(продолжува од претходниот ден) Исус продолжил, повлекувајќи остра разлика меѓу ставот на Евреите и Аврамовиот став: „Вашиот татко, Аврам, бликаше од радост и желба да го види мојот ден, и го виде и се израдува.“

Аврам жеднеел да го види ветениот Спасител. Тој топло се молел пред својата смрт да го види Месија. И го видел Христа. Му била дадена натприродна светлина и тој го препознал Христовиот божествен карактер. Го видел неговиот ден и се радувал. Нему му е дадено да ја види божествената жртва за гревот. Во своето сопствено искуство имал сликовит приказ за оваа жртва. Добил заповед: „Земи го својот син, својот мил единец, Исак… и принеси го како жртва паленица“ (1. Мојсеева 2,2). На жртвениот олтар го положил ветениот син, синот во кого биле сосредоточени сите негови надежи. Тогаш, додека чекал крај олтарот со подигнат нож да го послуша Бога, слушнал глас од небото како зборува: „Не спуштај ја раката врз момчето и не прави му ништо! Еве, сега знам дека се боиш од Бога, зашто не го поштеди ни својот син, својот единец“ (1. Мојсеева 22,12). Ова страшно искушение го снашло Аврама за да може да го види Христовиот ден и да ја сфати големата Божја љубов кон светот, толку голема што својот единороден Син го предал на најсрамна смрт за да го подигне понижениот свет.

Аврам од Бога ја научил најголемата поука што кога и да е му е дадена на еден смртник. Неговата молитва да го види Христа пред својата смрт е примена. Тој го видел Христа; тој видел сè што може да види еден смртник и да остане жив. Со својата целосна преданост можел да го сфати видението за Христа што му е дадено. Нему му е покажано дека, кога го дал својот единороден Син за спасение на грешникот од вечна пропаст, Бог поднел поголема и повеличествена жртва од онаа што човекот кога било би можел да ја поднесе.

Искуството на Аврама дало одговор на прашањето: „Со што ќе излезам пред Господа? Дали ќе паднам ничкум пред Севишниот Бог? Ќе дојдам ли пред него со жртва паленица, со едногодишни телиња? Дали ќе му бидат милиилјада овнови, милион потоци масло? Треба ли да го принесам првородениот син поради мојот грев?“ (Михеј 6,6.7). Во Аврамовите зборови „Сине, Бог ќе се погрижи за јагне за жртва паленица“ и во Божјата грижа за жртва наместо Исака, било објавено дека ниеден човек не може да се откупи самиот себеси. Паганскиот систем на жртви Бог воопшто не можел да го прифати. Ниеден татко не смеел да го принесе својот син или ќерка како жртва за гревот. Само Божјиот Син може да ги носи гревовите на светот.

Низ своето сопствено страдање Аврам бил оспособен да ја види мисијата на жртвата на Спасителот. Меѓутоа, Израел не сакал да го сфати она што било толку неприфатливо за неговото горделиво срце. Христовите зборови што се однесувале на Аврама не оставиле подлабок впечаток врз неговите слушатели. Фарисеите во нив виделе само нов повод за дребничавост. Возвратиле со потсмев кога сакале да докажат дека Исус е неурамнотежен: „Уште немаш педесет години, а си го видел Аврама!“

Со сериозно достоинство Исус одговорил: „Вистина, вистина, ви велам: ‘ЈАС СУМ уште од пред да се роди Аврам.’“ Големиот собир замолкнал. Овој галилејски Учител тврдел дека Божјето име, дадено на Мојсеја да го изрази поимот на вечното Божје присуство, всушност е неговото име. Тој се прогласил за Оној кој постои вечно, кој му бил ветен на Израел, „чијшто искон е од почеток, од вечни времиња“ (Михеј 5,2).

Повторно свештениците и рабините го направиле Исуса богохулник. Неговата изјава дека е едно со Бога порано ги поттикнувала да го убијат, а неколку месеци подоцна јасно изјавиле: „Не те каменуваме заради добро дело, туку заради богохулство, зашто ти, иако си човек, се правиш Бог“ (Јован 10,33). Затоа што бил и што отворено изјавувал дека е Божји Син, намислиле да го уништат. Сега мнозина од народот, согласувајќи се со свештениците и рабините, зеле камење да фрлат на него. „Но Исус се засолни и излезе од храмот.“

Светлината засветила во темнината, и „темнината не ја обзеде“ (Јован 1,5).

„И кога заминуваше, виде човек, слеп од раѓање. А учениците го прашаа: ‘Учителе, кој згреши, тој или неговите родители, та се роди сеп?’ Исус одговори: ‘Не згреши ни тој ниту неговите родители, туку да се пројават Божјите дела врз него’… Штом го рече тоа, плукна наземи, направи кал со плунката и со неа ги намачка неговите очи, па му рече: ‘Оди, измиј се во бањата Силоам’ (што значи Пратен). Тој отиде, се изми и дојде гледајќи.“ (продолжува)

Pin It on Pinterest