“Потоа се искачи на гората и ги повика кај себе оние што ги одбра. Тие дојдоа кај него. И тој постави дванаесетмина да го придружуваат, и да ги праќа да проповедаат.“

На една падинка на гората, под дрвјата што засолнувале, недалеку од Галилејското Езеро, дванаесеттемина се повикани во апостолска служба и тука е изговорена и беседа на гората. Полињата и планините биле омилени места каде што се задржувал Исус и значителен дел на неговото учење побргу е искажан под ведро небо отколку во храмот или синагогите. Ниедна синагога не би можела да го прими мноштвото што го следело Христа, но тоа не е единствената причина поради која избрал да поучува во полињата и шумичките. Исус ги сакал сцените од природата. За него секое тивко место било свет храм.

Под дрвјата во Едем првите жители на земјата ја избрале својата светиња. Тука Христос одржувал врска со таткото на човештвото. Кога се истерани од рајот, нашите прародители и понатаму одржувале богослуженија на полињата и во шумичките и тука Христос ги наоѓал со евангелието на својата милост. Христос зборувал со Аврама под дабјето во Мамрија, со Исака кога навечер излегувал в поле да се моли, со Јакова на една падинка на ритчето кај Ветил, со Мојсеја среде мадијанските планини и со момчето Давид додека ги пасел своите стада. Според Христовото упатство, еврејскиот народ петнаесет векови секоја година ги напуштал своите домови една седмица и живеел во сеници направени од зелени гранки „од убави дрвја, палмови гранки и гранки од густи дрвја и поточни врби“ (3. Мојсеева 23,40).

При обучувањето на своите ученици Исус одбрал да се повлече од градската врева во тишината на полињата и ритчињата, зашто тоа повеќе одговарало на поуките за самооткажување на кои сакал да ги поучи.

Во текот на својата служба сакал да го собира народот околу себе под сино небо, на некоја падинка обрасната со трева или на брегот крај езерото. Овде, опкружен со делата на своето создавање, можел мислите на своите слушатели да ги пренасочи од вештачкото кон природното. Во растот и развивањето на природата биле откриени начелата на неговото царство. Подигајќи ги очите кон Божјите ритчиња и, набљудувајќи ги прекрасните дела на неговите раце, луѓето можат да ги научат драгоцените поуки за божествената вистина. Христовото учење би им се повторувало во сите подробности на природата. Така е тоа со сите што излегуваат в поле со Христа во своите срца. Тие ќе се чувствуваат опкружени со свето влијание. Подробностите од природата ги преземаат параболите на нашиот Господ и ги повторуваат неговите совети. Во допирот со Бога во природата, умот се издигнува, а срцето наоѓ а починка.

Сега требало да се преземе првиот чекор при организирањето на Црквата која по Христовото заминување ќе биде негов претставник на земјата. На располагање немале скапоцен храм, туку Спасителот своите ученици ги повел на своето омилено место на престој, па во нивните умови светите искуства тој ден засекогаш се поврзале со убавината на планините, долините и морињата.

Исус ги повикал учениците за да може да ги прати како свои сведоци, да му го објават на светот она што го виделе и што го чуле од него. Нивната служба била најважна служба во која кога и да е биле повикани човечките суштества, и по важност стоела веднаш зад Христовата служба. Тие требало да станат Божји соработници при спасувањето на светот. Како во Стариот завет што стоеле дванаесет патријарси како претставници на Израел, така требало и дванаесет апостоли да стојат како претставници на евангелската Црква.

Спасителот го познавал карактерот на луѓето што ги избрал; пред него биле откриени сите нивни слабости и грешки; ги знаел и опасностите низ кои ќе мора да поминат, одговорноста што ќе почива врз нив, па неговото срце било полно со нежна љубов кон овие избраници. Сам на планината близу до Галилејското Езеро, Тој цела ноќ поминал на молитва за нив, додека тие спиеле во подножјето на гората. При првите зраци на муграта ги повикал да дојдат кај него, зашто имал нешто важно да им соопшти. (продолжува)

Pin It on Pinterest