(продолжува од претходниот ден) Ирод попусто чекал да биде ослободен од заклетвата и тогаш, преку своја волја, наредил да се погуби пророкот. Набргу пред царот и пред неговите гости е донесена главата на Јована. Засекогаш биле затворени усните што верно го опоменувале Ирода да се одврати од грешниот живот. Никогаш повеќе нема да се слушне тој глас што ги повикувал луѓето на покајание. Пирувањето таа ноќ било платено со животот на еден од најголемите пророци.
О колку често животот на невините е жртвуван поради неумереноста на оние што би требало да бидат чувари на правдата! Оној што принесува кон усните чаша жесток пијалак е одговорен за сета неправда што може да ја стори под дејство на нејзината замелушувачка сила. Кога сетилата ќе се умртват, човекот не може трезно да расудува или јасно да забележи што е правилно, а што погрешно. Тој му ја отвора вратата на сатаната за преку него да ги угнетува и да ги унуштува невините. „Виното понижува, ракијата скарува: безумник е тој што ним им се оддава.“ (Мудри изреки 20,1).
Поради тоа „правдата е потисната, … а оној што го избегнува злото, станува плен“ (Исаија 59,14.15). Оние што имаат право да судат над животите на своите ближни, треба да се чувствуваат виновни за злосторството кога ќе ѝ под легнат на неумереноста. Сите што го спроведуваат законот, треба и самите да го држат законот. Треба да бидат луѓе што владеат сами со себе. Потребно е потполно да господарат со своите телесни, умни и морални сили за да можат да поседуваат умна сила и високо чувство за праведност.
Главата на Јована Крстителот ѝ е однесена на Иродијада којашто ја примила со свирепо задоволство. Ликувала во својата одмазда и вообразувала дека совеста на Ирода нема повеќе да се вознемирува. Но од нејзиниот грев за неа не произлегла никаква среќа. Нејзиното име станало озлогласено и замразено, а сега Ирода повеќе го мачела грижа на совеста отколку тогаш кога го опоменувал пророкот. Влијанието на Јовановото учење не било замолкнато; тоа ќе се протега низ сите поколенија до крајот на светот.
На Ирода постојано пред очи му бил гревот што го сторил. Постојано барал растоварување од обвинувањата на немирната совест. Неговата доверба во Јована била непоколебана. Кога си спомнувал за неговиот живот на самооткажување, за неговите свечени, сериозни повици, за неговиот здрав суд во советите и за начинот на кој умрел Ирод не можел да најде мир. Зафатен со државнички работи, примајќи почести од луѓето, покажувал насмеано лице и достоинствено држење, додека го прикривал неспокојното срце, постојано оптоварено со страв дека врз него почива проклетство.
Јовановите зборови дека од Бога не може да се скрие ништо, оставиле длабок впечаток врз Ирода. Бил убеден дека Бог е присутен на секое место, дека бил сведок на пирувањето во салата за време на приредбата, дека ја чул наредбата да му се пресече на Јована главата, дека го видел ликувањето на Иродијада и навредите на пресечената глава на оној што ја карал. И многу од она што го слушал Ирод од усните на пророкот сега ѝ зборувало на неговата совест далеку појасно отколку проповедите во пустината.
Кога Ирод слушнал за Христовите дела, многу се вознемирил. Мислел дека Бог го подигнал Јована од мртвите и го пратил со уште поголема сила да го осуди гревот. Живеел во постојан страв дека Јован ќе ја одмазди својата смрт, осудувајќи го него и неговиот дом. Ирод сега го пожнеал она што Бог рекол дека ќе биде последица на гревот, на грешниот живот: “плашливо срце, потонати очи, мачна душа. Животот ќе ти виси на нишка; ќе се плашиш и дење и ноќе, и нема да бидеш сигурен за својот живот. Од стравот што ќе ти го стега срцето и од сцените што ќе ги гледаат твоите очи, наутро ќе велиш: ‘О камо да е веќ е вечер!’, а навечер ќе зборуваш: ‘О камо да е веќе утро!’“ (5. Мојсеева 28,6567). Мислите на грешникот се негови тужители, и не постои поголемо мачење од осилото на немирната совест што не му дава мир ни дење ни ноќе.
За многу умови судбината на Јована Крстителот е завиткана во длабока тајна. Тие поставуваат прашање зошто морал да гние и да умре во затвор. Нашиот човечки поглед не може да проникне во тајната на ова мрачно провидение, но тоа не може никогаш да ја поколеба нашата доверба во Бога кога ќе се сетиме дека Јован бил само соучесник во Христовите страдања. Сите што го следат Христа ќе носат круна на жртва. Тие сигурно ќе наидат на неразбирање кај себичните луѓе и ќе станат мета на жестоки сатански напади. Неговото царство е основано да го уништи ова начело на самопожртвуваност и сатаната ќе се бори против него секаде каде што ќе се појави тоа. (продолжува)