орудија, исполнувајќи ги со своето непријателство кон Поборникот на вистината. Тој ќе ги наведе да го отфрлат Христа и колку што може повеќе да му го загорчуваат животот, надевајќи се дека ќе го обесхрабри во неговата мисија. Водачите на Израел станале сатански средства во борбата против Спасителот. Исус дошол „да го стори законот голем и славен“. Тој не ја намалил неговата возвишеност, туку го издигнал. Писмото вели: „Нема да му здодее ниту ќе се умори додека не постави суд на земјата“ (Исаија 42,21.4). Дошол да ја ослободи саботата од тешките бремиња што ја сториле проклетство наместо благослов.
Од оваа причина Тој ја избрал саботата да го изврши исцелувањето во Витезда. Болниот човек можел да го излечи и во некој друг ден на седмицата, или можел да го излечи а да не му наложи да ја понесе својата постела. Но тоа не би му ја дало приликата што ја сакал. Во основата на секое дело на Христовиот живот на земјата се наоѓала некоја мудра намера. Сè што правел било важно само по себе и по својата поучност. Меѓу несреќниците во бањата го избрал најтешкот случај врз кого ја искажал својата исцелителска сила и му наредил на човекот да ја понесе својата постела низ градот со цел да го објави големото дело сторено над него. Ова ќе поттикне прашање што е законито да се прави во сабота и ќе му го отвори патот да ги обвини еврејските ограничувања во врска со Господовиот ден и да објави дека нивното предание е ништожно.
Исус им објаснил дека делото на лекување на болните во сабота е во сообразност со законот за саботата. Тоа било во со гласност со работата на Божјите ангели што постојано слегуваат и се качуваат меѓу небото и земјата служејќи му на човештвото што страда. „Мојот Отец работи, и јас работам.“ Сите денови се Божји во кои треба да се спроведуваат во дело неговите планови за човечкиот род. Ако еврејското толкување на законот било исправно, тогаш греши Јехова чие што дело оживува и одржува секое суштество откако ги поставил темелите на земјата; тогаш Тој, кој објавил дека неговото дело е добро, и кој ја воспоставил саботата како спомен на создавањето, мора да ја заврши својата работа и да го запре непрекинатиот од на вселената.
Треба ли Бог да му забрани на Сонцето да ја извршува свoјата должност во сабота, да ги задржи неговите топли зраци да не ја загреваат земјата и да ги хранат растенијата што растат? Дали системот на световите мора да мирува во текот на тој свет ден? Треба ли тој да им нареди на потоците да се воздржат од залевање на полињата и шумите и да им наложи на морските бранови да не создаваат постојано плими и осеки? Мора ли пченицата и пченката да престанат да растат, а зрелиот грозд да го запре руменилото на својата зрелост? Мора ли дрвјата и цутовите да престанат да пупат и да цутат во сабота? (продолжува)