(продолжува од претходниот ден) Оние што тврдат дека Христос го укинал законот, учат дека Тој ја кршел саботата и ги оправдал своите ученици што го прават истото. На тој начин тие всушност заземаат ист став како и Евреите во својата дребничавост. Со ова тие му противречат на сведоштвото на Христа кој објавува: „Јас ги одржав заповедите на мојот Отец и останувам во неговата љубов“ (Јован 15,10). Ниту Спасителот, а ниту неговите следбеници, не го прекршиле законот за саботата. Христос бил жив претставник на законот. Во неговиот живот не постоел ниту еден прекршок на неговите свети правила. Набљудувајќи го овој народ како сведок, кој барал прилика да го осуди, Тој непредизвикан можел да каже: „Кој од вас ќе ми докаже некој грев?“ (Јован 8,46).

Спасителот не дошол да го отфрли она што го објавиле патријарсите и пророците, зашто Тој зборувал преку овие претставници. Сите вистини на Божјата реч произлегле од него. Меѓутоа, овие непроценливи скапоцености биле ставени во погрешни рамки. Нивниот драгоцен сјај станал слуга на заблудата. Бог сакал да се извадат од рамките на заблудата и да се стават во рамките на вистината. Ова дело може да го изврши само божествената рака. Со својата поврзаност со заблудата, вистината им служела на целите на непријателот на Бога и човекот. Христос дошол да ја постави таму каде што ќе го прославува Бога и ќе дејствува за спасението на човечкиот род.

„Саботата е создадена заради човекот, а не човекот заради саботата“, рекол Исус. Установите што ги воспоставил Бог му користат на човештвото. „Навистина, сето ова се случува заради нас.“ „И Павле, и Аполо, и Кифа, и светот, и животот, и смртта, и сегашноста, и иднината сè ви припаѓа вам, а вие му припаѓате на Христа, а Христос на Бога“ (2. Коринќаните 4,15; 1. Коринќаните 3,22.23). Законот од десет заповеди, чијшто дел е саботата, Бог му го дал како благослов на својот народ. „И ни нареди Господ“, рекол Мојсеј, „да ги извршуваме сите овие уредби со страхопочит кон нашиот Господ Бог за да бидеме секогаш среќни и да живееме“ (5. Мојсеева 6,24). На Израел преку псалмистот му е дадена порака: „Служете му на Господа со радост, пристапете му со весели песни! Запомнете: Господ е вистински Бог. Тој нè создал и ние сме негови; негов народ сме и стадо на неговото пасиште. Влезете со благодарност низ неговите порти, со песни во неговите дворови; благодарете му и славете го неговото име” (Псалм 100,2­4). А за сите што ја „почитуваат саботата и не ја сквернат“, изјавува Господ, „нив ќе ги доведам на мојата света гора и ќе ги развеселам во мојот молитвен дом“ (Исаија 56,6.7).

„Господар на саботата е Синот човечки.” Овие зборови се полни со поука и утеха. Затоа што саботата е создадена за човекот, таа е Господен ден. Таа му припаѓа на Христа. Зашто „сè настанало преку неа и ништо што постои не настанало без неа“ (Јован 1,3). Бидејќи Тој создал сè, ја создал и саботата и ја изделил како спомен на делото на создавањето. Таа укажува дека Тој е Творец и Оној кој посветува, огласувајќи дека Христос, кој создал сè на небото и на земјата, и кој одржува сè, е глава на Црквата и дека ние сме помирени со Бога со неговата сила. Зборувајќи за Израел, Тој рекол: „Им ги дадов моите саботи, како знак меѓу мене и нив, за да знаат дека јас сум Господ кој ги посветувам“ ги правам свети (Езекил 20,12). Значи, саботата е знак на Христовата сила со која нè прави свети. Таа им е дадена на сите што Христос ги прави свети. Како знак на неговата сила која посветува, саботата им е дадена на сите кои преку Христа стануваат дел на Божјиот Израел.

А Господ кажува: „Ако ја задржиш ногата да не ја погазиш саботата, и ако не работиш во мојот свет ден; ако саботата ти е мила и светиот Господен ден славен… тогаш ќе се радуваш во Господа“ (Исаија 58,13.14). За сите што ќе ја прифатат саботата како знак на Христовата творечка и откупителска моќ , таа ќе биде милина. Гледајќи го во неа Христа, и самите имаат милина во него. Саботата им укажува на делата на создавањето како доказ за неговата величествена моќ при откупувањето. Додека нè потсетува на загубениот едемски мир, таа зборува за мирот обновен преку Спасителот. Секое дело во природата го повторува неговиот повик: „Дојдете кај мене сите што сте онемоштени и обременети и јас ќе ви дадам починка“ (Матеј 11,28).

Pin It on Pinterest