(продолжува од претходниот ден) Во тој случај луѓето не би ги добиле плодовите на земјата и благословите што животот го прават посакуван. Природата мора да го продолжи својот непроменлив ток. Бог не може ниту за миг да ја задржи својата рака, инаку човекот би паднал и би умрел. Во тој ден и човекот има работи што треба да ги извршува. Животните потреби мора да се задоволат, болните мора да се негуваат, скудноста на сиромасите мора да се ублажи. Ќе биде виновен оној што ќе занемари во сабота да му помогне некому кој е во неволја. Божјиот свет одмор е создаден за човекот и делата на милосрдие се во совршена хармонија со неговата цел. Бог не сака неговите созданија ниеден миг да поднесуваат болка што може да се отстрани во сабота или во кој и да е друг ден.

Ние во сабота од Бога бараме многу повеќе отколку во другите денови. Неговиот народ во тоа време ја напушта својата вообичаена работа и времето го поминува во размислување и на богослужение. Тие бараат од Него многу повеќе помош отколку во другите денови. Бараат негово посебно внимание. Понизно и упорно бараат негови посебни благослови. Бог не чека да помине саботата и дури тогаш да ги исполни овие молби. Небесниот труд никогаш не престанува, па ни луѓето никогаш не треба да се одмораат од правење на добро. Саботата не е замислена како време за безделничење. Законот забранува световна работа во Господовиот ден за одмор; напорната работа со која заработуваме за животот мора да престане; никаква работа за световни задоволства и корист во тој ден не е во со образност со законот; но, како Бог што престанал со својата создателска работа и се одморил во сабота и ја благословил, така и човекот треба да го напушти своето занимање од секој дневниот живот и тие свети часови да ги посвети за здрав одмор, за служба на Бога и за свети дела. Христовото дело на исцелување на болниот било во совршена хармонија со законот. Тоа ѝ оддало почест на саботата. Христос ги истакнал своите еднакви права со Бога во земната работа која била исто толку света и со ист карактер како и работата на неговиот Отец на небото. Меѓутоа, фарисеите уште повеќе се разлутиле. Според нивното сфаќање, Тој не само што го прекршил законот, туку со тоа што Бога го нарекол „свој Татко“, себеси се прогласил за еднаков со Бога (Јован 5,18).

Целиот еврејски народ Бога го нарекувал свој Татко, и тие не би се разгневиле толку кога и Христос би се претставил себеси како стои во ист однос спрема Бога. Го обвиниле поради богохулство, покажувајќи дека го сфаќаат како Оној кој на тоа полага право во највозвишена смисла.

Овие Христови противници немале никакви докази да им се противстават на вистините што ги врежувал Тој во нивната совест. Тие можеле да ги наведуваат само своите обичаи и преданија, а тоа изгледало слабо и безживотно во споредба со доказите што ги црпел Исус од Божјата реч и од непрекинатиот ток на природата. Кога рабините би чувствувале некаква желба да ја примат светлината, би биле осведочени дека Исус ја зборува вистината. Меѓутоа, ги избегнувале фактите за кои зборувал во врска со саботата и се обидувале да поттикнат гнев против него затоа што тврдел дека е еднаков со Бога. Бесот на поглаварите не знаел за граници. Кога не би се плашеле од народот, свештениците и рабините тој миг би го убиле Исуса. Но народните чувства кон него биле силни. Мнозина во Исуса препознале пријател што ги излечил нивните болести и ги утешил нивните таги, па го оправдувале неговото исцелување на болниот од Витезда. Така за извесно време водачите биле присилени да ја придушуваат својата омраза.

Христос го отфрлил обвинувањето за богохулство. Моја власт е, рекол, да го извршувам ова дело за кое ме обвинувате, а тоа доаѓа оттаму што сум јас Божји Син, што имам со него иста природа, иста волја и цел. Во сите негови дела на создавањето и провидението јас соработувам со Бога: „Синот не може ништо да прави сам од себе, ако не гледа што прави Отецот.“ Свештениците и рабините Божјиот Син го повикале на одговорност токму поради она дело заради кое бил пратен на светот да го изврши. Со своите гревови тие се одвоиле од Бога и во својата горделивост дејствувале независно од него. Биле самоуверени и не ја сфатиле потребата од повозвишена мудрост што би управувала со нивните дела. Меѓутоа, Божјиот Син ѝ бил потчинет на Божјата волја и бил зависен од неговата сила. Христос потполно бил ослободен од своето „јас“, така што не правел никакви планови за себе. Ги прифатил Божјите планови што му ги одредил и што му ги откривал Отецот секој ден. И ние треба да зависиме од Бога така што нашиот живот едноставно да биде исполнување на неговата волја. (продолжува)

Pin It on Pinterest