(продолжува од претходниот ден) Фарисеите тврделе дека се Аврамови деца, а Исус им рекол дека ваквото тврдење можат да го докажат само ако прават Аврамови дела. Вистинските Аврамови деца живеат како што живеел тој живот послушен на Бога. Тие не би се обидувале да го убијат Оној што ја зборувал вистината пратена од Бога. Ковејќи заговор против Христа, рабините не правеле Аврамови дела. Било безвредно тоа што само биле непосредни Аврамови потомци. Без духовна врска со него, што би се открила при посредувањето на истиот дух и при вршењето на истите дела, тие не биле негови деца.
Ова начело има исто значење и за прашањето што долго го потресувало христијанскиот свет прашањето за наследство на апостолскиот ред. Потеклото од Аврама не се докажува со името или со родословието, туку со сродноста во карактерот. Така и апостолското наследство не почива врз пренесувањето на црковниот авторитет, туку врз духовниот однос. Животот, поттикнат од апостолскиот дух, со верата и со учењето на вистината што ја изнесувале тие, претставува вистински доказ за апостолското наследство. Тоа е она што луѓето ги прави наследници на првите учители на евангелието.
Исус негирал дека Евреите се Аврамови деца. Тој рекол: „Вие ги повторувате делата на својот татко.“ Подбивајќи се, тие одговориле: „Ние не сме родени од блудство, имаме еден Татко Бог.“
Овие зборови, како алузија на околностите на неговото раѓање, имале за цел да му зададат удар на Христа во присуство на оние што почнале да веруваат во него. Исус не обрнал вни мание на ова подло навестување, туку рекол: „Ако Бог беше ваш татко, ќе ме љубевте мене, зашто јас излегов и дојдов од Бога.“
Нивните дела сведочеле за нивната врска со оној што бил лажливец и убиец. „Ваш татко е ѓаволот“, рекол Исус, „и сакате да ги исполнувате желбите на вашиот татко. Тој беше човекоубиец од почеток и не остана при вистината, зашто во него нема вистина. … Мене не ми верувате бидејќи ви ја зборувам вистината“ (Јован 8,44.45). Фактот што Исус ја зборувал вистината, и тоа со сигурност, било причина што еврејските водачи не го прифатиле. Вистината ја открила сета погрешност на заблудата; таа го осудувала нивното учење и нивниот живот, па затоа била непожелна. Тие побргу би ги затвориле очите пред вистината отколку да се понизат и да признаат дека биле во заблуда. Не ја сакале вистината. Не ја сакале, иако била вистина.
„Кој од вас ме обвинува за грев? Ако ја зборувам вистината, зошто не ми верувате?“ Три години непријателите постојано го следеле Христа, обидувајќи се да најдат дамка во неговиот карактер. Сатаната и целиот сојуз на злото се обидувале да го совладаат; но кај него не можеле да најдат ништо што би им дало предимство. Дури и ѓаволите биле присилени да признаат: „Знам кој си ти, Светец Божји!“ (Марко 1,24). Пред очите на небото, пред очите на безгрешните светови и пред очите на грешните луѓе, Исус живеел според законот. Пред ангелите, пред луѓето и пред демоните, Тој изговорил зборови на кои никој не можел да им се противстави и кои од други усни би биле богохулни: „Јас секогаш го правам она што му е нему угодно.“
Фактот што Евреите не го примиле Христа иако не можеле да најдат никаков грев кај него докажува дека немале врска со Бога. Тие не го препознале неговиот глас во веста на неговиот Син. Сметале дека изрекуваат пресуда над Христа, но отфрлајќи го него, си изрекле пресуда себеси. „Оној кој е од Бога“, рекол Исус, „ги слуша Божјите зборови, а вие не ги слушате, затоа не сте од Бога.“
Поуката е вистинита за сите времиња. Многу луѓе што наоѓаат задоволство во потсмевот, во критикувањето, во барањето нешто што може во Божјата реч да се стави под сомневање, мислат дека со тоа ја докажуваат својата слобода на мислење и својата остроумност. Тие си замислуваат дека ѝ судат на Библијата, но всушност се осудуваат самите себе. Тие со тоа ја покажуваат својата неспособност да ги проценат вистините што имаат небесно потекло и што ја опфаќаат вечноста. Пред големата планина на Божјата правда, нивниот дух не е исполнет со страхопочит. Тие се занимаваат со безначајни подробности и со тоа ја покажуваат својата ограничена, земна природа, срце што бргу ја губи својата способност да го почитува Бога. Оној, чиешто срце одговорило на божествениот допир, ќе се стреми кон она што ќе го зголеми неговото познавање на Бога и што ќе го облагороди и издигне карактерот. Како цутот што го следи Сонцето, овозможувајќи им на сјајните зраци да го допрат и да го даруваат со прекрасна колоритска убавина, така и душата ќе го следи Сонцето на правдата за небесната светлина да може да го разубави карактерот со особините на Христовиот карактер. (продолжува)