(продолжува од претходниот ден) Како весник на Месија, Јован бил „повеќе од пророк“, зашто пророците од далеку го виделе Христовото доаѓање, а на Јована му било дадено да го види, да го чуе небесното сведоштво за неговото месијанство и да му го претстави на Израел како Испратениот од Бога. Сепак, Исус рекол: „Но нај малиот во Божјето царство е поголем од него.“

Пророкот Јован бил врска меѓу две епохи. Како Божји претставник станал да покаже како законот и Пророците се однесуваат на христијанската епоха. Бил помалечка светлина што требало да биде следена од поголема. Умот на Јована бил расветлен со Светиот Дух за да може да го расветли својот народ, но ниедна друга светлина што кога и да е светела, или кога и да е ќе засвети над паднатиот човек, не била толку јасна како онаа што произлегла од Исусовото учење и од неговиот пример. Христос и неговата задача нејасно се сфатени со помош на жртвите што биле само сенка. Дури ни Јован не ја сфатил потполно иднината, бесмртниот живот преку Спасителот.

Освен радоста што ја наоѓал Јован во својата задача, неговиот живот бил живот на болка. Неговиот глас ретко се слушал, освен во пустината. Ја делел судбината на осамените. Не му било дозволено да го види резултатот на сопствениот труд. Ја немал таа предност да се дружи со Христа и да биде сведок на една манифестација на божествената сила придружувана со уште поголема светлина. Тој не можел да види како на слепите им се враќа видот, како болните оздравуваат и мртвите воскреснуваат. Не ја видел светлината што светела од секој Христов збор, осветлувајќи ги со слава ветените пророштва. Најмалиот ученик што ги видел Христовите силни дела и што ги слушал неговите зборови, во оваа смисла имал многу поголема привилегија од Јована Крстителот и затоа е кажано дека е поголем од него.

Мноштвото луѓе што го слушале Јовановото проповедање, гласот за него го однеле низ сета земја. За резултатот на неговото затворање се чувствувал голем интерес. Сепак, неговиот беспрекорен живот и силната јавна наклоност кон него, наведувале на верување дека против него нема да се преземат никакви насилнички мерки.

Ирод верувал дека Јован е Божји пророк и имал намера да го ослободи. Меѓутоа, се колебал во оваа намера плашејќи се од Иродијада.

Иродијада знаела дека со непосредни мерки никогаш нема да добие согласност од Ирода за смртта на Јована и затоа решила својата цел да ја постигне со итрина. За роденденот на царот требало да приготви забава за државните службеници и за дворските благородници. Ќе има пирување и пијанство, ќе биде невнимателен и тогаш таа по своја желба ќе може да влијае врз него.

Кога настапил големиот ден, и кога царот со своите моќници се оддал на јадење и пиење, Иродијада ја пратила својата ќерка во свечената сала со танцување да ги забавува гостите. Салома, во првиот цут на својата женственост, со својата сетилна убавина ги занела силниците што пирувале. Не било вообичаено на вакви свечености да се појавуваат дворски дами, па на Ирода му се упатени ласкави пофалби кога оваа ќерка на израелските свештеници и кнезови играла за да ги забавува неговите гости.

Царот бил замелушен од виното. Страста завладеала, а разумот бил развластен. Ја видел само салата за забава со гостите што пирувале, свечената трпеза, искричавото вино, блескотната светлина и младата девојка како танцува пред него. Во миг на лекомисленост посакал да стори нешто што би го издигнало пред големите луѓе на неговото царство. Под заклетва ветил дека на ќерката на Иродијада ќе ѝ даде сè што ќе побара, дури тоа да е и половина од неговото царство.

Салома побрзала кај мајка си да дознае што да бара. Одговорот бил подготвен ­ главата на Јована Крстителот. Салома не знаела за жедта на одмаздата во срцето на својата мајка и се повлекла пред ова барање, но преовладала решителноста на Иродијада. Девојката се вратила со страшната молба: „Сакам да ми ја дадеш, сега веднаш, на чинија, главата на Јована Крстителот“ (Марко 6,25).

Ирод се стаписал и се вчудовидел. Разузданата веселба престанала и во салата на пирувањето завладеала кобна тишина. Царот го опфатил ужас при помислата да му го одземе животот на Јована. Сепак, дал свој збор и не сакал да биде несигурен или брзоплет. Цврстото ветување е дадено во чест на неговите гости и кога само еден од нив би рекол некој збор против исполнувањето на ова ветување, тој радо би му го поштедил животот на пророкот. Им дал можност да зборуваат во полза на овој затвореник. Поминувале големи далечини за да го слушаат проповедањето на Јована, знаеле дека е човек без вина и Божји слуга. Меѓутоа, иако погодени со барањето на девојката, биле премногу замелушени со пиењето за да можат да вложат некаков приговор. Не се подигнал ниту еден глас да го спаси животот на небесниот весник. Овие луѓе заземале високи, доверливи положби во народот и врз нив почивале големи одговорности, па сепак се оддале на пирување и на пијанство сè додека нивните сетила не отапиле. Нивните глави биле поматени со вртоглавата сцена на музиката и играта, а со веста успиена. Со своето молчење тие на Божјиот пророк му изрекле смртна пресуда за да ја задоволат одмаздливоста на една развратна жена. (продолжува)

Pin It on Pinterest