(продолжува од претходниот ден) Мојсеј на Гората на преобразението бил сведок на Христовата победа над гревот и смртта. Тој ги претставува оние што ќе станат од гробот при воскресението на праведните. Илија, кој бил земен на небото без да вкуси смрт, ги претставува оние што ќе живеат на земјата при Христовото второ доаѓање и кои „ќе се преобразат, наеднаш, за миг, при последната труба“, кога „ова распадливо тело треба да се облече во нераспадливост и ова смртно тело да се облече во бесмртност“ (1. Коринќаните 15,51­53). Исус бил облечен во небесна светлина, како што ќе биде и тогаш кога ќе се појави по вторпат „не заради грев, туку за спасение“. Зашто Тој ќе дојде „во слава на својот Отец со светите ангели“ (Евреите 9,28; Марко 8,38). Ветувањето на Спасителот дадено на учениците сега се исполнило. На планината во минијатура е претставено идното царство на славата Христос цар, Мојсеј претставник на воскреснатите свети, а Илија на преобразените.

Учениците сè уште не ја сфатиле сцената, но се радувале што стрпливиот Учител, Кроткиот и Понизниот, кој поминувал низ земјата како беспомошен странец, е почитуван од страна на небесните избраници. Верувале дека Илија дошол да го објави владеењето на Месија и дека наскоро на земјата ќе се воспостави Христовото царство. Сеќавањето на стравот и разочарувањето засекогаш ќе го отфрлат. Копнееле да живеат овде, каде што се открила Божјата слава. Петар извикнал: „Господе, убаво ни е тука. Ако сакаш, ќе направам три сеници: една за тебе, една за Мојсеја и една за Илија.“ Учениците биле уверени дека Мојсеј и Илија биле пратени да го заштитат нивниот Учител и да ја воспостават неговата царска власт.

Меѓутоа, пред круната мора да дојде крст. Предмет на нивниот разговор со Исуса не било Христовото прогласување за цар, туку смртта што ќе се случи во Ерусалим. Носејќи ги слабостите на човечката природа, оптоварен со болката и гревот, Исус сам чекорел меѓу луѓето. Додека го притискала темнината на претстојното искушение, Тој бил осамен во духот, во светот што не го познавал. Дури и неговите сакани ученици, оптоварени со своите лични сомневања, со жалост и со славољубиви надежи, не ја сфатиле тајната на неговата мисија. Живеел среде небесна љубов и пријателство, но бил осамен на светот што самиот го создал.

Сега Небото пратило свои весници кај Исуса; не ангели, туку луѓе кои претрпеле страдања и жалости и кои можеле да сочувствуваат со Спасителот во искушението на неговиот земен живот. Мојсеј и Илија биле соработници со Христа; тие учествувале во неговиот копнеж да ги спаси луѓето. Мојсеј сесрдно се молел за Израел: „Прости им го тој грев. Ако не сакаш, тогаш избриши ме и мене од својата книга што си ја напишал“ (2. Мојсеева 32,32). Илија ја познавал осаменоста на духот, зашто за три и пол години на гладот го носел товарот на омразата и клетвите на народот. Стоел сам за Бога на кармилската гора. Сам побегнал во пустината разочаран и очаен. Овие луѓе, избрани и почестени како и секој ангел околу престолот, дошле да разговараат со Исуса за неговото страдање и да го утешат уверувајќи го дека небото сочувствува со него. Предмет на нивниот разговор била надежта на светот, спасението на секое човечко суштество.

Совладани од сон, учениците малку чуле од она што се случувало меѓу Христа и небесните весници. Пропуштајќи да бдеат и да се молат, не го примиле она што сакал Бог да им го даде сознание за Христовите страдања и за славата што ќе настапи потоа. Го загубиле благословот што можеле да го добијат кога би учествувале во неговото самопожртвување. Со бавно срце за верување, овие ученици малку го ценеле богат ството со кое Небото сакало да ги збогати.

Сепак, примиле голема светлина. Биле уверени дека целото небо знае за гревот што го сториле Евреите отфрлајќи го Христа. Добиле појасен увид во делото на Откупителот. Со свои очи го виделе и со свои уши го слушале она што го надминувало човечкото сфаќање. Тие „сами биле очевидци на неговото величество“ (2. Петрово 1,16) и сфатиле дека Исус навистина е Месија за кого сведочеле патријарсите и пророците и кого за таков го признава вселената.

Набљудувајќи ја сè уште без здив сцената на планината, „ги засолни сјајен облак и се слушна глас од облакот: ‘Овој е мојот возљубен Син, кој е по мојата волја, слушајте го него!“ Додека го набљудувале сјајниот облак, посјаен од оној што одел пред Израеловите племиња во пустината, додека го слушале Божјиот глас кој зборувал со возвишена величественост што ги потресувала планините, учениците испопаѓале на земја. Останале ничкум со скриени лица сè додека Исус не им се приближил и ги допрел, растерувајќи го нивниот страв со својот добро познат глас: „Станете, не плашете се!“ Осмелувајќи се да ги подигнат очите, виделе дека небесната слава поминала, а Мојсеј и Илија исчезнале. Стоеле на планината сами со Исуса.

Pin It on Pinterest